1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Самитот во Анкара: Што ќе остане од средбата на НАТО?

АРД
9 јули 2026

Прво ескалација, потоа работна сесија – НАТО мина низ два бурни денови, но на крајот страстите сепак се смирија, па дури се спомена и љубов. Во средиштето на настаните беше американскиот претседател Трамп.

Заедничка фотографија на самитот на челниците на земјите-членки на НАТО, Анкара 2026
Самитот на НАТО во Анкара беше одбележан со неколку несогласувања – делумно и поради провокациите од страна на Трамп. Сепак, учесниците на крајот успеаја да испратат порака на единствоФотографија: Jonathan Ernst/REUTERS

Очигледно е дека емоциите играат централна улога. Како што се ближеше крајот на самитот, канцеларот  Фридрих Мерц  зборуваше за „чувство на наклонетост и заедничка одговорност“ за време на работната сесија на шефовите на држави и влади на НАТО. Американскиот претседател  Доналд Трамп нешто подоцна додаде дека имало „енормна љубов во оваа просторија. Многу паметни луѓе. И имаат многу добрина во своите срца. Ништо лошо. Само добро“. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, констатирал „големо чувство на единство“.

Напад уште пред самиот почеток

Но до оваа точка прво мораше да се прејде преку беспомошност, бес, па дури и фрапираност. Се разбира  дека во сржта на сето тоа беше Доналд Трамп,  кој очигледно допатувал во исклучително лошо расположение, па дури ни вечерата со  Мерц и Ердоган  во присуство на сопругите, не му го подобри расположението. „Напад врз еден е напад врз сите партнери“, нагласуваат членките на НАТО во нивната заедничка финална декларација, која ја сметаат за доказ за успехот на самитот. Трамп пак постапува обратно и не нападна само еден, туку сите партнери директно уште пред и да почне самитот.  

Тирадите на Трамп против Иран

„Многу сум лут на НАТО и заради тоа што плаќаме премногу, милијарди и милијарди долари премногу“, рече Трамп во средата за време на разговор со Руте. „Тоа е неправедно, бидејќи ние ве заштитуваме, а вие не застанувате зад нас“, додаде Трамп и серијата тиради се насочени првенствено кон  Иран. „Не сакам веќе да си имам работа со тоа ѓубре“, вели американскиот претседател и лицата од раководството на Иран ги опишува како „болни луѓе“. Некаде помеѓу најавува дека ја прекинува трговската соработка со Шпанија и ги повтори претензиите спрема Гренланд, кој ѝ припаѓа на Данска. Данската премиерка Мете Фредериксен се чувствуваше принудена да разјасни дека Гренланд не е на продажба. Нејзиниот шпански колега изјави дека забелешките на Трамп ги сметаат за типично негово однесување.

По ескалацијата следуваше работна сесија

Дали тоа значи дека самитот на НАТО е неуспешен? Една од тајните на трансатлантското партнерство, кое беше предмет на многу пофалби во Анкара, е што може да ги издржи таквите појави – прво, тотална вербална ескалација, а еден час подоцна работна сесија. Во 32 кратки реферати, секој шеф на влада им објаснуваше на останатите лидери колку е посветена нивната земја на одбраната. Доналд Трамп имаше најдолг говор. Според учесниците, од режимот на бес свртел на весел, практичен тон и рекол дека си посакуваСАД во рамки на НАТО да бидат повеќе ценети, а истовремено ги уверил своите партнери дека „сакаме да останеме со вас“.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц зборуваше за „чувство на наклонетост и заедничка одговорност“ за време на работната сесија на шефовите на држави и влади на НАТОФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

По завршувањето на состанокот Трамп се огласи со пофалби. „Беше одлична средба“, изјави тој, додека канцеларот Мерц тврдеше оти во суштина чувствата на американскиот претседател не биле главната содржина на самитот. Тој укажа на огромните инвестиции во одбраната. „Го преземаме овој огромен напор. И не го правиме тоа за некому да направиме услуга, туку за да ја зајакнеме сопствената безбедност. Русија ја тестира нашата решителност секој ден“, смета Мерц.

Сѐ повеќе пари за одбрана

И така се дојде до темите кои фактички треба да се во фокусот на самитот, кој беше подготвуван со месеци. Се работи за војна и мир, за политика на моќ, за договори за оружје вредни повеќе милијарди евра и воено засилување на европскиот континент без преседан од Втората светска војна до денес. Со Германија на чело која за одбраната сега троши колку Франција и Велика Британија заедно и цифра која се очекува да расте дополнително, надминувајќи 150 милијарди евра годишно.  За Германија - и за НАТО, која генералниот секретар  Марк Руте ја опишува како „алијанса што се развива. Алијанса што испорачува за безбедноста на една милијарда луѓе“.

Трамп не го „торпедираше“ самитот тотално

Руте своите цели успеа да ги постигне преку извонреден микс од шарм, упорност и потчинување. Резултатите се токму онакви какви што си ги посакуваше - европскиот столб на НАТО расте, околу 140 милијарди евра воена помош за Украина ќе има за 2026 и 2027 година. Трамп не го фрли самитот целосно во сенка. Канцеларот Мерц исто така се врати во Берлин задоволен. Тој однапред смисли дека мора да настане „духот на Анкара“ и им го презентираше концептот на своите колеги за време на работната сесија. Судејќи според резултатите, за време на сесијата во најмала рака не се појавило сениште.

Автор: Бенјамин Гроскопф, АРД

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми