1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Санкции за Мерко. Правда за Кале. Забава за народ.

22 јуни 2023

Ефектот на веста дека Рамиз Мерко е ставен на црна листа, автоматски губи на тежина кога таа се поздравува од не помалку корумпирани политичари. Пишува Арсим Зеколи.

Рамиз МеркоФотографија: Petr Stojanovski

Барем за овие први, последователни 24 часа од објавувањето на веста за санкциите кон струшкиот градоначалник, истакнат член на ДУИ, пријател на Али Ахмети и на не мал број етничко-македонски политичари, не слушнав и не прочитав еден исказ на жалење, несогласување или поплака за чинот на американската администрација. Ниту јас немам намера бидам да исклучок од тој општ став на општеството кон еден човек кој одамна е меѓу оние кои заслужуваат санкции. А сепак, чинот нема да го поздравам ниту пофалам. 

Во исто време, подеднакво немам намера да бидам дел од игранките на американската администрација со санкциите, ниту пак да се потресувам од медиумската хистерија или пак се приклучам кон циничните потресувања на дежурно чеснољубивите „не сме знаеле” , почнувајќи од Ковачевски, Пендаровски, Ахмети, Мицкоски па се до Алтернатива. Да почнеме по ред, ех?

Чинам, во исто време кога Блинкен ли, Бајден ли го потпишувале указот за Мерко, во албанската редакција на МТВ2 се случуваше мала драма. Три од четирите повикани кандидати за ректори на Универзитетот во Тетово решија да ја напуштат дебатата во знак на протест поради однапред донесената одлука  човекот избран од ДУИ да биде инсталиран на чело на Универзитетот. Ден подоцна, навистина, човекот мирно и спокојно беше прогласен за победник во „отворениот, демократски, транспарентен конкурс” за избор на ректор. Толку од поучноста на санкциите и потресеноста на ДУИ и на Ковачевски. Толку од ефектот на санкциите против Мерко врз промената на курсот, менталитетот или начинот на однесување во политиката, академијата, институциите, медиумите.

Но да видиме кој се го поздрави, кој се ситеше, кој аплаудираше на ставањето на црната листа на Рамиз? Еден премиер кој бесрамно изјавува „дека правосудните органи не можеа да го видат одблиску тоа што Вашингтон го гледа оддалеку”. На што единствениот одговор би бил: онака како што тој самиот не може да го види во својот кабинет и  во неговиот заменик. Една „шокирана” Алтернатива на која Рамиз не и пречеше кога  коалицираше со ДУИ. Една редица медиуми кои де поради зејтини од Унгарија, де поради „кутии за чевли” од Турција, де поради бивање тоалетна харија на домашните „приколка и патики” олигарси, се затрчаa да глумaт моралност и правдољубивост, иако и самите заслужуваат да бидат прeдмeт на санкции – одамна!

Мерко заслужи санкции. И повеќе од санкции

Но во хиерархијата на заслужни за санкции и казни, Мерко е некаде во средината на лигата на корумпирани. Неговата корупција е далеку од онаа на добар дел (екс)премиери, (екс)министри, приближно иста со државни секретари и пратеници, и за двеста-триста илјади евра побогат од одредени медиумски „Бардовци”. Па затоа, ефектот на веста дека е ставен на црна листа, автоматски губи на тежина пред гласачите и гледачите кога истата се поздравува од не помалку корумпирани политичари или се врти од медиуми папочно врзани со домашни и регионални корумпирани и криминогени ликови.

Санкционирањето на Мерко ме потсетува на експресното ставање и експресното тргање на Али Ахмети од црните листи, поради повисоки политички причини. Истите поради кои Мендух Тачи беше казнет а Арбен Џафери поштеден од ставање на црна листа. Докажувајќи дека – штом е можно да за две години бидете ставени па експресно тргнати - мотивите за санкционирање се сепак пред се политички, и многу помалку законски поврзани. Затоа, не е прашање дали е Мерко корумпиран, туку зошто е санкциониран?

Одговорот е едноставен. За согласно новите коалициони интереси и „западно реформски директиви” да се отвори простор за нов, подеднакво политички и корупциски идентичен лик од владеачката коалиција. По можност, да е од струшко. Времето ќе им докаже на денешните „неверни Томи' дека санкциите кон Мерко се повеќе персонални и тактички, отколку принципиелни, структурни, политички, административно, реформски калибрирани потфати, камо ли стратегии.

Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

Итроштината на ваквите интриги функционира се додека има наивни. Но по три децении сведочење како санкционираните си уживаат а чесните се иселуваат, чинам дека е време да на таквите „дипломатски Итар Пејоштини” им се покаже местото и укаже на нечесноста во позадината на "добрите намери”. Госпоѓата Ангелер би требало да намали со „докажувањата и убедувањата” преку отфрлање на политичари на крај на кариера и си ја докаже „антикорупцијата” врз оние на почеток на кариерата. А таквите веќе опасно и отворено докажуваат дека имаат намера да го надминат Мерко онака како што Мерко ги надмина претходниците.

Затоа, санкциите кон Мерко не се и не можат да бидат вест. Вест е доколку Агелер, Гир побараат санкции за, на пример, Кренар Лога и Арбен Таравари. Или за Артан Груби и Фатмир Бесими. За Дарко Каевски и Вице Заев. За Венко Филипче и Кочо Ањѓушев. За Мицкоски и Николоски. Па ако сакате и пошироко, за Ивица Дачиќ и Александар Вулин, за Еди Рама и Ерион Велија. Додајте го и Ричард Гренел. Но оние дипломати кои на црни листи го ставаа Невзат Халили а притоа се дружеа и љубеа со Павловиќ Латас, не се гаранција за доверба, туку причина за сомнеж и недоверба во искрените намери.   

Мерко заслужува црна листа, со печат и потпис

Да повторам и подвлечам. Веста за „црнолистањето“ на Мерко не е вест. Туку е репринт на вчерашни корупции и криминали со кои се дига џева, дим и врева за протнување на новите, веќе асални за санкции коруптократи во служба на олеснување на имиџот и привидот за „маестралната западна дипломатија”. Која во отсуство на некој домашен лесно контролабилен, лесно уценлив, лесно подмитлив скот, испаѓа дека не е нешто поасална и поснаодлива од Димитров или Османи. Тоа е нивото. Ваквите веќе видени, изџвакани, ефтини трикови на бирократијата од Стејт Департмент веќе не влеваат доверба и не предизвикуваат почит. Вклучително со нивната втора епизода на Додикизација на Балканот демонстрирана во Подгорица, Сараево а сега и во Скопје. 

САД и ЕУ ја изгубија – доколку некогаш воопшто ја имале - способноста и вмешноста за создавање авторитети од доверба, па сега прибегнуваат кон лажни драмолетки на „драматични санкции” за да во мизансценот го протнат она што самите меѓу себе потсмешливо го нарекуваат како „more of the same”. Проблемот е што општествата се заситени од такви карикатура-реформисти и бараат вистински, автентични авторитети кои низ саможрттва се докажуваат пред да дојдат на власт. Наспроти вашингтон-бриселската пародија на фаворизирање лабораториски измамници фалени како „надежни реформатори” пред да стапнат на власт. За да по шест месеци, ги препознаеме што квалитет всушност се. Американските дипломати се убедени дека и оваа рунда на мајтап ќе им помине како и претходните. Лично, не сум уверен дека тоа сеуште врви како порано. Граѓаните се помалку гледаат во инсталираните лидери и се повеќе го вртат погледот кон горе, кон раката која ги влече конците. Свеста дека локалниот криминал и корупција, под закрила и заштита од Вашингтон и Брисел, ќе продолжи да ги убива  општествата веќе озбилно зема замав и го менува дискурсот и атмосферата ширум регионот. Времето ќе покаже кој е во право. Но, што фајде од тоа.  

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми