1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ предлага законски измени и за партиите

ДТЗ
17 октомври 2022

Целта на предлогот е да се зголеми транспарентноста и дистанцирање од фашизмот, нацизмот и националсоцијализмот. Политичките партии ќе треба да ги усогласат своите имиња со овој закон во рок од три месеци.

парламент Северна Македонија
Ако се усвојат законските измени, политичките партии ќе треба да ги усогласат своите имиња со овој закон во рок од три месеци.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Предлогот-законот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за регистрација на здруженија и фондации во земјата ја има поддршката на СДСМ за ревидирање на актуелното законско решение коешто има бројни пропусти, поради што се појавија две бугарски здруженија со контроверзни имиња во Битола и во Охрид, а уште едно е во најава во Богданци. Но, владејачката партија оди и чекор понатака - најавува по ист терк закон и за политичките партии, а предлагачи се координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески и пратеничката Соња Мираковска.

Целта на предлогот е да се зголеми транспарентноста и дистанцирање од фашизмот, нацизмот и националсоцијализмот. „Политичките партии се клучен елемент во процесот на демократизација на едно општество и тоа е услов за обезбедување на доброто владеење“, велат предлагачите на законските измени.   

Со предлог-законот ќе се овозможи поголема транспарентност, како на постоечките така и на идните политички партии, гарантирање на правната сигурност на граѓаните својствени за една демократска, современа и цивилизирана правна држава, се наведува во предложениот текст.

Законски измени

Предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии содржи четири члена. Со членот 1 се допрецизира одредбата за програмата, статутот и дејствувањето на политичките партии да не можат да бидат насочени разгорување на национална, расна или верска омраза, нетрпеливост, етничка нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, ширење или поддршка на фашизам, нацизам,национал-социјализам и третиот рајх или повикување на личности и настани од минатото поврзани со фашизам, нацизам, национал-социјализам и Третиот рајх.

Со членот 2 се дополнува членот 16 со два нови става во кои е уредено дека статутот на политичката партија не смее да содржи одредби кои предизвикуваат расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот Рајх.

Името и ознаките на политичката партија не смеат да содржат симболи, зборови, крaтенки кои предизвикуваат расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал социјализам и Третиот рајх, се предлага во еден од ставовите. Политичките партии ќе треба да ги усогласат своите имиња со овој закон во рок од три месеци. 

Заштита на антифашистичките вредности 

Пратеничката од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, смета дека во измените и дополнувањата на Законот за политички партии што ги најавува СДСМ е ископиран истиот текст од предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации, а со кој треба да се спречи контроверзни имиња да бидат имиња на здруженија на граѓани.

Опозицијата до Собранието достави измени на Законот за здруженија и фондации по отворањето бугарски клубови со контроверзни имиња - „Ванчо Михајлов“ на 16 април во Битола и „Цар Борис Трети“ на 7 октомври во Охрид. Пратеничката Мизрахи вели дека не се сигурни дали СДСМ ќе го поддржи предлог законот за здруженија и фондации. 

Пратеничката од СДСМ, Санела Шкријељ претходно рече дека Законот за здруженија и фондации бара ревидирање, бидејќи станува збор за закон којшто е стар веќе десетина години. „Апсолутно го поддржуваме правото на слобода на здружување, но исто така мора да застанеме во одбрана на вредностите на кои се темели нашата држава, а тоа се антифашистичките вредности, така што секој предлог што е во таа насока ќе го поддржиме“, рече таа, коментирајќи ги законските измени поднесени од страна на опозицијата.

Премиерот Димитар Ковачевски минатата недела упати повик до пратениците од владејачката коалиција да дадат поддршка за измените кои ќе го спречат напливот на бугарски клубови со спорни имиња.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми