1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шчо напраифте? Пак се испокаравме!

10 август 2026

Кому му пречи една комплетно департизирана и деполитизирана содржина во видео-спотот за 35-годишнината од независноста на земјата?

македонско знаме
Фотографија: MIA

Видeото за 35-годишнината од независноста на С. Македонија, што премиерот Христијан Мицкоски го сподели на социјалните мрежи, уште еднаш потврди дека и најсветлите датуми во историјата на земјата не можат да се спасат од партиски рецензии за политички дивиденди.

За разлика од разни претходни пригоди, кога актуелни влади го користеле моментот за да вметнат во празничните видеа свои лица, агенди и успеси, она што го карактеризира ова видео е една комлетно департизирана и деполитизарана содржина, во која главниот акцент е на успесите во спортот, музиката, филмот, културата, во изминатите 35 години, видени исклучиво низ импресиите на граѓаните.

Единствените политичари кои се дел од видео-наративот, се првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, со неговата честитката за референдумскиот избор на граѓаните, како и инсерт од чинот на монетарното осамостојување на земјата, со изјава на премиерот не на политичка, туку на првата експертска влада, Никола Кљусев.

Песната со која почнува и завршува видеото е „Љуби ме и главата горе“ на Зафир Хаџиманов, во која доминантни (но и сигнификантни во празничен контекст) се стиховите „Многу дни пребродивме ние, како чун на немирно море...“, нешто со што би се сложил секој граѓанин на земјата, сведок на настаните од 8-ми септември 1991 година до денес.

Авторство врз сите успеси?

Но, и покрај успехот да се креира комплетно деполитизирана содржина во спотот, бројни реакции предизвика „рецензијата“ од претседателот на СДСМ, Венко Филипче на Фејсбук, која СДСМ ја дополни и ја објави и како партиско соопштение.

„И што видовме? Видео што ја слави државотворната политика на СДСМ. Во видеото е Киро Глигоров. Во видеото се најголемите државни успеси на Македонија. Во видеото само недостасува влезот во НАТО, како и почетокот на преговорите со ЕУ. Сè што е позитивно и државотворно во тие 35 години, е дело на СДСМ. Ниту еден вистински државен успех во овие три и пол децении не носи потпис на ВМРО. Затоа во видеото нема место за Никола Груевски. Тие години на темнина, криминал и бегство не се за промотивни спотови. Нема место ниту за оваа актуелна Влада - затоа што нема што да покаже. Мицкоски сакаше да се пофали со независноста. А всушност објави промоција на сè она што СДСМ го изгради", се наведува во реакцијата.

Во ВМРО-ДПМНЕ не се изненадени

Вчерашниот ден практично помина во знакот на реакции за ова прашање.

„Видеото за независноста има порака која обединува - штета што и овојпат СДС е на погрешната страна“, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.

„Згрозени сме од нивото на политичка култура на Венко Филипче и од начинот на кој политизираат нешто што граѓаните го разбираат и прифаќаат како народна прослава на независноста. Искрено жалиме што СДС нема капацитет да ја види големата слика и да го надмине сопствениот талог. Не сме изненадени, но сме разочарани од тоа што денес претставува ова раководство на СДС“, наведоа од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму се осврнуваат и на конкретните забелешки на Филипче.

„СДС се лутат зошто го има првиот претседател на независна Македонија, кој, патем, е избран консензуално, и зошто немало ништо за НАТО, а си ќутат за промената на името. Протестираат зошто нема ништо за Груевски и премеруваат кој за што е заслужен, а веројатно им е тешко што го нема Заев или друг премиер. Но, сепак, ова е спот за дел од позитивните страни во овие 35 години. За негативните уште не е снимен, но таму Заев и Венко се во главна улога, а народот сето тоа го памети“, се вели во соопштението.

Подобро да молчи

И на социјалните мрежи се наредија бројни критики за ваквата дискусија еден месец пред празникот, со прашања: „И јубилејот ли сакаат да го испоганат", „Зошто, зошто, зошто?" 

Дел од граѓаните посочуваат дека ја разбираат суштината на видео пораката - акцент на успесите и на она што ги обединува луѓето. За нив е јасно зошто спотот не се занимава ни со скандалозната приватизација, ни со големите скандали како ТАТ и слични на него, ни со атентатот на претседателот Глигоров, ни со конфликтот од 2001 година, ни со бегството на Груевски... Во тој контекст има потсетувања и за други настани кои се „пропуштени“ во видеото. 

„Нема ништо ни за оној трагичен 8-ми септември 2021 година, кога изгубивме многу животи во пожар во модулатната болница во Тетово. Кој беше министер за здравство тогаш? Да сум на негово место, би молчел“, гласи една од критиките.

Музичко-сценски спектакл

Во ист наратив како и во видеото, по повод 35-годишнината од независноста, синоќа во Охрид беше изведен музичко-сценскиот спектакл „Силно светнал ден“, (наслов инспириран од стих на Коста Солев Рацин), а пренесуван во живо од МРТ.

Спектаклот, во режија на Дејан Пројковски, е замислен како современо сценско патување, низ кое со музика, танц, глума и поезија во 11 градови ќе биде раскажана приказната за македонската држава, истакнувајќи ги најзначајните историски моменти, подеми, предизвици и достигнувања од изминатите три и пол децении. Во изведбата учествуваат Игор Џамбазов и голем број македонски пејачи, танчери и актери. На 11-ти август спектаклот „Силно светнал ден“ ќе биде изведен во Битола, а на 12-ти август во Велес.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми