1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самит Македонија 2025: Визија за забрзан раст на економијата

ДТЗ
15 мај 2024

Фундаментите на визијата на „Македонија 2025“ за забрзан раст се - нулта толеранција за корупција, континуиран раст на БДП над пет проценти, квалитетна и ефикасна јавна администрација и пристапување во ЕУ.

Македонија
Потребна е мобилизација на сите ресурси за подобра иднина на македонските граѓаниФотографија: Petr Stojanovski /DW

Организацијата „Македонија 2025“ повикува на мобилизација на сите ресурси на политички партии, бизнис заедницата, академската јавност и сите граѓани со цел создавање на подобра иднина. Фундаментите на нивната визија за забрзан раст се - нулта толеранција за корупција, континуиран раст на БДП над пет проценти, квалитетна и ефикасна јавна администрација и пристапување во Европската Унија.

„Мора да ги мобилизираме сите наши ресурси денес за да ја обликуваме нашата иднина“, порача на отворањето на 13. Самит „Македонија 2025“, Никица Мојсовска Блажевски, извршен директор на организацијата. 

Според неа, потребна е интензивна и темелна акција во наредниот период. „Напредокот е бавен и недоволен за да ги постигнеме нашите цели и  неопходни се силни и решителни активности“, вели таа.  

Предизвици за земјата  

На повеќето меѓународни рангирања и извештаи, државата заостанува и зад земјите во регионоти зад аспиративните врсници. Предизвиците за Северна Македонија покрај ниското ниво на економски развој се и големите геополитички промени кои влијаат на малите економии, како и големиот одлив на мозоци. 

„Се чини дека нови линии на поделба континуирано се развиваат во земјата. Нискиот животен стандард и нискиот квалитет на живот дополнително ја влошуваат поделбата што доведува до битка за тоа кој ќе го зграби поголемиот дел од јавниот колач – јавни вработувања, тендери, злоупотреба на јавните ресурси“, вели таа. 

Етничката поделба е силна и се чини дека навлегува во секоја суштинска дискусија и јавна дебата. Долгата транзиција и отсуството на значаен напредок, според Мојсовска Блажевски, ги попречуваат „нашите погледи кон реалноста и нашата способност да размислуваме долгорочно“. 

Фудаментите на визијата за забрзан раст се - нулта толеранција за корупција, раст на БДП и пристапување во ЕУ.Фотографија: DW/M. Maksimovic

Геополитички случувања  

Моменталните геополитички случувања дополнително наметнуваат сложеност и неизвесност на целокупното окружување и на расположивиот простор за реформи. Сето ова, како и бавниот напредок во приближувањето кон животниот стандард на ЕУ, повикува на интензивна и темелна акција во наредниот период, вели извршната директорка на „Македонија 2025“.

Стратешко лидерство во ера на брзи промени и иновации, дигитална трансформација и поголема регионална соработка како основа за создавање на просперитетни економии, се темите во фокусот на годинешното дводневно издание на Самитот Македонија 2025, кој се одржува во Скопје. Најавени се над 450 учесници и над 50 експерти од бизнис и научната заедница од повеќе држави.

Организацијата најавува ќе ја активира целата своја мрежа и ресурси за да ги поддржи принципите кои се фундаментални за забрзан раст. Идејата на основачите на „Македонија 2025“ е се поддржи развојот на Македонија со тоа што земјата до 2025 година би станала развиена земја, членка на евроатлантските интеграции, односно на НАТО и ЕУ.

Организацијата „Македонија 2025“ минатата година спровела 40 програми во кои биле вклучени над 1.500 лица, средношколци, студенти, менаџери, компании.  Од основањето на организацијата досега се спроведени програми за поддршка на економскиот развој во вредност од четири милиони долари.  

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми