1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сарацин: Уставните измени треба да се заокружат што поскоро

ДТЗ
11 септември 2023

Германскиот пратеник Мануел Сарацин порачал дека е важно како ќе биде формулирано прашањето за донесување на уставните измени и да не потценува временскиот период за нивно донесување.

Мануел Сарацин,Талат Џафери
Без уставни измени Македонија може да биде одвоена од другите на патот кон ЕУ, порачал германскиот специјален пратеник во СкопјеФотографија: Fatos Musliu/DW

Северна Македонија ризикува многу ако не ги усвои уставните измени во наредниот период, коишто се услов за напредок кон ЕУ. Имајќи ја предвид можноста за отворање преговори со Украина во декември оваа година, ризикот од одвојување на земјата од останатите, без исполнување на потребните европски барања е неизбежен. Ваква порака донесе денеска во Скопје, специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин. 

Tој на средби со политичкиот врв во земјата разговараше за актуелните состојби во контекст на интеграцијата во ЕУ и потребата од успешно завршување на процесот на уставни измени, кој треба да се заокружи во парламентот во наредниот период. Дециден е дека Сојузна Република Германија посакува процесот на уставни измени да се заокружи што е можно поскоро.

Од власта добил благодарност за континуираната поддршка од Германија за евроинтегративниот процес, додека од опозицијата му биле упатени истите пораки дека Владата нема легитимитет за уставни измени и дека прифаќање на бугарски диктат нема да се случи.

Важно е како ќе биде формулирано прашањето

Сарацин на средбата со претседателот на Собранието, Талат Џафери, потенцирал дека многу време е изгубено во регионот, а тековната динамика во ЕУ за забрзување на процесот на проширување не смее да се пропушти. Од тие причини, според него, важно е како ќе биде формулирано прашањето за донесување на уставните измени, но уште поважно е да не се потценува временскиот период за нивно донесување.
Германскиот специјален пратеник имаше средба и со делегација на ВМРО-ДПМНЕ, која што го реафирмирала ставот дека оваа влада нема легитимитет за уставни измени и дека прифаќање на бугарски диктат нема да се случи 

Во партиското соопштение се наведува дека првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакнал дека со последните измени на Кривичниот законик власта се подготвувала за опозиција и директно ги амнестира своите кадри кои со тоа сакаат да ја одбегнат правдата. Според него, еден од најважните приоритети на идната влада ќе биде борбата против корупција.

Фотографија: Reuters/T. Georgiev

Слични пораки за забрзување на патот кон ЕУ, Сарацин упати и во јуни на Преспа форумот, кога во интервју за МИА посочи дека Северна Македонија нема многу време за губење, бидејќи не знаеме што ќе се случи, имајќи ја предвид војната во Украина.

„Доколку сега ги отворите кластерите после уставните измени, патот на земјата кон ЕУ е неповратен. Вие направивте многу важен чекор, и сите знаат дека вашата земја ќе пристапи, не знаеме колку брзо, но никој веќе не може да ја сврти земјата назад. Гледаме што се случува во вашето соседство и колку е тоа опасно, каде насилни протести повторно се случуваат на улиците после долги години и што ова значи за чувствата на граѓаните од овој регион. Ова кажува: пристапете што е можно побргу, бидете колку што може поблиску до ЕУ, направете го овој пат неповратен сега, за да бидете посигурни при евентуални следни случувања, а не знаеме што да очекуваме во следните недели и месеци“, изјави тогаш германскиот дипломат.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми