СДСМ со писма до ЕУ по најавите за политички прогон
17 април 2026
Првиот човек на СДСМ, Венко Филипче,испрати официјални писма до Европската Унија, Европската комисија, Европскиот парламент, известувачот за Македонија, како и до амбасадорите на земјите членки на ЕУ, за „сериозно нарушување на демократскиот и уставниот поредок, поделбата на власта и владеењето на правото во Македонија“. Писмата следат откако премиеротХристијан Мицкоски на 15 април рече дека „има чувство дека набргу функционери од претходната влада ќе бидат опфатени со прогон“.
Одговарајќи денеска на новинарски прашања во Ѓорче Петров, во врска со писмата што СДСМ ги испрати до европските институции, Мицкоски порача дека „секој има право да се допишува“, но додаде дека „неговите чувства се сè посилни“.
Аларм до европските институции за нарушување на владеењето на правото
СДСМ во писмата до ЕУ наведува дека подолг период сведочат за системско поткопување на поделбата на власта, владеењето на правото и основните принципи на уставноста. „Постои реална и основана загриженост дека извршната власт спроведува координирана стратегија за навлегување во судската независност, што укажува на јасна и систематска инсталација на авторитаризам“, се наведува во писмата.
Во нив директно се посочува улогата на премиерот Христијан Мицкоски и се нотираат најавите со закани кон опозицијата, како и најавите за политички прогон. Писмата следуваат откако во земјата стана актуелно прашањето за евентуалното враќање на експремиерот Никола Груевски, по повеќегодишното бегство во Унгарија.
СДСМ ја критикуваше Владата дека се одложува барањето за негова екстрадиција, додека Мицкоски им порача дека очекува ист критичен пристап од опозицијата и во случаи кога под истрага или судски постапки би се нашле нивни функционери.
„Очекувам од истата опозиција да се однесува вака критички како што сега се однесува, и кога – имам чувство, не велам дека имам информации – дека набргу поранешни функционери од СДСМ, поранешни премиери, претседатели на влада или нивни блиски ќе бидат опфатени со одредени прогони. Очекувам и тогаш да имаат вакви прес-конференции и да не велат дека станува збор за политички прогон, туку да ги повикаат да одговараат пред институциите и да ја докажуваат својата невиност“, изјави Мицкоски на 15 април.
СДСМ поднесе и кривична пријава за Мицкоски
Во меѓувреме партијата поднесе и кривична пријава против премиерот за рушење на Уставот и кршење на законите. „Од позиција на премиер, Мицкоски јавно најавува кривични прогони, таргетира конкретни луѓе од опозицијата и нивните семејства со однапред напишани обвиненија. Неговото ’имам чувство’ го диктира стравот затоа што знае дека ќе мора да се соочи со одговорноста“, вели генералниот секретар на СДСМ, Александар Димитријевиќ.
Тој го повика Јавното обвинителство да го повика премиерот на распит и да ги испита неговите чувства за да докаже дека не работи само по нарачки од Мицкоски.
Според СДСМ,оваа изјава за политички реваншизам претставува директна закана за демократскиот плурализам.Тие сметаат дека со ваквото однесување, користејќи ги двете функции, премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски ги претвора државните институции во инструмент на партиска пресметка, а истовремено ги користи како заштитен штит за сопствените структури, наведува претседателот Филипче во писмата.
Додека Мицкоски има „чувство“ дека се приближува прогон за поранешни функционери, од СДСМ „имаат чувство дека стравот длабоко навлегол во неговите коски“. Од партијата деновиве порачаа дека „сите мора да бидат еднакви пред законот – вклучително и оние кои денес седат во премиерската фотелја и се обидуваат државата да ја користат како штит за своите бизнис-комбинации, како и сите оние кои државните институции ги користеле за лична и партиска корист“.