Самит на Г20 без Трамп, Ши и Путин - но тука е Мерц
22 ноември 2025
Г20 е форум кој, од 1999 година, ги обединува најважните индустриски земји, како и земјите во економски раст. Токму оваа мешавина од различни нивоа на развој и политички системи ја прави Г20 толку вредна во очите на своите членови. Вклучува 19 земји, како и две регионални организации - Европската Унија и Африканската Унија. Земјите-членки на таа група остваруваат повеќе од 80 проценти од светското економско производство.
Но, овој пат не доаѓаат трите најважни шефови на држави и влади, што не се случило никогаш во историјата на организацијата. Претседателите на САД, Доналд Трамп, на Русија, Владимир Путин и на Кина, Ши Џинпинг, нема да бидат во Јужноафриканската Република.
Г20 повеќе не им е толку важен за Трамп, Ши и Путин
Ши не ја објасни својата одлука. Путин е отсутен откако Меѓународниот кривичен суд издаде налог за негово апсење поради инвазијата врз Украина. Но, за разлика од тие двајца, Трамп дури и не испраќа делегација во Јоханесбург, што е без преседан.
Американскиот претседател како оправдување го наведува тоа дека белите земјоделци се прогонувани во земјата домаќин, Република Јужна Африка, и дека тамошната влада не презема никакви мерки. За време на посетата на претседателот на Јужна Африка, Сирил Рамафоса, тој дури зборуваше и за „геноцид“. Владата на Јужна Африка остро ги отфрла обвинувањата. Ни германската влада не гледа никакви докази за тоа.
Што значи отсуството на Големата тројка за Г20? „Тоа покажува дека тројцата насилници на светската политика, очигледно од многу различни причини, повеќе не му придаваат големо значење на овој настан“, оцени за ДВ политикологот Јоханес Ворвик, професор по меѓународни односи на Универзитетот во Хале. „Тоа не е добар знак за видот мултилатерализам што се негува во групата Г20 со години.“
Нов светски поредок
Сепак, за германскиот канцелар Фридрих Мерц ова не е причина самиот да остане дома - напротив. „Важна карактеристика на мултилатерализмот е тоа што канцеларот го забележува ова и инсистира на тоа. И јас би се залагал да не се гледа секогаш само на оние кои не се присутни, туку да се гледа и на оние кои се“, рече портпаролот на германската влада, Себастијан Хиле. Во исто време, тој нагласи: „Г20 е и останува важен формат за германската влада“.
Германската влада оценува дека „меѓународните околности се сложени“ за Г20 и дека мултинационалниот поредок за кој се залага групата, е доведен во прашање.
Според мислењето на Берлин, посебно го доведува во прашање рускиот напад врз Украина. Но, во рамките на Г20 има земји кои не го осудија нападот и кои не само што не се приклучуваат на санкциите против Русија, туку, како Индија, како посредници во продажбата на руска нафта, дури и заработуваат од тоа.
Огромниот економски и воен подем на Кина, исто така, припаѓа на геополитичкото прегрупирање од основањето на Г20. Кина го користи своето зголемено влијание бескомпромисно, било преку поддршка на Русија во нејзината војна против Украина, или преку воведување ограничувања за извоз на ретки метали кон остатокот од светот.
„Моментално сме сведоци на брза прераспределба на глобалните политички тежини и односите на моќ“, смета Јоханес Ворвик. „Политичкиот Запад, поделен одвнатре, повеќе не е одлучувачка сила во многу прашања, а државите од Глобалниот гуг дејствуваат со нова самодоверба. Г20, и покрај овие структурни промени, беше јасен знак дека старите и новите сили се заинтересирани за дијалог и сакаат да видат дали и што можат да постигнат заедно.“ Тоа, барем засега, е завршено.
На Доналд Трамп не му се допаѓа фокусирање на Африка
Претстојниот самит на Г20 е првиот што се одржува во Република Јужна Африка и воопшто на африканскиот континент. Домаќините сакаат да го искористат тоа. Уште во 2024 година, претседателот Рамафоса објави: „Ќе го ставиме развојот на Африка на самиот врв на агендата кога ќе претседаваме со групата Г20 во 2025 година“. Особено, Јужна Африка сака да го поттикне преминот кон чиста енергија во земјите во развој, а олеснувањето на долгот за сиромашните земји е друга цел. Но, токму оваа агенда - заедно со наводното прогонство на белите Јужноафриканци - е причината зошто Доналд Трамп не доаѓа.
Германската влада реагира сосема поинаку. „Ќе ја искористам можноста за длабински дијалог, пред сè со африканските земји“, објави канцеларот пред неговото заминување - без оглед на тоа колку откажувања може да има допрва. По состанокот на Г20, Мерц патува на самитот на ЕУ и Африканската Унија во Ангола. Ова испраќа важен знак за соработка меѓу Европа и Африка, оцени владата во Берлин.
Надежи насочени кон Германија
Меѓу целите на Јужна Африка за Г20 е намалувањето на глобалната нееднаквост. Земјата домаќин смета дека целите на ОН за одржлив и праведен развој не се доволно земени предвид.
Непосредно пред самитот, повеќе од 500 економисти и други експерти побараа формирање комисија за борба против нееднаквата распределба на богатството. Во отворено писмо до претставниците на Г20, потписниците изразуваат загриженост дека „екстремните концентрации на богатство прераснуваат во недемократски концентрации на моќ, поткопувајќи ја довербата во нашите општества и поларизирајќи ја нашата политика“.
Групата предводена од добитникот на Нобеловата награда за економија, Џозеф Стиглиц, во моментов не може да смета на поддршката од САД, но се надева на поддршката од канцеларот Фридрих Мерц. Имено, во јуни, Германија ја започна „Глобалната алијанса против нееднаквоста“, која се залага за социјална правда.
„Враќање на џунглата“
Поради длабоките несогласувања меѓу членовите на Г20, веќе е јасно дека нема да има заеднички финален документ од самитот, туку само изјави од јужноафриканските домаќини.
Како во сите овие околности изгледа иднината на Г20? „Веројатно, форматите како БРИКС-Плус ќе играат поголема улога. Таму, Кина и Русија не мора да се соочуваат со западните морални проповеди“, смета Јоханес Ворвик. „Ќе има уште попроменливи коалиции на оние што се подготвени отколку порано“. Наместо мултилатерализам и поредок базиран на правила, за кој се залага и Германија, „се повеќе е присутен исклучиво интересно базиран и варијабилен минилатерализам. Ова е тренд - сведоци сме на враќањето на џунглата“.
И покрај таквото противење, особено кога станува збор за ставовите на германската влада, Ворвик заклучува: „За средните сили како Германија, нема добра алтернатива освен да продолжат да сметаат на мултилатерални формати“.