1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Глобалниот југ против богатиот запад

Астрид Пранге
21 август 2023

На состанокот на земјите од БРИКС главни теми се проширувањето на групата и санкциите против Русија. Самитот се одржува во Јоханесбург, а на него учествуваат Бразил, Индија, Кина, Русија и Јужноафриканската Република.

Лого на самитот на БРИКС во Јоханесбург во август 2023 година
Лого на самитот на БРИКС во Јоханесбург во август 2023 година

Проширувањето на „петката“ ќе биде една од најважните теми на самитот во Јоханесбург (22-24 август). Долга е листата на земји заинтересирани за влез во тој клуб. 23 земји, меѓу кои Саудиска Арабија, Индонезија, Иран, Аргентина и Етиопија сакаат да станат членки на БРИКС.

„Шефовите на држави или на влади и земјите-членки на групата БРИКС ќе објават заедничка изјава во врска со проширувањето на групата“, објави јужноафриканскиот амбасадор во БРИКС Анил Соклал во изјава за американската телевизија Блумберг на почетокот на август. А тоа, како што додаде, ќе предизвика одлучувачки промени во глобалниот поредок.

Војната во Украина, санкциите, критиките за доларот и глобалното одмерување на силите: самитот на БРИКС не само што го одразува дистанцирањето на многу земји во забрзан развој или транзиција од Западот, туку е и одраз на нивната растечка самодоверба.

Провокација од Пекинг

„Кина профитира од антиамериканизмот на земјите од БРИКС, што доведува до тоа многу земји од глобалниот југ да се доближат до Кина“, објаснува експертот Феликс Ли за ДВ: „Ова е целта што Кина ја следи во БРИКС“.

За волја на вистината, БРИКС е многу далеку од тоа да биде функционална алијанса проткаена со взаемна доверба меѓу нејзините членки, како што е меѓу членките на Г7, додава Ли: „Но, на  Пекинг, пред сè, му е важно да има нешто функционално да им се спротивстави на Американците“.

И Русијаги следи сопствените стратешки интереси. Политикологот Гинтер Мајхолд од Слободниот универзитет во Берлин вели дека „Москва сака да го искористи актуелниот момент за да ја принуди својата сојузничка Кина да прими земји како Белорусија или Венецуела во клубот“. Мајхолд  додава дека за Владимир Путин влезот на нови членки во БРИКС нуди можност да се надмине меѓународната изолација.

„Кина профитира од антиамериканизмот на земјите од БРИКС“, објаснува експертот Феликс Ли.Фотографија: DW

Спорно проширување на клубот

А оваа изолација повторно ќе биде демонстрирана на самитот во Јоханесбург. Имено, Путин лично нема да учествува на состанокот на кој присуствуваат претставници на вкупно 71 земја во светот. Причината: против него е издаден налог за апсење од страна на Меѓународниот кривичен суд (МКС). МКС тврди дека тој е одговорен за воените злосторства во Украина.

Планираното проширување на групата е контроверзно како идеја дури и во самиот БРИКС. Индија, Бразил и Јужноафриканската Република не се заинтересирани за таков потег бидејќи би го изгубиле своето влијание, а со новите членки би добиле нови проблеми, смета Мајхолд.

„Кога секој се обидува да го вметне својот пријател во клубот, тогаш хетерогеноста во БРИКС само се зголемува, а тензиите стануваат поголеми“, вели Мејхолд.

Шефот на дипломатијата на Јужноафриканската Република, Наледи Пандор, уште во април изјави дека прво треба да се разговара за критериумите за прифаќање на нови членки. „Веројатно ќе оди во насока да има круг на членки на БРИКС плус оние земји кои нема да ги имаат истите права и можности за соодлучување“, претпоставува Мејхолд.

Странските инвеститори

И покрај внатрешните конфликти, земјите од БРИКС  сметаат дека клубот е успешен проект. Нивниот удел во глобалната економија, според последниот Извештај на БРИКС за инвестиции на Организацијата за трговија и развој на ОН (УНКТАД) од април годинава, се зголемил во периодот од 2010 до 2021 година, од 18 на 26 отсто.

Два дополнителни показатели укажуваат на потенцијалот на групата: стапката на раст на внатрешниот извоз во рамките на БРИКС и нивото на странски директни инвестиции во земјите на БРИКС. Според УНКТАД, и едната и другата стапка се натпросечни во глобална споредба.

Развојот на Кина доминира во растот на „петката“, тоа е јасна работа. Токму како што Кина доминира во трговскиот биланс во рамките на БРИКС. Кина е најголемиот трговски партнер на Бразил, Русија и Јужноафриканската Република. Исклучок е само Индија. Во таа земја Кина е на второ место, по САД.

Санкции? Не, благодарам…

На антизападното позиционирање на групата БРИКС во Европа се гледа со загриженост, вели Мајхолд. „Се добива впечаток дека БРИКС сè уште претставува голема поддршка за Путин“.

БРИКС преставува голема поддршка за рускиот претседател Владимир ПутинФотографија: Reuters/Sputnik/A. Nikolsk

Земјите од БРИКС, имено, не ги усвоија и не ги поддржуваат санкции против Москва. Кина, Бразил и Индија во моментов се меѓу најголемите купувачи на евтина руска нафта. Сепак, освен аспектот на евтината енергија, земјите во развој и во транзиција се особено погодени од последиците од војната во Украина.

Нема директна критика за Москва

„Има јасен интерес за тоа Русија да не го бојкотира снабдувањето со прехранбени производи или да го саботира. Истото, се разбира, важи и за прашањето за снабдување со ѓубрива“, објаснува експертот Мајхолд.

Затоа, како што напоменува, во Јоханесбург ќе биде во сила непишана агенда во однос на Русија: „Од една страна се сака да се најдат начини да се ублажи ситуацијата во земјите од БРИКС кои се зпогодени од санкциите. Од друга страна , земјите-членки не сакаат да застанат на една страна и со тоа да бидат вовлечени во конфликтот уште поинтензивно. И токму тоа ќе биде тешко да се направи“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми