1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самит на ЕУ: Повеќе помош за Украина

Бернд Ригерт
22 март 2024

Кризи, конфликти и војни на сите страни. Генералниот секретар на ОН изгледаше потиштен при посетата на Брисел. Самитот на ЕУ има за цел Русија да се задржи барем под контрола, а на Украина да ѝ се обезбеди повеќе оружје.

 Антонио Гутереш и Шарл Мишел
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш и претседателот на Европскиот совет, Шарл МишелФотографија: Pignatelli/EUC/ROPI/picture alliance

Португалецот Антонио Гутереш е почесен гостин на пролетниот самит на Европската унија. На генералниот секретар на ОН ритуалите на вакви состаноци на ЕУ му се познати уште од времето кога беше португалски премиер (1995-2002). Меѓутоа, малку е веројатно сега со носталгија да се присетува на добрите стари времиња, а уште помалку да го обзема пролетна атмосфера.

Проблемите со кои длабоко загрижениот шеф на ОН мора да се соочи се премногу големи. Климатски катастрофи, незауздана вештачка интелигенција, општествена нееднаквост, војната во Украина, хуманитарна катастрофа во Газа – Гутереш ги наведе овие како најголеми кризи во текот на своето обраќање во Брисел: „Живееме во хаотичен свет во кој суперсилите меѓусебно се блокираат“.

„Се наоѓаме во ситуација на беззаконие, во кое државите и вооружени групи мислат дека можат да прават што сакаат, зашто за тоа не мора да се одговара“, се пожали генералниот секретар на ОН.

Таквата мрачна анализа се однесува како на руската агресорска војна против Украина, така и на ситуацијата во Појасот Газа и Израел, смета Антонио Гутереш. „Веруваме дека е клучно да имаме мир во Украина, но мир целосно во склад со нашите принципи.“ Тие принципи подразбираат почитување на меѓународното и хуманитарното право, територијален интегритет на државите, како и на Повелбата на Обединетите нации.

Значи, од перспектива на генералниот секретар на ОН, Русија мора да ги повлече трупите од источна Украина и да го напушти Крим. Тие принципи исто така се однесуваат и на судирот меѓу Израел и Хамас. „Не може да постојат двојни стандарди“, вели Гутереш. Исто како што Хамас мора да го положи оружјето и да ги почитува човековите права, така и Израел мора да овозможи снабдување на населението во Појасот Газа и да спречи хуманитарна катастрофа. „Во текот на мојот мандат не сум видел толку многу цивилни жртви во било кој судир“, со треперен глас изјави Гутереш.

Шолц: Повеќе оружје за Украина

Мнозинство од 27 лидери на држави или влади на ЕУ ќе се сложат со генералниот секретар на ОН. Украина и Појасот Газа се главни теми и на овој дводневен самит. Германскиот канцелар Олаф Шолц се залага за натамошна поддршка на Украина, и тоа не само со пари за буџетот и обнова на државата, туку и со воена опрема. Тоа меѓутоа само по себе не е доволно.

Дел од учесниците на самитот на ЕУ во Брисел: Фредериксен, Шолц, Орбан, Макрон и ТускФотографија: Geert Vanden Wijngaert/dpa/picture alliance

Од самитот на ЕУ се очекуваат  дополнителни ветувања за Украина,  но јавна дебата за далекуметниот ракетен систем Таурус нема. Исто така, ни испраќање копнени трупи во Украина за Шолц не е опција, за разлика од францускиот претседател Емануел Макрон. На почетокот на самитот, канцеларот и претседателот се шегуваа еден со друг, се смееја, се тапкаа по рамења, сакајќи да покажат дека соработката меѓу Германија и Франција и натаму е добра, без оглед на разликите во мислењата.

Да се користат руските каматни добивки

Како и на многу претходни самити на ЕУ, и на овој се вклучи украинскиот претседател Володимир Зеленски. Главниот украински град Киев претходната ноќ повторно беше мета на руски ракети. Зеленски доби уверување дека  ЕУ за пет милијарди евра од посебен фонд брзо ќе купи муниција ширум светот. Исто така, профитите од замрзнатиот имот на Руската централна банка би требало да бидат насочени кон тој фонд за вооружување, што е околу две до три милијарди годишно, плус данокот на капитална добивка на тие приходи, кои досега ги наплатуваше белгиската држава, зашто  Руската централна државна банка  своите инвестиции ги држеше кај белгиската компанија „Еуроклеар.“

Се очекува за тоа да се постигне политичко единство, освен ако унгарскиот премиер Виктор Орбан, пријателски настроен кон Москва, не стави пак вето. Правно обврзувачка одлука може да биде донесена дури за неколку недели, кога ќе бидат разјаснети техничките детали на операцијата „Виндфол-Профитс“.

Желба за заедничка одбранбена индустрија

Пораката на ЕУ до рускиот претседател Владимир Путин од пролетниот самит, две години по почетокот на големиот руски напад, е јасна, верува канцеларот Шолц. „Се пресметал ако мисли дека не сме способни да ја поддржимее Украина толку долго колку што ќе биде потребно.“

Европејците уште еднаш ќе се обврзат во иднина подобро да соработуваат при набавката на воени системи и опрема. Постои нова одбранбена стратегија подготвена од високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел и комесарот за индустрија, Тјери Бретон.

Меѓутоа, надлежностите во поглед на вооружувањето остануваат во рацете на државите-членки, а само субвенциите и договорите за индустријата за оружје би требало да бидат обединети во рамките на ЕУ. Финансирањето на тој потфат останува предмет на дебата. Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и натаму, исто како и Франција, се залага за „одбранбени обврзници“, што би биле заеднички кредити на ЕУ слични на оние во текот на пандемијата на ковид. Германската влада меѓутоа одбива заеднички долгови за опремување на војските.

Германскиот канцелар Олаф Шолц бара долгорочно примирје меѓу Израел и ХамасФотографија: Dursun Aydemir/AA/picture alliance

Барање за долгорочно примирје меѓу Израел и Хамас

Ставовите на ЕУ за ситуацијата во конфликтот меѓу терористичката организација Хамас и Израел се различни. Откако  САД неодамна побараа долгорочно примирје,  веројатно кон тоа ќе се придружи и ЕУ. Досега се зборуваше за краткорочни прекини на огнот, но канцеларот Шолц сега во Брисел заговара долгорочно примирје. Тоа би требало да биде поврзано со ослободување на сите израелски заложници.

„Истовремено, клучно е што повеќе хуманитарна помош да стигне до Појасот Газа“,  бара Шолц. ЕУ веројатно ќе бара Израел да отвори повеќе гранични премини и на северниот дел од Газа. Со доставите со бродови или по воздушен пат не може да се обезбедат неопходните количини на помош.

 

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми