Бетонизацијата кај „Треска“ во рацете на Уставниот суд
20 јули 2023Се подготвува терен за изградба на згради во поранешната фабрика „Треска“. Просторот околу кој веќе подолг време се кршат копјата меѓу активистите и општина Центар, е на чекор до бетонизација. Летово е планирано да почне е градбата на првата зграда во кругот на поранешната фабрика. Две фирми веќе уплатиле комуналии во висина од 800.000 евра на Град Скопје и Општина Центар за изградба на станбено-деловен објект. Повикувајќи се на информации од Општина Центар, сдк.мк објави дека ќе се гради објект со висина од 19.20 метри, катноста е приземје, 5 ката и поткровје, а вкупната бруто изградена површина изнесува 6.662 метри квадрати. Станува збор за стaнбено-деловен објект.
Иницијатива за Уставен суд против бетонизацијата
Од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ не се откажуваат. Тие пред Уставниот суд го оспорија Деталниот урбанистички план за Буњаковец во чии рамки спаѓа и просторот на поранешната фабрика „Треска“, со цел да го спречат неговото понатамошно спроведување, коешто сметаат дека ќе нанесе штета на јавниот интерес.
Иницијативата до Уставен е доставена на 14 јули, со образложение дека ДУП-овите треба да бидат во согласност со Генералните урбанистички планови, што не е случај со планот за Буњаковец.
„Планот за Буњаковец предизвикува ризици за здравјето, безбедноста на локалната заедница и квалитетот на живот. Во ДУП се отсликува практиката на планирање од изминатава деценија, а со главен белег на зголемување на површините за домување и бројот на жители. Истовремено, се намалуваат површините под зеленило, јавните површини и објектите со социјална или образовна намена. Затоа бараме од Уставниот суд да го стави надвор од сила и да го заштити правото на граѓаните на чиста и здрава животна средина“, велат од „Шанса за Центар“.
Се отвара пат за „наполитанките“
Планот, според нив, предвидува изградба на нови објекти на подрачјето на поранешната фабрика „Треска“, што би значело уништување на просторот и реализирање на т.н. „наполитанки“.
„Претходното раководство на општината се обиде со институционални механизми како мораториумот и суспензијата да го стопира реализирањето на овој план, а со поддршка на еминентни професионалци од областа се направи урбанистички конкурс за уредување на овој значаен простор. Но промената на власта во Центар, и доаѓањето на градоначалникот Горан Герасимовски ги запре и прекина сите заложби за похумано уредување на овој простор и отвори простор за инвеститорско-профитерските спреги да се стават над јавниот интерес“, додаваат од „Шанса за Центар“.
Антикорупциската комисија во повеќе наврати алармираше дека на локацијата на поранешната фабрика „Треска“ не смеат да започнат градежни работи, дека не завршат постапките коишто се водат во Јавното обвинителство. Станува збор за простор кој последниве години е во фокусот на интересот на јавноста, токму поради битката кој да го добие и што да се гради на оваа атрактивна локација.