1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ ќе ја топи разликата, ВМРО-ДПМНЕ открива црни сценарија

26 април 2024

Социјалдемократите веруваат дека секоја разлика е достижна. Пресврт во резултатите досега се случи само на претседателските избори во 1999 година.

Стево Пендаровски и Димитар Ковачевски
СДСМ верува дека може да го промени текот на настаните - Стево Пендаровски и Димитар КовачевскиФотографија: Petr Stojanovski

СДСМ верува дека може да го промени текот на настаните, ВМРО-ДПМНЕ предупредува дека ДУИ и СДСМ коваат сценарија во нивна полза а на штета на државата - во вакви околности продолжува кампањата за изборите на 8-ми мај.

„Нема време за малодушност, борбата не е завршена секој може да се вклучи и да го промени текот на настаните“, повика Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ од синоќешниот централен митинг во Чучер Сандево.

„Една работа е јасна од првиот круг на претседателските избори, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Сиљановска го достигнаа својот максимум на гласови, го достигнаа плафонот. Повеќе нема што да бараат, ниту да очекуваат од граѓаните на 8-ми мај. Толку можат и ништо повеќе. А тоа не е доволно за победа на претседателските избори. Ве уверувам дека со оваа реторика која што ја има ВМРО-ДПМНЕ, со ксенофобијата на  Гордана Сиљановска - Давкова  не постојат гласови од другиот електорат кои тие ќе можат да ги добијат во вториот изборен круг на претседателските избори“, рече Битиќи.

Она што Битиќи го нарече „другиот електорат“, во партиското соопштение од неговото обраќање е наведено како „албански електорат“.

„На 8-ми мај сѐ почнува од почеток, гласовите ќе се бројат од нула. Не постои голем разлика, сѐ е достижно“, повика Битиќи.

Еднаш се случи пресврт

Пресврт во резултатите досега се случи само еднаш - на  претседателските избори  во 1999 година. Тогаш кандидатот на СДСМ, Тито Петковски, во првиот круг освои 343.606 гласови (33,1%) и имаше предност од 124.508 гласови пред кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Борис Трајковски, кој доби 219.098 (21,1%). Во вториот круг се случи пресврт: Петковски доби 513.614 гласови (46,8%), а победи Борис Трајковски со 582.808 гласови (53,2%), односно 69.194 гласови повеќе од Петковски. Изборниот скор на Трајковски од првиот круг во вториот порасна за дури 363.710 гласови.

Надежи и калкулации пред вториот круг на претседателските и парламентарните избори на 8 мајФотографија: Petr Stojanovski/DW

Поддршка - од каде и како?

Има ли СДСМ „базен“  од кој би можела да црпи дополнителни гласови и тоа при претпоставка дека резултатот на Сиљановска е „плафон“, како што вели Битиќи?

„Иако се калкулира со дел од гласовите на Албанците, бидејќи тие немаат кандидат во вториот круг, таа пресметка се компликува поради есапот на партиите за парламентарните избори“, велат познавачи на состојбите во албанскиот политички кампус.

Според нив, ако еден блок повика  да се гласа за Пендаровски,  автоматски би се конфронтирал со  ВМРО-ДПМНЕ, партија која од завчера е перцепирана како сигурен победник,  и со тоа би ја загрозил потенцијалната шанса за коалицирање со неа. Така што, дури и да се договори некаква поддршка, сигурно не би била јавно соопштена, а соодветно на тоа и не би можела да биде масовна.

Пендаровски по првиот круг  категорично изјави дека нема да бара никаков договор со ниту еден политички субјект или со кандидат од оние кои не продолжуваат во вториот круг, за механичко префрлање на гласовите.

„Тоа е концепт кој е потполно туѓ за моето политичко верување. Никогаш не сум го правел тоа, никакви заткулисни договори. Ниту во 2014 ниту во 2019 година не сум го правел тоа, со ниту еден политички лидер, со ниту една политичка партија, за механички да преземам гласови од која било етничка заедница, од било која општина. Тоа нема да го правам ни сега. Едноставно на сите граѓани ќе им го презентирам мојот концепт. Се надевам далеку поголема бројка ќе го препознае мојот концепт како најдобар и најпродуктивен за развој на македонската држава“, рече Пендаровски.

За разлика од СДСМ, каде евентуална дополнителна поддршка за Пендаровски повеќе би водела кон санирање на штетите од првиот круг отколку кон победа, на ВМРО-ДПМНЕ му е потребна сигурност дека ќе биде исполнет цензусот, односно дека ќе се превенира евентуално сценарио за бојкот на вториот претседателски круг.

Христијан Мицкоски и Гордана Сиљановска - Давкова - ВМРО-ДПМНЕ стравува од бојкот на изборите Фотографија: Boris Georgievski/DW

На тој план во политичките кулоари сѐ почесто се спомнува можноста за договор со партии чии кандидати не влегуваат во вториот круг, со цел нивното членство да се мотивира да земе гласачко ливче за претседател, а неважно е што потоа ќе прави со него - дали ќе го направи неважечко.

Мицкоски: Коваат сценарија

Иако од партиите кои се декаларираат како европски не би требало да потекне иницијатива ни за отворен ни за тивок бојкот на претседателските избори, ВМРО-ДПМНЕ стравува дека тоа може да се случи. Токму на такви сценарија вчера се осврна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од синоќешниот митинг во Кичево. 

„Оние кои што се удираа во гради  дека ќе сме се сокриеле после изборниот ден, јас денес не ги гледам. Сокриени коваат сценарија за бојкот. На врата се пред Мала Речица да ги молат за гласови, како што ги молеа за тендери. Но, народот е посилен и од тие стотина луѓе од ДУИ кои управуваат со државата и од тој артаноиден режим“, рече Мицкоски.

Сиљановска во првиот круг беше во двојно водство, а Мицкоски објасни зошто е многу важно разликата да биде уште поголема. „Затоа што добивам информации за црни сценарија кои се коваат во противничките штабови и да им кажам колку и тие да планираат такви сценарија, народот уште пожестоко ќе ги казни. Излезот власта го гледа во две работи. И двете се губитнички сценарија. Првото е бојкот на изборите каде што најисправниот одговор треба да биде излезноста и масовноста на овие избори. Второто сценарио е играњето со белезите на Македонија и великодушните понуди што овој пат ги добива ДУИ за сметка на Македонија од СДСМ за еден партнерски настап и взаемна поддршка на изборите“, рече Мицкоски.

Според него, и двете сценарија биле за тоа како ДУИ и СДСМ да извлечат некаква полза, за сметка на пропаста и назадувањето на државата. „Тоа нема да го дозволам. И затоа одговорот е масовна излезност на 8-ми мај“, порача тој.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми