1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиКосово

САД загрижени поради српските трупи на границата со Косово

ЖА
30 септември 2023

САД изразија загриженост поради трупањето српски сили на границата со Косово. Српскиот претседател Александар Вучиќ тоа го негира.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен разговарал со српскиот претседател за ситуацијата во северно КосовоФотографија: Alex Brandon/AP Photo/picture alliance

„Регистрираме големо српско воено присуство по должината на границата со Косово", изјави во петокот Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност на САД. Тоа вклучува „невидено распоредување на српска артилерија, тенкови и механизирана пешадија". САД сметаат дека ова претставува голем дестабилизирачки развој на настаните. „Ја повикуваме Србија да ги повлече овие сили од границата", изјави Кирби во Вашингтон.

Новите тензии меѓу Србија и Косово  достигнаа кулминација минатата недела: група од 30 тешко вооружени српски командоси влезе во битка со косовската полиција во местото Бањска кај Митровица во северно Косово. Убиени се тројца  српски напаѓачи и еден косовски полицаец.

Кирби изјави дека нападот бил „многу софистициран“ и дека вклучувал околу 20 возила, „воено оружје“, опрема и обука. „Не изгледа дека група луѓе спонтано се собрала за да го направи ова“.

Телефонски разговори на Блинкен со Вучиќ, на Саливан со Курти

Државниот секретар на САД Ентони Блинкен телефонски разговарал со српскиот претседател Александар Вучиќ, соопшти во петокот американскиот Стејт департмент во Вашингтон. 

Блинкен во таа прилика повикал на „итна деескалација и враќање кон дијалог“. Тој го поздравил фактот што НАТО одобрил распоредување дополнителни сили во Косово.

Како што пренесе српската новинска агенција Танјуг, Вучиќ во телефонскиот разговор со Блинкен наводите од Вашингтон ги оценил како „невистини“ и негирал дека се собираат големи воени единици на границата со Косово.

Српскиот претседател се сложил со Блинкен дека е неопходна деескалација и „значително поголема улога на КФОР“, се наведува во соопштението.

Советникот за национална безбедност на САД Џејк Саливан пак разговарал телефонски со косовскиот премиер Албин Курти и „изразил загриженост поради движењето на српската војска.“ Двајцата разговарале и за „дијалогот меѓу Косово и Србија со посредство на ЕУ, за кој Саливан истакнал дека е единствено долгорочно решение за обезбедување стабилност на цело Косово.“

На платформата Х (поранешен Твитер), косовскиот премиер Албин Курти побара помош од САД против „воените планови на Белград“.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг: Западната воена алијанса е спремна за зајакнување на мировните сили во КосовоФотографија: Ludovic Marin/AFP/Getty Images

Засилување на КФОР

Во Брисел генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг потврди дека западната воена алијанса е спремна за зајакнување на мировните сили на Косово во одговор на ситуацијата. „Секогаш ќе ги преземаме сите неопходни мерки заради обезбедување безбедно опкружување и слобода на движење за сите луѓе кои живеат во Косово“, изјави Столтенберг.

Северноатлантскиот совет, најважно тело за донесување одлуки во НАТО, одобри упатување дополнителен број војници во Косово, соопшти Алијансата  во Брисел. Прво беше нејасно колку војници ќе бидат таму дополнително стационирани. Британското Министерство за одбрана подоцна прецизираше дека Велика Британија му ставила на располагање на КФОР баталјон од 500 до 650 војници, кои неодамна стигнале во регионот на одамна планирани вежби.

КФОР е одговорен за безбедноста на Косово од 1999 година. Според последните информации, таму моментално има околу 4500 војници од 27 земји на НАТО и партнерски држави, од кои околу 80 од Германија.

Вооружена група Срби минатиот викенд ја нападна косовската полиција кај БањскаФотографија: Office of the Kosovo Government

Радоичиќ ја презеде одговорноста за нападот

Во меѓувреме  Милан Радоичиќ, политичар и бизнисмен и косовски Србин, ја презеде одговорноста за нападот од минатиот викенд. Тој тврди дека акцијата ја спровел самоиницијативно и не ја известил официјалната власт во Србија. Меѓутоа, владата во Приштина смета за неможно Радоичиќ да дејствувал самоиницијативно.

Косово, кое сега е речиси исклучиво населено од Албанци, се отцепи од Србија во 1999 година и прогласи независност во 2008 година. Повеќе од 100 земји, меѓу кои и Германија, ја признаваат независноста, но не и Србија. Спогодбата за нормализација, која ја предложи ЕУ, бара од Србија да го признае Косово де факто, но не и де јуре. За возврат, Косово би требало да дозволи формирање Српска заедница на општини во северно Косово. Но, Приштина во оваа точка гледа предвесник на сецесија.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми