1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

САД: Републиканците во хаос

Ралф Борхард | АРД
4 јануари 2023

При изборот на претседател на Претставничкиот дом на САД, републиканскиот кандидат Меккарти доживеа катастрофален пораз. По три изборни круга тој не го доби потребното мнозинство. Седницата ќе продолжи денеска.

Горчлив пораз за Кевин Мекарти од неговите сопартијци
Горчлив пораз за Кевин Мекарти од неговите сопартијциФотографија: Win McNamee/AFP/Getty Images

Тоа се нема случено повеќе од 100 години. Кандидат на партија која има мнозинство во Претставничкиот дом да не добие доволен број гласови. „Не е избран претседател“, соопшти привремениот претседател по гласањето.

Всушност тоа требаше да биде врвот во кариерата на Кевин Меккарти. Пред гласањето 57-годишниот републикански кандидат нагласи: „Би можело да дојде до борба во пленумот. Но, тоа е борба за пратеничката група и за земјата“.

20 републикански гласови против

Меккарти беше одлучен да го повторува гласањето додека не добие потребно мнозинство. Но, во првите два круга од гласањето доживеа катастрофален пораз. 19 претставници од сопствените редови гласаа против него, повеќе од што се очекуваше. Во третиот круг бројот на противниците од неговата партија се зголеми на 20. Единствен излез беше прекинување на седницата, за што претставниците и гласаа. Прекинот е до 12 часа наредниот ден.

Како натаму ќе се одвиваат работите е целосно отворено. Едно е сигурно: републиканците се поделени. За бунтовниците од десницата во партијата Меккарти не е доволно решителен во борбата против претседателот Џо Бајден и неговите демократи.

„Ако треба да се исуши мочуриште не може да му се повери налогот за тоа на најголемиот алигатор“, изјави неговиот соперник Мат Гец.

Решителниот противник на Меккарти: републиканскиот конгресмен Мат ГецФотографија: Alex Brandon/AP Photo/picture alliance

„Мислам дека Кевин ќе преговара со членовите на партијата кои не гласаа за него. Ќе ги праша што е потребно да ги поттикне да гласаат за него“, вели поддржувачката на Меккарти, републиканката Лиса Мекклејн. Но, тој такви преговори веќе водеше минатата недела - на крајот без успех.

Повеќе алтернативни кандидати

Поранешниот републикански претставник Чарли Дент изјави дека Меккарти мора да му го препушти местото на некој друг републиканец. „Тоа мора да дојде од луѓето кои го поддржуваат. Тие мораат да го уверат да се повлече. Но, тоа би можело да трае неколку дена.“

Како алтернативен кандидат се споменува Џим Џордан, кој застапува тврда линија во политиката и е симпатизер на Доналд Трамп. Подобри изгледи има веројатно Стив Скалис, досега втор човек во пратеничката група, зад Меккарти.

„Тоа едноставно е хаос“

Идниот претседател на Претставничкиот дом е формално трет човек во државата по влијание, по претседателот и потпретседателката. Без нов претседател во Претставничкиот дом не може да се работи, дури по успешниот избор претставниците можат да положат заклетва и да бидат именувани за претседатели на комисијата.

„Тоа едноставно е хаос. Тоа ја покажува целосната неспособност на републиканците за постигнување компромис и за владеење. Нив на наредниот Конгрес ќе ги истераат екстремистите во сопствената партија“, вака ја опиша состојбата демократскиот претставник Даниел Голдман.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми