1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИталија

Самит на Г7 – на дневен ред најгорливите светски кризи

Бернд Ригерт
13 јуни 2024

Италијанската премиерка Џорџа Мелони сака да блесне на самитот на Г7 што се одржува во близина на Бари. Украина, Газа и соработката со Африка се главни теми.

Италија Г7
Џорџија Мелони е домаќинка на самитот на Г7 во луксузниот хотел „Борго Егнацио“, недалеку од БариФотографија: Dreamstime Djpillow/Panthermedia/IMAGO

Десничарската популистичка италијанска премиерка Џорџија Мелони оди на самитот на Г7 зајакната и мотивирана од добрите резултати на европските избори. Таа е домаќинка на самитот на Г7 во луксузниот хотел „Борго Егнацио“, недалеку од Бари. Покрај Италија, групата седум најважни западни економски нации ги вклучува САД, Канада, Јапонија, Франција, Велика Британија и Германија, како и Европската унија.

Мелони на врвот

„Меѓу големите нации во Европа, италијанската влада е секако убедливо најсилна“, самоуверено рече Мелони пред да замине од Рим.

Факт е дека францускиот претседател, германскиот канцелар и британскиот премиер во моментов дома имаат потешкотии. Емануел Макрон распиша нови избори за 30 јуни и постои ризик од поместување надесно. Олаф Шолц и неговата коалиција составена од СПД, Зелените и Либералите претрпеа тежок пораз на европските избори. Конзервативецот Риши Сунак најверојатно ќе мора да ја предаде својата функција на лабуристите по изборите на 4 јули.

Италијанска премиерка Џорџија Мелони оди на самитот на Г7 зајакната од добрите резултати на европските избориФотографија: Remo Casilli/REUTERS

Само Мелони може да тврди дека на изборите победила удобно со нејзината десничарска националистичка коалиција. Таа сега сака да има важен збор во ЕУ и соодветно да дејствува и во Г7. Нејзиниот однос со американскиот претседател Џозеф Бајден, кој исто така е во предизборна кампања, е многу добар - тие главно се согласуваат за трансатлантските прашања и поддршката за Украина во одбраната од Русија.

Оружје и пари за Украина

Прашањето за Украина е високо на агендата на седумте западни земји кои обезбедуваат клучна финансиска и воена помош за Киев. Во разговорите се очекува да учествува и Володимир Зеленски. Потребно му е повеќе оружје со подолг дострел, муниција и повеќе воздушна одбрана. Канцеларот Олаф Шолц веќе вети дека ќе работи на обезбедување поголем капацитет за воздушна одбрана од земјите на Г7  и пошироко. Досега некои европски земји кои  имаат систем за противракетна одбрана „Патриот“ се колебаа да го испорачаат на Украина.

Во врска со стационирањето на западни војници во Украина - земјите од Г7 не се согласуваат. Додека Франција и Велика Британија се отворени за тоа, Германија, САД и Италија силно го отфрлаат тој чекор.

Украина и војната против Русија една од главните теми - украинскиот претседател Зеленски и германскиот канцелар Шолц во БерлинФотографија: Annegret Hilse/Reuters/AP/picture alliance

Олаф Шолц сака да постигне конкретни обврски за  обнова на Украина по војната.  Седумте земји на самитот и ЕУ сакаат да се договорат да ѝ обезбедат на Украина дополнителни 50 милијарди долари.  Парите ќе бидат земени како заеднички заем,  кој потоа полека ќе се враќа со приходи од замрзнати руски државни средства.

Ќе се разговара и за начинот на завршување на војната. Некои од шефовите на држави и влади на Г7 ќе отпатуваат во Швајцарија во сабота на меѓународна мировна конференција организирана од Украина. Меѓутоа, агресорот Русија не учествува на неа.

Планови за Африка

Џорџа Мелони сака да го префрли фокусот на подобра соработка со Африка во снабдувањето со суровини и енергија, синџирите на снабдување и управувањето со миграцијата. Дванаесет гости од африканските и индо-пацифичките земји се поканети да разговараат за поголеми инвестиции во Африка и за заедничка продукција на еколошка енергија во Африка за Европа.

Во рамките на Г7 веќе имаше многу африкански иницијативи од ваков вид. Недостигаа конкретни финансиски обврски и рамноправна соработка, критикуваше пред средбата невладината организација Оксфам. Со само три проценти од нивните годишни трошоци за одбрана, земјите од Г7 би можеле ефикасно да се борат против гладот ​​во Африка. „Владите на Г7 успеваат масовно да инвестираат во вооружување, но кога станува збор за запирање на гладот, тие одеднаш банкротираат“, рече Тобијас Хаусшилд од германскиот Оксфам.

Организацијата за развојна помош ОНЕ се жали дека финансискиот ангажман на Западот во Африка всушност е намален во последниве години. Долгот, пак, рапидно се зголемува. Отплатата на долговите, сѐ повеќе за заеми од Кина, веќе ги гуши некои земји во Африка, се вели во соопштението на ОНЕ по повод самитот на Г7.

Како да се ограничи миграцијата

Земјите од Европската унија сѐ повеќе ја поврзуваат својата помош за африканските земји со контролата на миграцијата.  ЕУ се обидува да склучи  миграциски договори со Либија, Тунис, Јордан и Египет со цел, доколку е можно да ги запре бегалците и мигрантите во овие транзитни земји. Хуманитарните организации го критикуваат овој пристап бидејќи Европа сака да ја избегне својата одговорност.

И на самитот на Г7 во Јапонија во 2023 година на дневен ред беа речиси истите темиФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Од друга страна, Џорџа Мелони сака да ветува во Италија дека границите ќе бидат помалку или повеќе  затворени за мигрантите  и дека процедурите за азил ќе бидат преместени надвор од земјата. Мелони е инспирирана од Бајден, кој издаде декрет со кој сериозно ја ограничува можноста на мигрантите да аплицираат за азил на јужната граница на САД. Сега мигрантите можат да бидат вратени назад во Мексико без никаков процес.

И во некои земји од ЕУ има барања да се дозволи мигрантите да бидат директно одбиени на граница.

Прекин на огнот во Газа

Г7 ќе ја поддржи резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за  прекин на огнот во војната меѓу исламистичката терористичка организација Хамас и Израел. Седумте земји и ЕУ очекуваат Хамас веднаш да ги прифати условите за прекин на огнот, изјави висок дипломат на ЕУ пред состанокот. Мора да се ослободат израелските заложници и да се стави крај на хуманитарните страдања на Палестинците во Појасот Газа. Сепак, за дипломатите не е јасно дали Израел целосно стои зад резолуцијата.

 

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми