1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Што може да се очекува од инаугурацијата на Доналд Трамп

Метју Ворд Агуис
18 јануари 2025

Инаугурацијата на претседателот на САД не се состои само од свечената церемонија на полагање заклетва, туку е повеќедневен настан кој вклучува многу раскош и помпа. Трамп, веројатно, ќе го крене сето тоа на повисоко ниво

Доналд Трамп ќе положи заклетва по вторпат
Доналд Трамп ќе положи заклетва по вторпатФотографија: Olivier Douliery/abaca/picture alliance

Шеесеттата американска претседателска инаугурација ќе се одржи во понеделник, 20 јануари, како што е традиција. Американскиот претседател Џо Бајден ќе ја напушти Белата куќа и, за првпат по Гровер Кливленд во 1893 година, поранешен претседател ќе се врати на функцијата без последователен мандат.

Инаугурацијата на Доналд Трамп ќе го потврди како 47-ми претседател на САД, покрај тоа што беше 45-ти претседател од 2017 до 2021 година.

Што е претседателска инаугурација?

Инаугурацијата не се состои само од свечената церемонија на полагање заклетва, туку е повеќедневен настан кој вклучува многу раскош и помпа.

Заедничкиот комитет на Конгресот на САД за инаугуративните церемонии го организира настанот, кој се одржува на секои четири години.

Во понеделник - Денот на инаугурацијата - Доналд Трамп ќе присуствува на традиционалната утринска служба во црквата Свети Јован во главниот град пред со неговата придружба да се упати на утрински чај во Белата куќа. Напладне ќе се одржи свечената заклетва на Трамп и на неговиот потпретседател Џеј Ди Венс.

Потоа, Трамп ќе го одржи своето инаугуративно обраќање до нацијата пред да се упати кон Претседателската соба во зградата на американскиот Капитол за да ги потпише неговите први уредби.

Во понеделник навечер се закажани три инаугурациски бала

Инаугурациската програма ќе заврши со Национална молитвена служба во вторник, 21 јануари.

Која е темата на инаугурацијата и што значи таа?

Темата на оваа годинешната инаугурација е „Нашата истрајна демократија: Уставно ветување“, која, според инаугуративниот комитет, „му оддава признание на аманетот на основачите на САД кон идните генерации на Американци за зачувување на континуитетот и стабилноста на демократскиот систем на владеење.“ Некои забележуваат дека темата е во остар контраст со дејствијата и последиците од 6 јануари 2021 година, кога Доналд Трамп ги поттикна своите најжестоки приврзеници да го нападнат Капитолот и да го спречат потврдувањето на изборната победа на Џо Бајден во 2020 година.

Иако правните дејствија против новиот претседател беа отфрлени, неодамнешен извештај објавен од поранешниот специјален советник Џек Смит сугерираше дека Трамп би бил осуден за својата улога, доколку не извојуваше изборна победа во ноември минатата година. Трамп исто така беше прогласен за виновен за фалсификување на деловни документи, но беше ослободен без ограничувања по изрекувањето на казната за неговите криминални дела. Тој е првиот осуден криминалец кој ќе стане претседател на САД.

Со оглед на бурните четири години кои му претходеа на неговото враќање во Белата куќа, централно прашање е како Трамп ќе се позиционира за време на инаугурацијата? „Мислам дека помирувањето не е нешто што го засега Трамп," изјави за ДВ Кејси Мајерс, експерт за политичка комуникација на универзитетот Вирџинија Тек. „Во прв ред, она што го интересира е врвна точка на движењето МАГА и неговиот [инаугуративен] говор како кулминација на четири години борба за да биде избран на функцијата“. Мајерс вели дека инаугурацијата ќе биде можност за Трамп и неговата администрација да го претстават својот нов пристап кон САД и кон светот.

„Мислам дека ќе видиме многу позиционирање околу силата [и] многу позиционирање во поттекстот на геополитиката," вели Мајерс. „Со оглед на фактот дека ова е толку значаен настан со преголема медиумска личност, која е многу вешта во начинот на кој ги користи медиумите, мислам дека ќе имаме огромно внимание."

Кој ќе присуствува?

Како што е обичај (иако Трамп го прекрши во 2021 година), сите живи поранешни претседатели на САД - Џо Бајден, Барак Обама, Џорџ В. Буш и Бил Клинтон — ќе присуствуваат на инаугурацијата. Освен Мишел Обама, која се повлече од неоткриени причини, поранешните први дами исто така ќе бидат присутни. Технолошките барони исто така ќе бидат добро претставени, особено со оглед на големата јавна поддршка што многумина му ја дадоа на новиот претседател. Предводи најбогатиот човек на светот, Илон Маск, кој даде значителна финансиска и медиумска помош на изборната кампања на републиканецот.

Над 20.000 гардисти ќе ја обезбедуваат инаугурацијата на Бајден

02:08

This browser does not support the video element.

Сопственикот на Амазон и на весникот „Вашингтон Пост“, Џеф Безос, како и основачот и претседател-извршен директор на Мета, Марк Закерберг, исто така ќе присуствуваат на инаугурацијата.

Историски погледнато, странските лидери не присуствувале на инаугурациите на претседателите на САД, туку биле претставени од амбасадорите на нивните земји. Сепак, неколкумина беа поканети од комитетот за инаугурација на Трамп, вклучувајќи го и претседателот на Кина, Ши Џинпинг, иако е малку веројатно дека тој ќе присуствува лично. Европските десничарски популистички лидери, како премиерот на Унгарија, Виктор Орбан и неговата италијанска колешка, Џорџа Мелони не го имаат потврдено своето присуство. И Орбан и Мелони се сретнаа со Трамп во неговиот дом во Флорида по изборите во ноември. Претседателот на Аргентина, Хавиер Милеј, кој исто така го посети Трамп по неговата изборна победа, се очекува да биде присутен на инаугурацијата.

Кој ќе настапува?

Меѓу потврдените музичари кои ќе настапат на инаугуративните настани е поранешната победничка на Американ Ајдол, Кери Андервуд, која ќе ја изведе „America the Beautiful" непосредно пред Трамп да положи заклетва.

Бендот Вилиџ Пипл ќе настапи на инаугуративните свечености за Доналд ТрампФотографија: Kevin Winter/Getty Images

Вилиџ Пипл, чии диско хитови Y.M.C.A. и Мачо Мен беа истакнато користени за најава на настапите Трамп на сцената за време на неговите митинзи во предизборната кампања, ќе настапат на Либерти балот и на МАГА победничкиот митинг.  Кантри пејачот Ли Гринвуд и оперскиот пејач Кристофер Макио исто така ќе настапат на инаугуративните свечености.

Што се случува по инаугурацијата?

По инаугурацијата, Доналд и Меланија Трамп ќе се преселат во Белата куќа и новата администрација ќе започне со работа. Тоа ќе вклучува потпишување на нови извршни наредби од страна на новиот претседател, и најверојатно, започнување на процес на повлекување или ново преговарање за договорите и спогодбите на САД со други нации и организации, како што е СЗО.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми