1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Самит на БРИКС на покана на не толку изолираниот Путин

Франк Ајхман (АРД)
22 октомври 2024

На покана на рускиот претседател Путин, во Казан, 800 километри источно од Москва, се собираат лидерите на земјите членки на БРИКС. Путин може да покаже дека и покрај западните санкции не е толку изолиран во светот.

Владимир Путин
Владимир Путин сака да покаже дека не е многу изолиранФотографија: yacheslav Prokofyev/Sputnik/Pool via REUTERS

Официјалното мото е малку преопшто: Зајакнување на различноста за правичен глобален развој и безбедност. Од денеска (22.10) во светот ќе се испраќаат позитивни пораки - на терен работат околу 2.000 новинари. Дури и претседателот Владимир Путин ја ублажи својата вообичаена антизападна реторика:

„Она што ја разликува БРИКС од многу други меѓународни организации: БРИКС никогаш не била насочена против никого. Индискиот премиер Моди неодамна кажа многу добро: БРИКС не е антизападна, таа едноставно не е западна...“

Мото на самитот: Зајакнување на различноста за правичен глобален развој и безбедностФотографија: Pelagiia Tikhonova/IMAGO/SNA

Алијансата расте - и по број на членки и по важност

Пред 16 години, Русија беше домаќин на првиот самит, во тоа време сè уште лабавата алијанса на држави БРИК - т.е. Бразил, Русија, Индија и Кина. Јужноафриканската Република се приклучи набргу потоа - тогаш тоа стана БРИКС. Сојузот на држави сега значително се прошири: од јануари, вклучени се Египет, Етиопија, Иран и Обединетите Арапски Емирати.

Благодарение првенствено на големите земји-членки Кина и Индија, БРИКС сега претставува добри 45 отсто од светското население, а исто така ги надминува западните земји од Г7 во однос на брутодомашниот производ - потенцира радосно рускиот претседател.

И Јуриј Ушаков, советник на Путин за меѓународни прашања, го нарече самитот број 16 веројатно најголемиот надворешнополитички настан досега во Русија. Поттекстот е дека западната изолација на Русија поради војната против Украина уште еднаш се покажува како неефикасна. „Покани за самитот беа упатени до 38 држави, членки на БРИКС и земји кои соработуваат со нас. 32 земји потврдија учество и 24 од овие земји потврдија дека ќе дојдат нивните шефови на држави“, рече Ушаков.

Од јануари, во БРИКС се вклучени и Египет, Етиопија, Иран и Обединетите Арапски ЕмиратиФотографија: Maxim Platonov/SNA/IMAGO

И Турција е гостинка, а наскоро најверојатно ќе биде и членка на БРИКС

Бразилскиот претседател Лула да Силва мораше да откаже поради повреда на главата по пад во бањата - ќе се приклучи преку видео врска. Но, се очекува генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. Планирани се 17 билатерални средби на рускиот претседател, вклучително и со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој доаѓа во Казан. За неговата земја, која наскоро исто така ќе биде членка на БРИКС, веќе не важат старите дебати за оските, изјави Ердоган пред неколку дена.

„Го свртевме погледот кон Запад. Но, тоа не значи дека му вртиме грб на истокот или го занемаруваме. Повеќе не живееме во свет кој е црно-бел, во кој треба да изберете еден од двата блока“, рече Ердоган.

Во Казан доаѓа и турскиот претседател ЕрдоганФотографија: Maxim Platonov/SNA/IMAGO

Сопствен систем за плаќање - независен од доларот

Ова е основното разбирање на БРИКС и топ тема до четврток - да се создаде нов, поправеден, мултиполарен светски поредок во кој веќе нема да доминираат Западот и неговите институции.

Од особен интерес за државите од БРИКС е нов систем за плаќање надвор од СВИФТ, кој ќе биде сигурен од санкции. Тоа особено важи за земјите кои се предмет на санкции од страна на ОН или Западот - Иран и се разбира самата Русија.

Во Казан веројатно нема да има поттик за мировни преговори, како што претседателот Путин јасно им кажа на новинарите од земјите на БРИКС. „Кога зборуваме за мировни процеси, не зборуваме за мировни процеси кои носат прекин на огнот можеби од една, две недели или една година. Затоа што тоа само ќе им даде време на земјите од НАТО повторно да се опремат и да создадат нови резерви на муниција“, изјави Путин.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми