1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Самитот на Г20 без Путин- Русија против „колективниот Запад”

Кристина Нагел | АРД
9 септември 2023

Русија сака да ги искористи Г20 за да се претстави како предвесник на нов светски поредок. Кремљ во пресрет на самитот со агресивен и јасен антизападен наратив.

Сергеј Лавров Г20  Индија
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на подготовките за самитот Г20 во Индија, март 2023Фотографија: ASSOCIATED PRESS/picture alliance

Кај портпаролот на Кремљ Дмитри Песков не можеше да се забележи жалење што претседателот Владимир Путин нема лично да учествува на средбата на шефови на држави или влади на големите развиени и земји во забрзан развој, Г20,  што ќе се одржи во Индија. Агендата на Путин е полна и тој има други приоритети, рече Песков.

Нема простор за компромиси

За министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, тоа е разбирливо. „Г20 беа основани за да се решаваат проблеми на светската економија и на глобалните финансиски системи. Форматот многу години беше доста ефикасен, сѐ додека Западот не одлучи сѐ да ‘украинизира’, вклучително и работата на Г20”, рече Лавров. Тој посочи дека уште минатата година во Бали многу време било залудно потрошено на тоа да се најде формулација за конфликтот во Украина која би била прифатлива за сите, наместо да се расправа според фактичкиот дневен ред на домаќинот. „На крај стоеше дека некои земји го осудуваат конфликтот, но дека други застапуваат поинакво гледиште. Истовремено сите беа согласни дека Г20 не е форматот за да се дебатираат прашања на глобалната безбедност”, рече Лавров, кој смета дека и индиските домаќини сега се на тој став, но дека Русија овој пат нема да потпише заеднички заклучок кој не соодветствувана позицијата на Москва. 

А, тоа е јасно антизападен став кој не остава простор за компромисни формули.

Најава за „жешки“ теми на самитот на Г20 во ИндијаФотографија: Amarjeet Kumar Singh/AA/picture alliance

Предводник во борбата

Западот според руското толкување не само што е главен одговорен за војната во Украина,туку и за дестабилизација на светската економија, за тесните грла во снабдувањето со производи и за колапсот на дистрибутивните ланци. Лавров пред Думата зборуваше за „колективен Запад” кој се обидува „по секоја цена да му го удри својот печат на светот”. Зборови како неоколонијализам и неоимперијализам на претставниците на руските власти и на политичарите им „течат” од уста. Кремљ се инсценира како предводник во борбата за нов светски поредок, кој се велича како мултиполарен и полицентричен. Москва со сите средства се обидува да придобие сојузници во својата борба против сѐ што е западно, намамува со евтина енергија, воена помош, светска трговија независна од доларот и поголемо влијание во глобалниот југ. 

Путин сака да се сретне со Ши - но, што е со Ким?

„Тоа е една од причините зошто сѐ повеќе држави сакаат да станат членки на БРИКС и на Шангајската организација за соработка. Тие бараат начини да решат економски и финансиски прашања со заобиколување на структурите во кои е присутен Западот”, вели Лавров. Рускиот министер веќе најави дека на самитот во Индија ќе се залага за прием на Африканската унија во Г20. Путин пак се грижи за други сојузници. Во план е средба со  кинескиот претседател Ши Џинпинг, кој исто така нема да присуствува на самитот на Г20. Се шпекулира и за средба со севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун, уште претстојниов викенд. Можеби и тоа е еден од поприоритетните термини на Путин. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми