1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самит ЕУ-Кина: тензија околу кинеските електрични автомобили

Данг Јуан
7 декември 2023

Како може ЕУ и Кина да најдат заеднички јазик, кога меѓусебно се дефинирани како ривали? Одговори на ваквите прашања политичките лидери на Пекинг и Брисел ќе бараат на самитот на ЕУ и Кина на 7 декември во Пекинг.

Урсула фон дер Лајен
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на самитот ЕУ-Кина во 2022 година (архивска фотографија)Фотографија: Kenzo Triboulliard/AFP

Пример за напнатост што владее пред самитот на Европската Унија и Кина во Пекинг на 7 декември е електромобилноста. Она што беа кинеските фрижидери, фенови за коса и машини за перење пред 20 години, сега се електрични автомобили. Тие се на улиците на сите континенти. Производителите на автомобили од Европа, Јапонија и САД доминираат со децении, но Кина сега со задоволство нагласува дека е најголемиот светски производител на електрични автомобили и дека ја остава својата поранешна конкуренција зад себе. Според кинеската статистика, земјата извезла повеќе од половина милион електрични автомобили во првата половина од оваа година. Ова е раст од 160 проценти во однос на истиот период од претходната година.

Како и кинеските домашни апарати, кинеските електрични автомобили се првенствено евтини. Европската комисија смета дека тоа е можно само поради субвенциите. „Цената на тие автомобили вештачки се намалува со огромни владини субвенции“, вели претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Таа додаде дека тоа создава проблеми на европскиот пазар, а светските пазари се преплавени со „евтини кинески електрични автомобили“. Во септември таа најави истрага за кинеските субвенции.

Фабрика за производство на автомобили во НанкингФотографија: An Xin/ChinaFotoPress/picture-alliance

Атрактивен европски пазар

Урсула фон дер Лајен и претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел заедно ќе отпатуваат во Пекинг на 7 декември. Првпат по четири години европскиот и политичкиот кинески лидер ќе седнат на иста маса. Претседателката на Европската комисија, најверојатно, ќе мора да ја оправда својата одлука да ги испита субвенциите за кинеските електрични автомобили, бидејќи тоа предизвика голем негодување во највисокиот врв на Кина.

Во септември, кинеското Министерство за трговија го опиша потегот како „чист протекционизам“ кој ги нарушува и искривува глобалните синџири на снабдување со автомобили. Во соопштението се додава дека и покрај тоа, Кина ја поддржува зелената мобилност и Европа во борбата против климатските промени.

Голема пазарна офанзива

„Во моментов, 26 кинески производители на електрични автомобили планираат да влезат на германскиот пазар до 2025 година“, вели Бернд Дипензајфен од консултантската фирма KPMG. „Таа бројка сама покажува што ќе се случи. Иако првичниот број на произведени автомобили ќе биде мал, тоа значи дека уделот на германските производители ќе мора да опадне. Тоа е математика“.

Дипензајфен додава дека клучот за порастот на електромобилноста е технологијата на батерии. Според проценката на Bloomberg New Energy Finance (NEF), Кина е на првото место во однос на глобалната конкурентност во областа на литиум-јонските батерии. Сите најголеми светски производители на автомобилски погонски батерии се од Кина. „Кина има пристап до суровини и има најголем производствен капацитет и пазари“.

Еден од адутите на кинеската автомобилска индустрија: BYD Atto 3 на саемот во Барселона во мај 2023 година.Фотографија: Adria Puig/AA/picture alliance

Слободна пазарна конкуренција

Кинеското лидерство на пазарот на електрични автомобили е изложено на жестока конкуренција. Не се важни само трговските и инженерските вештини, туку и политичките прашања. Ксијао Фенг, професор на кинеско-германскиот колеџ за применета наука (CDHAW) на Универзитетот во Шангај -Тонџи, дури и за време на пандемијата во 2022 година, укажа на геополитичкиот фактор во таа економска гранка. Конкуренцијата на системот и диференцијацијата на вредностите, според него, се најголемите предизвици за автомобилската индустрија. „Кина и Европа се движечки сили на полето на електромобилноста“, рече Фенг во октомври 2022 година на автомобилскиот симпозиум во Кина. Но, како што додаде, „тие се и конкуренција“.

Европската најава за ревизија на кинеските субвенции сега е израз на системска конкуренција меѓу Брисел и Пекинг. Во 2020 година, Европската Унија воведе механизам за преглед на странските директни инвестиции. Може да се спречат инвестиции кои носат ризик за безбедноста и јавниот ред и мир. Механизмот служи за да им го отежне пристапот на кинеските инвеститори во европската критична инфраструктура. Покрај тоа. Оваа пролет, Урсула фон дер Лајен повика на сличен механизам за преиспитување на европските инвестиции во Кина, за да се спречи капиталот и експертизата на европските компании „да ги подобрат воените и разузнавачките способности на оние кои се и наши системски конкуренти“.

Голем трговски партнер, но без фер пазарна конкуренција

Европската Унија е најсилниот трговски партнер на Кина, пред САД. За три минути потребни за читање на овој текст, Кина и ЕУ статистички разменуваат стоки и услуги во вредност од пет милиони американски долари. Минатата година трговскиот биланс беше речиси 850 милијарди долари. Тој обем на трговска размена со САД изнесуваше 690 милијарди долари. Уште во 2019 година, Европската Унија ја означи Кина како „кооперативен партнер“, „економски конкурент“ и „системски ривал“.

Германија ги презеде тие формулации, објаснува Мартин Тимел, кој е одговорен за Источна и Југоисточна Азија и Пацификот во германското Министерство за надворешни работи. „Кој полемизира со таа тријада, се полемизира само со Германија, туку и со ЕУ. Тоа го покажува многу сложениот однос што го имаме со Кина, кој не може да се сведе на црно-бела слика, но има многу голем број нијанси на сиво“.

Контејнерски терминал на пристаништето Хамбург: Минатата година трговскиот биланс меѓу Кина и ЕУ беше речиси 850 милијарди долариФотографија: Marcu Brandt/dpa/picture-alliance

Европската Унија како „велесила“

„Кина ја гледа Европа како музеј и трговски центар, каде отпорот кон репресивната внатрешна и надворешна политика на Кина е ограничен и каде кинеските компании можат да купат сè“, вели Аксел Беркофски, политиколог и професор на италијанскиот универзитет во Павија, кој раководи со азиската програма на Институтот за меѓународни политички студии. „Кина сега ќе мора да се подготви за Европа да не биде повеќе слаба сила од средна големина, која ќе падне на колена за да продаде повеќе автомобили и машини на Кина. Додуша, никој нема ништо против зајакнување на трговските врски, но - се работи за реципроцитет“.

Нова европска самодоверба се покажува во постапката против кинеските субвенции. „Европската Унија не е многу силен геополитички актер, но во трговската и инвестициската политика, ЕУ има тежина и може да се гледа како суперсила“, вели проф. Беркофски.

Дипломатско ледено доба

Европската комисија ја стави под мраз ратификацијата на договорот за инвестирање меѓу Европската Унија и Кина (Сеопфатен договор за инвестиции, CAI) . Причината за дипломатските препукувања настана кога во 2021 година стана јасно дека Кина ги репресира Ујгурите во автономната област Ксинџијанг. Брисел и Пекинг меѓусебно воведоа санкции за политичарите и институциите. Односите се крајно ладни, па останува да се види дали самитот во Пекинг ќе донесе затоплување.

Неодамна, заменик-министерот за надворешни работи на Кина, Сун Вејдонг, се сретна со заменик генералниот секретар на Европската служба за надворешни работи, Енрике Мора. Поводот беше одбележувањето на дваесетгодишнината од почетокот на стратешката соработка меѓу Европската Унија и Кина. Во таа прилика тој рече: „Кина и Европа гледаат можности и предизвици во исто време. Мораме да ги разбереме суштинските интереси на партнерите“. Притоа, очигледно е дека постои тензија меѓу суштинските интереси на двете страни, бидејќи трговијата и политиката не се целосно одвоени области.  

Кинески мали е-возила достапни за секого

01:37

This browser does not support the video element.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми