1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската БМЗ ќе произведува литиумски батерии во Скопје

ДТЗ
4 септември 2024

Инвестицијата изнесува 65 милиони евра, а се очекува фабриката да биде готова до мај идната година. Извозот во првите три години треба да достигне најмалку 60 милиони евра

Седиштето на групацијата БМЗ во Карлштајн
Седиштето на групацијата БМЗ во КарлштајнФотографија: Elizabeta Miloševska-Fidanoska/DW

Во Технолошко - индустриската развојна зона - Скопје ќе се гради фабрика на германската БМЗ груп која се занимава со изградба на литум јонски батерии. Инвестицијата изнесува 65 милиони евра, а се очекува фабриката да биде готова до мај следната година. Извозот во првите три години треба да достигне најмалку 60 милиони евра.

Комерцијалното производство е почнато со браундфилд инвестиција, но недостасувал повеќе простор што ќе се обезбеди во модерна фабрика, во која ќе бидат ангажирани околу 1.000 работници.

Јелица Ивановска, генерален директор на БМЗ Македонија, информираше дека сега најмногу извезуваат во Германија и во Полска, но и во сите европски земји. Во план е фабриката да се пушти во погон во мај, а се очекува да извезуваат и надвор од европскиот пазар. 

Групацијата БМЗ повеќе од 25 години континуирано развива литиум-јонски батерииФотографија: Elizabeta Miloševska-Fidanoska/DW

Расправии кој ја донел инвестицијата 

Пред една година, поранешната влада предводена од СДСМ и ДУИ објави дека е договорена инвестиција вредна 65 милиони евра со германската компанија „БМЗ Груп“ за производство на батерии и дека со неа ќе се отворат 755 нови работни места. Договорот со компанијата го потпишаа тогашниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи и ексдиректорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, во Франкфурт во септември минатата година. 

„Поранешниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи вчера кажа дека тој е оној што ја донел оваа инвестиција и, еве, јас во мое име да му се заблагодарам зашто го водел процесот дотука до каде што го водел, но жалам што не успеал да го заврши до крај“, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски. „Претпоставувам дека не успеал да ги убеди граѓаните како го ги убедувал своите сопартијци на 8 мај, па доживеа дебакл каков што доживеа па оваа влада мораше сега заедно со инвеститорот да го заврши овој процес“, додаде премиерот. 

Договорот за инвестирање беше потпишан во седиштето на БМЗ во Карлштајн (4.09.2023)Фотографија: Elizabeta Miloševska-Fidanoska/DW

Реагираше и ексдиректорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски. Тој вели дека е добро што новата Влада го продолжува она што го започнале, „бидејќи овие проекти не се ни мои, ни ваши, ни наши туку единствено на сите граѓани на Македонија“.

„Им честитам на БМЗ за почетокот на градежните работи по само една година откако го потпишавме договорот за инвестицијата. Проект кој означува многу повеќе од само тули и малтер. БМЗ инвестира 65 милиони евра, но најважно е што компанијата веќе вработува дел од планираните над 700 луѓе, со над 1200 евра бруто плати. Ова не е само бројки, туку реални можности за нашите сограѓани“, вели Деспотовски. 

Најави за нови инвестиции 

Мицкоски очекува уште инвестиции во периодот што следи. „Во тек се преговори за проширување на две веќе постоечки инвестиции од странските инвеститори, но и една нова што ја преговараме и сме во завршна фаза со уште една многу голема и моќна држава членка на ЕУ. Се надевам и сум сигурен дека и таа ќе се заврши до крајот на годината со што сериозно ќе биде исцрпен човечкиот потенцијал за ваков тип на инвестиции кај нас со што ќе додадеме вредност во процесот на зголемување на БДП“, рече Мицкоски. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми