1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД-Кина: Срамежливи обиди да се избегне Студена војна 2.0

23 јуни 2023

Дали САД и Кина ќе успеат да најдат заеднички јазик и заедничко постоење под Сонцето, или пак, ќе се впуштат во една нова Студена војна, која лесно може да стане и жешка?!

Ивор Мицковски, автор на колумнатаФотографија: Privat

Успешноста на посетата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на Кина во голем дел зависеше од средбата со „императорот“ Ши Џинпинг, средба која не беше дел од официјалната агенда. Кинезите како милениумски мајстори на политичката интрига, го држеа американскиот секретар во небрано до последен момент. Средбата сепак се случи, нешто околу 35 минути, на што претходеа осумчасовната средба со кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг и со вистинскиот прв шеф на дипломатијата Ванг Ји.

Ши доби делумна сатисфакција да се издигне на нивото на изедначен соговорник со САД, Блинкен пак не успеа во главната задача: да обезбеди директна отворена линија (црвен телефон) помеѓу двете армии, како во времето на Студената војна помеѓу САД-СССР. Отварањето на овој канал беше почетна точка за нормализација на односите, но Ши го одби со цел да ги принуди САД на поголемо внимание во Индо-Пацификот и за да го потхранува митот за непредвидливоста на кинеската армија.

Блинкен понуди гаранции дека САД не ја поддржува независноста на Тајван, но ги нагласи и заложбите за „мир и стабилност во Тајванскиот теснец“, со што актуелниот американски пристап суштински не се менува. Ши пак понудил гаранции дека Кина нема да му даде вооружување на сојузникот Путин за Украина, на што Блинкен изразил стравување дека тоа може да го прават приватните фирми.

Од средбата во Пекинг на американскиот министер за надборешни работи Ентони Блинкен и кинескиот претседател Ши ЏинпингФотографија: Li Xueren/Xinhua/IMAGO

Како по традиција во сино-американските односи, финалните соопштенија на двете МНР беа дијаметрално различни. Според Кина односите се на најниско ниво поради САД, околу Тајван нема простор за компомиси и концесии, Вашингтон треба да има реална и објективна перцепција за Кина, мора да се одбере помеѓу дијалог и судир, соработка и конфликт. Џинпинг пак, помек во тоновите, но не и во суштината ќе нагласи: „Односите меѓу двете земји треба да се засноваат на взаемно почитување и чесност, Кина ги почитува интересите на САД и не сака да ги предизвикува, но во исто време треба да биде почитувана“.

Фаза на одмрзнување на односите

Американската верзија секако ги спомена темите од состаноците кои Кинезите ги игнорираа: непазарните економски пракси, човековите права во Тибет, Шинјанг и Хонг Конг, улогата на Кина во производството на синтетички дроги (кризата на Фентанил), севернокорејските провокации, руската инвазија врз Украина и разузнавачките активности на Пекинг од Куба.

Оттука можеме да кажеме дека се уште е прерано да зборуваме за олабавување на односите, ова е фазата на одмрзнување, на која ќе следуваат бројни други средби и која би кулминирала во ноември во Сан Франциско, за време на Самитот на АПЕК, каде на маргините може да се очекува и средба помеѓу Бајден и Ши. Затоа треба да се биде внимателен со ентузијазмот, ништо не гарантира дека САД и Кина се на пат да ја избегнат „стапицата на Тукидид“, односно, фактот дека конфликтот е загарантиран кога една сила во подем го загрозува приматот на доминантната сила.

Реалноста е дека САД немаат никаква намера да и го доделат на Кина рангот кој и самите го уживаат, затоа што таквата концесија би им ја издигнала меката моќ на глобално ниво. Нормално, на штета на американската мека моќ. Фактот дека Бајден го нарече Џинпинг „диктатор“, само еден ден по посетата на Блинкен, дава одлични насоки во таа смисла и во смисла на како реално прошло „одмрзнувањето на односите“. Вашингтон и Пекинг ќе останат во длабок конфликт околу технолошкиот фронт и тајванското прашање, затоа што токму од судбината на островот и од доминацијата над микрочиповите ќе зависи добар дел од дуелот помеѓу „Централното кралство“ и американската империја.

Претседателот на САД, Џо Бајден го нарече својот кинески колега Ши Џинпинг „диктатор“Фотографија: Kevin Lamarque/REUTERS

Други елементи пак потврдуваат дека Кина не верува во ефективно одмрзнување на односите. Една од нив е одбивањето на директна комуникација помеѓу воените сили, друга е интензивирањето на кинеските активности со цел да ги ослабнат ефектите од американското опколување во Индо-Пацификот. Додека Блинкен беше во САД, кинескиот премиер беше во Берлин и Париз, со цел да ги потврди добрите економски односи со европската локомотива. Напор кој не дава до крај добри резултати имајќи ја предвид новата европска економска стратегија, која има за цел да ја ограничи кинеската пенетрација во високо технолошките сектори.

Американскиот адут- Индија

Но, кинеските антиамерикански операции не се ограничени само на Евроазија. Кина веќе е во сериозни преговори со Куба за отварање заедничка структура за воена обука. Следниот чекор предвидува пристигнување на стотици кинески војници и доколку преговорите успеат, кинеските трупи би се надоврзале на кинеската база за прислушување која според Вашингтон е активна уште од 2019 година.

Целта на Кина не е само да ја интензивира својата веќе ефикасна политичка и економска активност во Централна Америка, туку сака да ја употреби соработката со Хавана со цел да и докаже да Белата куќа дека има инструменти како да ги контрабалансира нивните активности во Тајван. Двоен притисок врз САД, во исто време додека Кина ужива како нејзиниот минорен партнер, со БДП колку една Шпанија, ја држи заглавена Америка и цела Европа во украинскиот конфликт.

На ова Америка возвраќа со вчерашната посета на индискиот премиер Нарендра Моди во Вашингтон, каде Бајден се надева дека ќе го растури антизападниот фронт на Шин и Путин  чија цел е да го расклинка американскиот глобален примат. Индија е совршената закана кон Ши и Кина. Пример е за земја која се трансформираше од лидер на „Неврзаните“ во успех на глобализацијата, докажувајќи дека развојот и демократијата можат да одат заедно и дека кинескиот модел: пазар без демократија и државно диригиран капитализам, не само што не е ефикасен, туку е и закана по светската стабилност.

Средба во Белата куќа: индискиот премиеер Нарендра Моди и американскиот претседател Џо БајденФотографија: Evan Vucci/AP Photo/picture alliance

Благодарение на посетата на Моди, Кина ќе биде потсетена и на напредокот на КВАД Дијалогот помеѓу Индија, Јапонија, Австралија и САД и кој наскоро би можел да се претвори во вистинска регионална безбедносна организација за Индо-Пацификот, се разбира, во анти-кинеско својство. За Индија, Кина е егзистенцијална закана, па оттука, ќе видиме дали конечно Њу Делхи ќе го верификува својот историски пристап кон Сојузот на Демократиите, нешто што драматично би ја променило глобалната геополитичка слика. 

Нова Студена војна би била пострашна и покомплицирана

Останува прашањето дали САД и Кина ќе успеат да најдат заеднички јазик и заедничко постоење под Сонцето, или пак, ќе се впуштат во една нова Студена војна, која лесно може да стане и жешка?! Чарлс Купчан пред неколку дена предупреди и понуди алтернатива на новата Студена војна 2.0, која за разлика од Студената војна 1.0, би била многу пострашна и покомплицирана. Затоа што СССР можеби беше воена суперсила, но беше и економско џуџе. Кина е комплетна супер развиена - супер сила, додека глобалниот контекст и геополитика е се потежок за дешифрирање, затоа што е подеформиран и фрагментиран од порано.

За жал, алтернативниот пат каде светската доминација би била споделена помеѓу САД и Кина, каде светот би бил мултиполарен и меѓузависен, во еден глобален систем кој би бил идеолошки различен и политички плурален, се уште е далеку од видикот.

Раст од 7% на кинескиот буџет за одбрана

00:55

This browser does not support the video element.

Наместо тоа, судирот САД-Кина ќе продолжи да живее една иронична трагедија. Ниедна од земјите не го негира правото на другиот за економски просперитет. И двете си замераат  дека не можат да го остварат или повратат, затоа што после децении тотална меѓузависност која им одеше во прилог, сега истата таа меѓузависност и двете страни ја гледаат како заемно штетна. Америка во недостиг на домашни ресурси, после децении живот како Империја на кредит, ја потцени кинеската волја и способност да направи економски и технолошки скок и да го избегне „Middle income trap“, така отварајќи го целиот свој потенцијал. Политички пак неспособна Кина, целосно да го примени конзумеристичкиот модел, затоа што не е компатибилен со улогата на партијата-Држава - ја обвинува Америка дека ја „задушува“ и огладнува. И двете работи се и лажни и точни во исто време, додека коренот на караницата и на идниот конфликт суштински лежи во фактот дека и двете земји не се способни да си ги решат внатрешните проблеми.

Неспособност која повеќе оди на сметка на САД, ако не заради друго, поради нејзиниот статус, големина и перцепцијата за себе.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми