1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самит кој не смее да се пропушти

5 декември 2022

Сите патишта утре ќе водат кон Тирана. РСМ и земјите од Западен Балкан на самит со ЕУ ќе може да ги изразат своите очекувања од интеграциските предизвици.

Главниот град на Албанија, во вторник (06.12.2022) ќе биде домаќин на самитот ЕУ-Западен Балкан
Главниот град на Албанија, во вторник (06.12.2022) ќе биде домаќин на самитот ЕУ-Западен БалканФотографија: picture alliance/dpa

Самитот ЕУ-Западен Балкан што ќе се одржи утре во Тирана, и за првпат во земја која не е членка на ЕУ, веќе го доби епитетот историски и стратегиски значаен. Она што фрли сенка врз таквиот епитет беа најавите за можно неучество на Србија поради незадоволство од именувањето на Ненад Рашиќ за министер во владата на Косово. Република Северна Македонија нема дилема околу важноста на овој самит.

„Самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана е голем настан и е сериозна порака за посветеноста на ЕУ во регионот“, оцени вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи.

„Овој Самит се случува во нова консталација на односите, поради фактот што ние ги почнавме преговорите. Ќе има четири земји од регионот што преговараат со ЕУ. Веќе полека се консолидира прашањето дека не само ЕУ, туку и земјите од Западен Балкан немаат алтернатива во однос на тој процес“, рече Османи.

Владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, се подготвува за присуство на самитот, каде покрај учество на предвидените работни сесии, ќе има и можност за одржување на билатерални средби со премиери на земји членки на ЕУ.

Земјите од Западен Балкан ги очекува, како што се најавува, историски и стратегиски значаен самит со Европската унијаФотографија: picture-alliance/Photoshot/Qian Yi

Нов пристап кон Западен Балкан

По Самитот во Солун од 2003 година, кога лидерите на државите-членки ја усвоија „Солунската агенда за Западен Балкан“, но и по пауза од 15 години се до самитот ЕУ- Западен Балкан во Софија во 2018 година, а потоа и во Загреб во 2020 година, утрешниот самит во земја која не е членка на ЕУ се смета за силна симболика во однос на поголемата посветност на Унијата кон регионот. Албанскиот премиер, Еди Рама ги брои часовите до одржувањето на значајниот настан, а одлуката самитот да се одржи во Тирана во јавно обраќање ја оцени како внимателна и стратегиска.

„Според мене, ова е најважниот настан во историјата на меѓународните односи на земјата, кога целата ЕУ, сите лидери на обединета Европа треба да пристигнат во Тирана, за првпат во земја надвор од ЕУ, за да учествуваат на средба на врвот, која Европскиот совет ја одржува заедно со лидерите од Западен Балкан (...) Ова свртување во сосема нов пристап кон Западен Балкан е стратегиска пресвртница во историјата на ЕУ во последните години. Мора скромно да констатирам дека ја одигравме нашата улога за да се стигне до оваа пресвртница и дадовме безброј докази дека сме подготвени да бидеме оценувани и разгледувани на различен начин. И тука не мислам само на Албанија, туку и на Западен Балкан во целина “, нагласи Рама.

Според албанскиот премиер, Србија треба да има претставник на самитот.

„Претседателот на Србија нема друг избор освен да дојде нa самитот, бидејќи спротивното би било катастрофа за Србија и за него“, изјави Рама.

Домаќинот на самитот, албанскиот премиер Еди Рама говори за стратегиска пресвртница во историјата на ЕУФотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ по денешната средба со Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград -Приштина, се очекува да соопшти дали, и кој ќе ја претставува Србија на самитот во Тирана.

Според аналитичари од регионот, бојкот бил бил погрешна одлука. Посочуваат дека самитот не е дијалог меѓу Белград и Приштина, и не е во прашање Вучиќ, туку иднината на Србија, но и на земјите од целиот Западен Балкан. Заради тоа, не е добро да заврши со бојкот, заради прашање дали некој е легално или нелегално избран за министер во косовската влада.

Да се игнорираат провокации

Самитот во Тирана се одржува во време кога прв предизвик за РСМ на патот кон европската интеграција се уставните измени за впишување на Бугарите во македонскиот Устав. Според Османи, уставните измени треба што побрзо да станат тема во парламентот.

„Апелирам за државен консензус по однос на европските прашања и за постигнување договор меѓу сите политички партии дека за европските прашања, кој и да е на власт нема да имаме разлики", порача тој на вчерашниот брифинг со новинарите.

„Без разлика дали е СДСМ на власт или ДУИ или ВМРО, никој нема можност нешто да смени во делот на преговорите со Европската Унија. Единствено што може да смени е во динамиката на испорачување и во прифаќање. Ако нема разлика, зошто тогаш да не ја оставиме оваа тема настрана, во интерес на граѓаните кои сакаат во ЕУ, и од едната и од другата страна на политичката сцена. Имаме доволно други теми за расправање“, рече Османи.

Македонскиот министеро за надворешни работи Бујар Османи смета дека самитот во Турана е сериозна порака за посветеноста на ЕУ во регионотФотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

Според него, во односите со Бугарија треба внимателно да се постапува. Фактот што таму нема политичка влада создава потешкотии, а луѓе кои провоцираат во однос на територијалните претензии, тоа го прават намерно за истото да го користат како политичка агенда во Бугарија.
„Најдобро е да ги игнорираме и да не им даваме многу тежина на таквите луѓе“, порача Османи.

Што кога не се игнорираат?

Но, потешкото прашање, е што кога такви лица и нивните активности го добиваат вниманието и присуството на еврокомесари? Таков е случајот со конференцијата „Западен Балкан“ која изминатиов викенд (3.12) по петти пат се организира во Софија од страна на фондацијата „Нов правец“. Домаќин на конференцијата е заменик-претседателот на оваа фондација, европратеникот Ангел Џамбаски, а во неа учествуваа еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, еврокомесарката за иновации, научни истражувања, култура, образование и млади, Марија Габриел, европратеници од Полска, Хрватска, Шведска и експерти од регионот. На оваа конференција бугарскиот професор д-р Милен Михов претставил извештај на тема „Приклучувањето на Северна Македонија кон ЕУ: Историски преглед на односите меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија".

„Легитимирање на политика која генерира непријателство кон една нација и држава во ЕУ е недозволива во процесот на интеграција на земја кандидат за членство“, навел Михов во заклучокот.

Бугарскиот европратеник Ангел ЏамбаскиФотографија: BGNES

Во извештајот било наведено дека во регионот на Западен Балкан сè уште има нереформирани или поточно „нестабилизирани емотивни нации“, и дека таа реалност со црти на „примитивизам“ е во состојба да нанесе сериозни порази на регионалниот систем за безбедност и на самата ЕУ во иднина.

„Може ли да и веруваме на Северна Македонија дека ќе ги почитува европските норми кога ги крши договорите со земји членки? Одговорот на бугарските институции, политичките сили и општеството е категоричен - довербата мора да се изгради врз основа на вистински акции и реформи во РСМ“, констатира авториот во извештајот презентиран на конференцијата, на која не биле поканети гости од РСМ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми