Сајбер напад: Проблеми на повеќе европски аеродроми
20 септември 2025
Сајбер напад предизвика доцнења на берлинскиот аеродром БЕР и на други европски аеродроми. Провајдер на системи за обработка на авионските патници бил нападнат во петокот навечер, соопшти аеродромот БЕР. Поради тоа, врските со системите биле прекинати. Патниците се соочуваат со доцнења на авиони уште од утрото.
На веб-страницата на аеродромот во Берлин пишува: „Поради технички проблем кај провајдер на системи што се користи низ цела Европа, се очекуваат подолги времиња на чекање при чекирањето. Работиме на техничко решение.“ Според аеродромите БЕР и Лондон Хитроу, погодена е компанијата од САД, Колинс Аероспејс
Американската компанија за германската новинска агенција ДПА потврди „сајбер напад што предизвикал проблеми“ на некои аеродроми. Компанијата работи на „решавање на проблемот и брзо враќање на целосната функционалност за нашите клиенти“.
Применети се рачни методи за чекирање
Последиците се ограничени на електронското чекирање и на предавањето на багажот; тие „можат да се ублажат со рачно чекирање“, напиша Колинс Аероспејс. Покрај производство на компоненти за авионската индустрија, подружницата на корпорацијата Ар-Ти-Екс развива и системи за воена употреба и е активна во вселенската технологија.
Аеродромот на главниот град на Германија поради проблемот се врати на старите методи. „Во моментов се обидуваме да работиме со хартиени списоци и молив за штиклирање“, изјави портпарол. Затоа, сè трае подолго. Не може да се предвиди колку долго ќе бидат ограничени операциите. Сепак, онлајн-чекирањето функционира. Исто така, беше соопштено: „Аеродромот самиот не бил цел на сајбер нападот и е само индиректно погоден.“ И покрај тоа, е формиран кризен штаб.
Бидејќи системите на провајдерот Колинс се користат низ цела Европа, погодени се и други воздушни центри – потврда за тоа има од аеродромите во Брисел, Белгија, и Лондон-Хитроу, Велика Британија. Додека во Брисел се зборуваше за „сајбер напад“, доцнењата во Лондон беа оправдани со „технички проблем“ кај Колин Аероспејс. Од друга страна, германските аеродроми како Франкфурт на Мајна, Минхен, Хамбург, Хановер, Дрезден, Лајпциг/Хале, Диселдорф, Бремен и Келн не пријавија никакви проблеми.