1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Што значи новата контролна мерка за посетителите на САД

16 декември 2025

Според новите планови на владата на Трамп, повеќе посетители на САД ќе бидат принудени да ја откријат својата активност на социјалните мрежи. Ова е последна во низата мерки за туристите и жителите родени надвор од САД.

Фотографија на која се гледа смартфон на чив екран е видлив профилот на американскиот претседател Доналд Трамп на Х, поранешен Твитер
Доналд Трамп сака повеќе туристи во САД да ги предадат на проверка своите профили на социјалните мрежиФотографија: Christoph Hardt/Panama Pictures/picture alliance

Граѓаните од нации кои конвенционално се сметаат за сојузници на САД од низок ризик наскоро ќе мора да ги дадат своите кориснички профили на социјалните мрежи при влез во земјата. Според плановите кои неделава ги објави министерството за внатрешна безбедност, патници од 42 земји, меѓу кои и Германија, Израел, Австралија и Јапонија, ќе бидат предмет на истите строги контроли како што е остатокот од светот уште од 2019 година. Досега патниците од 42 земји уживаа во безвизен режим, што значи дека можеа да престојуваат во САД до 90 дена без да аплицираат за виза, доколку имаа овластување од поедноставниот електронски систем ЕСТА. Новите предлози значат дека патниците  наскоро мошне веројатно ќе бидат обврзани да ја споделуваат својата историја на социјалните медиуми, телефонски броеви и е-адреси како дел од процесот на овластување за патување. Властите велат дека новите правила, кои наводно ќе стапат на сила на 8 февруари 2026 година, освен ако претходно не бидат оспорени на суд, се базираат на јануарскиот декрет на американскиот претседател Доналд Трамп за „проверка и скрининг до максимум“. Тоа следува веднаш по објавата од Стејт департментот во август дека сите иматели на визи за САД ќе бидат под „континуирана проверка“, вклучително и на социјалните медиуми.

Како би функционирала проверката на социјалните медиуми на патниците?

Од патниците ќе се бара да ги наведат корисничките имиња на социјалните медиуми и телефонските броеви што ги користеле во последните пет години, како и електронските адреси во последните 10 години, на формуларите за пријавување нема да се бараат детали за логирање. Затоа владата на САД теориски може да гледа само јавно достапни информации, освен ако не собере дополнителни детали директно од компаниите, што не е наведено како можност во документацијата. Сепак, се вели дека биометриските и голем број лични податоци за членови на семејството на апликантите, ќе бидат додадени на условите за влез кога тоа е „изводливо“.

Зошто ширењето омраза може да стане зависност?

01:02

This browser does not support the video element.

Предлогот е оскуден во однос на деталите за тоа како ќе бидат извидувани профилите на социјалните медиуми, односно како тоа веќе се прави. Но, логистиката за активното следење на толкав број профили отвора безброј прашања, објаснува за ДВ Дејвид Елис, експерт за дигитално однесување при Универзитетот во Бат, Англија. „Како ќе управуваат со сите тие податоци? Дали ги интересира само она што го кажувате, или е тоа што го гледате?“, прашува Елис, дел од Институтот за дигитална безбедност и однесување на универзитетот. „Повеќето луѓе онлајн многу не се искажуваат, но секако дека гледаме содржини онлајн, со која не се согласуваме, која не сме ни сакале да ја видиме. Па, како тие [американската влада] ќе прават разлика меѓу тоа што е алармантно, а што само ви било сервирано и вие сте го гледале три секунди?“, прашува експертот.

Што би барала американската влада во објави на туристите на социјалните мрежи?

Извршната наредба што го предизвика предлогот, се повикува на тероризам како причина за зголемување на претпазливоста за лица што доаѓаат од преку океанот. „САД мора да обезбедат дека странците што ги примаат и странците кои веќе престојуваат во земјата, немаат непријателски став спрема нејзините граѓани, култура, влада, институции или основачки принципи и не се залагаат, не помагаат или не поддржуваат странски терористи и други закани по националната безбедност“, се вели во наредбата.

За Елис фрази како „непријателски ставови“ се опасно отворени за толкување и можеби би можеле да се користат против луѓе кои лајкнале, погледнале или споделувале нешто со кое можеби дури и не се ни согласуваат. „Може да погледнете историја на нечиј ТикТок и да видите дека виделе видео кое промовира екстремни ставови, но го гледале само секунда. Дали е тоа подобро отколку да биле 30 секунди?“, праша тој. „Етички погледнато, тие треба да дадат оправдување, но би можеле само да кажат „не ни се допаѓа вашето користење на социјалните медиуми“ за да им отежнат на луѓе кои сакаат да дојдат во земјата со совршено добри намери“, вели тој. Нема конкретна референца за тоа кои околности треба да се исполнети за да може да се спречи влез на едно лице во САД. Индиции може да се најдат во политиката на американската влада опишана од страна на американскиот државен секретар Марко Рубио како „политика на еден удар“ која има за цел да идентификува и протера странски државјани кои го кршат законодавството на САД - независно од сериозноста на прекршокот. 

САД: Депортација поради објава на социјални мрежи?

00:55

This browser does not support the video element.

Програмата користи алатки за надзор со вештачка интелигенција за мониторирање на странски државјани во САД преку нивното присуство на социјалните медиуми и на протести. Правни експерти и организации за човекови права предупредуваат дека програмата особено ги таргетира поединците кои се чини дека изразуваат поддршка за организации оквалификувани како терористички од страна на САД, на пример Хамас или Хезболах, кога се зборува за правата на палестинскиот народ. Елис се сомнева дека слична, ако не и иста, технологија ќе се користи за туристите врз основа на новите правила. „Речиси и да мора да се користи вештачка интелигенција“, вели тој и додава дека „ресурсите потребни за мануелно да се помине сето тоа едноставно никогаш нема да бидат и дека ќе мора да се користат специфични пребарувања и нешта што треба да ги бараат. Ќе има огромни финансиски и еколошки трошоци таму, што и да биде одлучено. Се прашувам колку темелно е размислувано ова и колку лоши луѓе всушност ќе фатат“, додава тој.

Дали има и задршки во однос на приватноста?

Најочигледно оние што објавуваат анонимно онлајн ќе ја изгубат својата приватност при влез во САД. Исто така има загриженост за употребата на податоци. Во ЕУ корисниците може да откријат какви податоци чуваат за нив компаниите што ги управуваат социјалните медиуми, но таков механизам не е достапен за поединецот во САД. Исто така, има задршки дека промените ќе значат оти секој посетител на САД може да биде следен онолку долго колку што сака владата. „Речиси секој граѓанин кој не е државјанин на САД и кој ќе сака да влезе или да престојува во САД би бил предмет на неограничен надзор на социјалните медиуми од страна на американската влада“, оценува за Ал Џезира, Каролин ДеСел, законодавен советник во Институтот Прв Амандман „Најт“ при универзитетот Колумбија. Првиот амандман на Уставот на САД гарантира слобода на верска определба, говор, медиуми и мирен собир. ДеСел е меѓу оние кои се плашат дека промените значат оти потенцијалните посетители или имигранти во САД ќе мора да го цензурираат својот говор на социјалните медиуми, доколку сакаат да патуваат или да живеат во земјата. Исто така, има задршки за милионите што ќе патуваат на светското првенство во фудбал во 2026та година, кое ќе се одржи во Канада, Мексико и САД. Навивачите на Иран и Хаити веќе се непожелни заради забраната за патување што ја наметна Трамп. Ронан Евајн, извршниот директор на Фудбалски поддржувачи на Европа, вели дека правата на оние што доаѓаат на натпреварите треба да бидат заштитени. „Слободата на изразување и правото на приватност се универзални човекови права. Ниеден фудбалски навивач не се откажува од тие права само затоа што треба да премине граница. Таквата политика воведува застрашувачка атмосфера на надзор и мора веднаш да биде повлечена“, смета Евајн.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми