САД: Владата на Трамп во буџетска блокада
1 октомври 2025
Си-Ен-Ен постојано прикажуваше одбројување до 1 октомври во 00:01 часот. Сега, САД се најдоа во „шатдаун" – прва буџетска блокада по шест години, која не изгледа дека ќе заврши брзо.
Буџетската блокада значи дека федералната влада делумно престанува со работа бидејќи Конгресот не го усвои буџетот за новата фискална година. Претставниците имаа рок до полноќ да се договорат за привремен буџет. Но, дури и за тоа, Републиканците и Демократите се меѓусебно премногу непомирливи.
Последното гласање во Сенатот не успеа
Иако Републиканците моментално ги контролираат двата дома, Претставничкиот дом и Сенатот, за повеќето буџетски закони во Сенатот е потребно квалификувано мнозинство од 60 гласови. А на Републиканците за тоа им недостасуваат седум гласа. Затоа, тие ќе треба да убедат најмалку седум членови на Демократите во Сенатот да им се придружат во усвојувањето на буџетот.
Демократите го блокираат буџетот затоа што сакаат да ги поништат редуцирањата на програмите за здравствена заштита за луѓето со ниски приходи. Овие, пак, се составен дел од „Големиот прекрасен закон“ на Доналд Трамп.
Во вторникот вечерта (30.09) во Сенатот се одржаа уште две гласања кои само го продлабочија јазот меѓу двата табора: првото за предлог за финансирање од Демократите, кој, меѓу другото, би ги поништил намалувањата во здравствената заштита.
Второто гласање се однесуваше на привремена мерка предложена од Републиканците за одржување на федералните служби во функција во преоден период од седум недели и за продолжување на преговорите во тој период. И двете гласања не успеаја, како и што се очекуваше.
Ќе се извршуваат само нужните задачи
Ќе опстои само она што е системски релевантно или е дел од задолжителните функции на владата - на пример, социјални бенефиции и државни програми за здравствено осигурување за постари и лица со одредени попречености. Граничната заштита, полицијата и контролата на воздушниот сообраќај, исто така, ќе продолжат да функционираат како системски релевантни, исто како и федералните судови.
Воениот персонал ќе остане на должност, но не и цивилните вработени во Пентагон. Националните паркови се исто така погодени од буџетската блокада. На пример, тамошните вработени одговорни за безбедноста и грижата за животните ќе останат на должност. Но, оние што работат во центрите за посетители, како водачи на тури или се одговорни за тоалетите, веројатно ќе бидат испратени дома без плата - список што може да се продолжи на неодредено време.
Отпуштања поради „шатдаунот“?
Последната буџетска блокада во САД беше во 2018/2019 година и траеше 35 дена. Оттогаш, во сила е закон кој им гарантира на сите засегнати федерални вработени автоматска исплата на заостанати исплати штом ќе се одобри буџетот. Во тоа време беше донесен на натпартиска основа за да се намали неизвесноста за вработените.
Сепак, дали овој закон ќе се применува во сите случаи овојпат е прашање. Администрацијата на Трамп им наложи на неколку федерални агенции да ги разгледаат плановите за трајни отпуштања. Целта е буџетската блокада да се искористи за дополнителни рестрикции на државниот апарат. Службата за ефикасност на владата (ДОГЕ) веќе отпушти многу луѓе на почетокот на годината. Затоа, оние кои се погодени од буџетската блокада се длабоко загрижени поради можно губење на нивните работни места.
Мнозинството ги обвинува Републиканците
Загриженоста е секако оправдана. Изјавата на републикански конгресмен на конзервативниот канал Фокс њус повторно го истакна тоа. Тој се залагаше за отпуштања бидејќи мнозинството од засегнатите живеат во Вашингтон - „и тие и така гласаат исклучиво за Демократите".
Но, работата се чини не е толку едноставна: според неодамнешна анкета, 53 проценти од Американците ги обвинуваат Републиканците за буџетската блокада, само 32 проценти ги обвинуваат Демократите за застојот. Затоа, сегашната ситуација би можела да биде многу штетна за Републиканците.
Автор: Ана Доротеа Шнајдер, АРД