1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Г20: Германија сака да се доближи до Бразил и Мексико

18 ноември 2024

Во геополитички тешки времиња, на Германија ѝ се потребни сојузници и таа сака конечно да го запечати договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и државите од Меркосур.

Олаф Шолц и Лула да Силва
Германскиот канцелар Олаф Шолц и бразилскиот претседател Лула да Силва во Берлин, декември 2023 годинаФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Кога на 1 октомври Клаудија Шејнбаум стана  првата жена претседател на Мексико  и пратениците со еуфоричен аплауз го поздравија нејзиниот говор во Конгресот во Мексико Сити, аплауз имаше и од многу меѓународни гости како бразилскиот претседател Лула да Силва, чилеанскиот Габриел Бориќ и првата дама на САД, Џил Бајден. А Германија? Франк-Валтер Штајнмајер кој последен пат во Мексико беше во септември 2022 година, токму на историскиот настан испрати замена – поранешниот претседател Кристијан Вулф. Олаф Шолц всушност требаше на 12.ноември 2024 да слета во Мексико Сити и следниот ден да биде примен од Шејнбаум, но владината криза ги помати сметките на канцеларот кој сега директно ќе си замине дома од самитот на  Г20 во Рио де Жанеиро. Но, барем во Бразил треба да се одржи билатерална средба, а Германија очигледно сепак сфаќа колку се важни релациите со Мексико во времиња на геополитички предизвици. Државата со  трговски обем од 29 милијарди евра е најважниот трговски партнер на Германија во  Латинска Америка,  а околу 300 илјади работни места обезбедуваат германски компании. Германија истовремено е трговски партнер број еден на Мексико во ЕУ. Мексикански негуватели се на цена, а офанзивата на германската економија во Латинска Америка има за цел да привлече и инженери и научници во Германија. Во Мексико се намножуваат барања за дополнително интензивирање на односите.

Клаудија Шејнбаум стана првата жена претседател на МексикоФотографија: Juan Carlos Rojas/picture alliance

Стефани Хенеро, мексикански геополитички експерт, за ДВ посочува дека „секогаш се вели оти Мексико треба да се приближи до Европа за да ја намали својата зависност од САД. Но, тоа до сега се нема случено, 80 проценти од мексиканскиот извоз оди во САД. Но, сега се отвора временски прозорец за продлабочување на односите со Германија, особено во делот на обновливите извори на енергија и автомобилската индустрија“.

Дали кризата на Фолксваген наскоро ќе стигне до Мексико?

Хенеро вели дека кризата на Фолксваген во Германија со можно затворање на фабрики и кратење на десетици илјади работни места, во Мексико сè уште не е тема. Но, сигурно и мексиканската економија ќе страда и на крајот на краиштата Фолксваген е најважниот играч во тамошната автомобилска индустрија во Мексико со локалната подружница „Фолксваген де Мексико“. Во најголемата фабрика за автомобили во Пуебла минатата година се произведени речиси 350 илјади автомобили.

Фабрика за автомобили Фолксваген во Пуебла, МексикоФотографија: Pedro Pardo/AFP/Getty Images

И  изборите во САД со победникот Доналд Трамп,  кој веројатно ќе ја размеша геополитичката ситуација во светот, секако се на врвот на агендата на Шолц и Шејнбаум. Во Мексико има голема загриженост дека Доналд Трамп сериозно ќе ја спроведе заканата за масовно депортирање илегални имигранти. Од проценетите 11 милиони мигранти без регулирани документи, речиси половината се Мексиканци.

И тоа би имало големо влијание врз економијата во Мексико. Според податоци од Светска банка, земјата по Индија добива најмногу странски дознаки во светот, односно во 2023 година тоа биле околу 67 милијарди американски долари. Повеќе германско ангажирање би било сосем добредојдено, вели Стефани Хенеро и додава дека „ако го поделите континентот на средина, југот тргува првенствено со Кина, централните подрачја и северот повеќе со САД. Европа не смее да ги ограничи трансатлантските односи само на САД, туку треба да има и латиноамерикански „атлантизам“.

Германската економија се надева на пробив во договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и Меркосур

Ако нештата се одвиваат оптимално, германскиот канцелар во среда кога ќе слета во Германија, со себе ќе донесе вест дека  на маргините на самитот во Бразил, е потпишан Договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и државите Меркосур - Аргентина, Уругвај, Парагвај и Боливија и тоа по 25 години преговори. И така ќе се создаде најголемата трговска зона во светот со повеќе од 720 милиони луѓе.

„Таков договор би бил ослободување за германската економија. Мора да ја искористиме шансата, оти тешко дека може да се замисли  геополитички потешка ситуација“, вели Фолкер Трајер, шефот за надворешната трговија при Германската стопанска и индустриска комора. „Сега прозорецот на можностите е отворен. Не може да преговарате 25 години, да не дојдете до заклучок и да верувате дека можете како мастика да го тегнете до недоглед. Ако не сега, кога?’“, прашува тој. Трајер за ДВ раскажува за заедничка анкета спроведена од европските здруженија на комори во Брисел и дека резултатот е „прилично блед“. Токму поради заканата од протекционизам од идниот американски претседател, договорот би бил важен сигнал за Европа и за германската економија. Батерии, соларни панели, енергија од ветер, зелен водород – Европа би можела зелената трансформација да ја постигне побрзо и поодржливо со јужноамерикански суровини, смета Трајер.

Кина како искористувач?

За возврат, ќе отпаднат четирите милијарди евра што европските компании ги плаќаат секоја година на царини за нивниот извоз во земјите на Меркосур, пресметува Фолкер Трајер. „Веќе имаме добри релации со Меркосур, но недостасува вистинска динамика. Причина за тоа е и што земјите од Меркосур за класичните германски извозни стоки како автомобилите, но и за електротехничките или машинските производи пресметуваат многу високи царински стапки меѓу 25 и 30 проценти“, посочува Трајер.

Поранешната премиерка на Естонија и иден претставник на ЕУ за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас вели дека „ако не потпишеме ние трговски договор со нив, тогаш  овој вакуум ќе го пополни Кина“. Меѓу 2020 и 2022 година Кина 34-кратно ги зголемила своите инвестиции во регионот. Во Чанкај во Перу штотуку е отворено новото и прво мега пристаниште контролирано од Кина. Доколку потпишувањето на договорот за слободна трговија ЕУ-Меркосур не се склучи на Самитот на Г20, следната шанса би бил Самитот на Меркосур земјите што се одржува на 5 и 6 декември во Монтевидео, главниот град на Уругвај.

Противници на договорот во Европа и Јужна Америка

Истовремено расте и отпорот во Јужна Америка и Европа, и тоа не само кај еколошките здруженија. Европските земјоделци критикуваат дека има двојни стандарди и нелојална конкуренција од нивните колеги во Латинска Америка.

600 француски пратеници преку весникот „Ле Монд“ апелираат до претседателката на ЕК,  Урсула фон дер Лајен,  да не го потпишува договорот. Што е уште пострашно – и францускиот премиер Мишел Барние најави дека Франција не може и нема да го прифати договорот во сегашната форма.

Раул Монтенегро предупредува од последиците на индустриско земјоделство - на фотографијата: протест против пестициди во АргентинаФотографија: Raúl Montenegro

Аргентинскиот биолог и алтернативен Нобеловец, Раул Монтенегро, за ДВ вели дека „од договорот меѓу Меркосур и ЕУ, Европа има многу поголема корист отколку Јужна Америка. Главни жртви на овој договор неизбежно ќе бидат биодиверзитетот на Јужна Америка, малите и средните компании и сиромашните во двата региона“.

Бразил на пат кон врвот на меѓународната сцена

Домаќинот на Г-20, Лула, кој сака борбата против гладот ​​и климатските промени да влезе во завршната декларација во Рио, со вечната тема за договорот за слободна трговија е соочен со уште една огромна задача. „Никогаш порано не сум бил толку оптимист за договорот ЕУ-Меркосур“, изјави првиот човек на Бразил на маргините од Генералното собрание на ОН во Њујорк пред два месеци. Лула за време на неговиот трет и веројатно последен мандат како претседател сака да го направи Бразил еден од најважните светски играчи.

И тоа е уште една причина зошто времето притиска, оценува Фолкер Трајер, од Германската индустриска и трговска комора. „Расте самодовербата на земјите од Меркосур, како и на другите земји од глобалниот југ. Пред две и пол недели бевме во Индија со азиската конференција и таму е аналогно - луѓето сè уште ни подаваат рака, но тоа нема да остане засекогаш така“, предупредува Трајер.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми