1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ кон Конгрес, дали и кон консолидација?

6 ноември 2024

Отсуството на искусни членови на ЦО од синоќешната седница, ги вжешти шпекулациите дека состојбата е далеку од консолидирана.

Северна Македонија СДСМ
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Повеќе прашања отвори отколку што затвори вчерашната седница на Централниот одбор (ЦО) на СДСМ, на која се разговарало за актуелната политичка и економска состојба во земјата, а биле донесени и неколку одлуки. ЦО донел одлука на 24-ти ноември да се одржи 30-тиот Конгрес на партијата, на кој што ќе се избре новиот Централен одбор и ќе се разговара за идните политики на партијата. Од него треба да произлезе новиот извршен одбор и идното партиско раководство.

„Согласно одлуката на Централниот одбор, на 30- тиот Конгрес ќе бидат предложени измени на Статутот на СДСМ со воведување на уште еден организациски секретар и со прецизирање на принципите на родова еднаквост за избор на заменик претседател на СДСМ. Воведувањето на два организациски секретари е поради потребата од засилување и подобрување на оперативната работа на партијата“, соопшти партијата.

На седницата се разговарало и за актуелната политичка и економска состојба во земјата, за која ЦО дал своја оценка.

„Оценка е дека за само 5 месеци Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ги изневерија граѓаните и ги показија сите изборни ветувања пред и за време на изборната кампања. Власта спроведува погрешни економски политики поради кои животниот стандард на граѓаните опаѓа, цените растат, а се намалуваат платите, додека на грбот на граѓаните се товарат нови долгови. Секојдневно се случуваат бројни скандали и злоупотреби за кои нема одговорност од власта, се спроведува брутална партизација на институциите и целосно истиснување на професионалците. Владата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ досега не испорача никаков резултат, ја загрози европската перспектива на земјата и Македонија ја води во голема неизвесност“, се наведува во партиското соопштение по седницата на ЦО на СДСМ.

Кон консолидација

Како што наведуваат социјалдемократите, на седницата заеднички било оценето дека „интензивната работа во изминатиот период води до консолидација на СДСМ, забележано е подобрување на атмосферата во општинските организации и до постепено враќање на довербата“.

Но, отсуството на искусни членови на ЦО од синоќешната седница, ги вжешти шпекулациите дека состојбата е далеку од консолидирана, бидејќи не се одвива со нужниот интензитет, ниту има апсорпциска моќ за кадровски засилувања. Внимание предизвика и одлуката на ЦО, пред одржување на 30-тиот Конгрес да продолжи со работа и 29-тиот Конгрес, кој беше прекинат на барање на општинските организации.

Како што е познато, 29-тиот Конгрес на СДСМ од 9-ти јуни, на кој партиското раководство требаше пред членството да реферира за поразот на изборите од 8-ми мај, беше прекинат. Како причина за тоа беше наведено дека општинските организации побарале време да го анализираат обемниот материјал на извештајот, кој бил презентиран од шефот на изборниот штаб и генерален секретар на партијата, Миле Зечевиќ, а потоа да се произнесат за него на ниво на општински изборни штабови и организации.

Таквиот предлог тогаш бил поддржан од мнозинството присутни делегати. Од СДСМ соопштија дека Конгресот ќе продолжи откако општинските организации ќе се произнесат за извештајот за претседателските и парламентарните избори и дека терминот дополнително ќе се утврдува.

Нема вистинска мобилизација

Досега такво продолжение не се одржа. Меѓу членството на СДСМ тоа се толкуваше како потврда за апатија, инерција, недејствување, немобилизција...

„Нормално е како опозиција да критикуваме за грешки на актуелната власт, ама не е нормално толку долго да немаме конечна верзија на извештајот. Немаме одговор зошто сме изгубиле од оние за кои денес велиме дека имаат катастрофални резултати во овие пет месеци. Ако не си расчистиш прво во својот двор, кој ќе ти верува во критиките за

туѓиот?“, вели нашиот соговорник, кој не партиципира во сегашните органи на партијата.

Претседателот на СДСМ, Венко ФилипчеФотографија: SDSM

Состојбата во партијата денес ја гледа како резултат на тоа што изборниот пораз воопшто не довел до суштинска мобилизација во партијата.

„Да имаше таква мобилизација, требаше да видиме и нови пракси, а во седиштето на партијата да почнат доаѓаат и нови лица, со морална и политичка тежина. А зошто не и дел од oние кои во еден период беа неправедно, дури би рекол и подло маргинализирани, оддалечени од партијата, затоа што не беа главоклимачи и конформисти, туку имаа свој став. Да се слушаше повеќе критичкиот, а не конформистичкиот глас, СДСМ денес ќе беше власт, а не опозиција“, дециден е тој.

Вчерашната седница на ЦО на СДСМ предизвика и бројни шпекулации околу „атмосферата и дискусиите внатре“, но наводите за тоа се неофицијални.

„Што и да мислам, не сакам тоа да излезе од мене“, посочи еден од членовите на ЦО, прашан за атмосферата на вчерашната седница.

Во соопштението по седницата беше наведено дека „СДСМ и во опозиција останува на страната на граѓаните и ќе продолжи да се спротивставува на погрешните политики на власта, но и со активностите кои значат грижа за стандардот на граѓаните, преку законски решенија во Собранието“.

Отчет за забавата

Oд владејачката ВМРО-ДПМНЕ три дена по ред преку соопштенија му порачуваат на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, дека нема силна опозиција со репрезенти како него. Критиката се однесува на објавено видео од приватна забава во хотел во Дубаи, на која покрај Филипче е присутен и Зоран Заев.

„Не сакам да коментирам работи од мојот приватен живот“, изјави пред два дена Филипче за посоченото видео.

„Додека зема народни пари, има обврска да дава отчет каде ги троши“, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.

„Откако се врати од Дубаи на Филипче му текна дека тој на хартија е претседател на СДС, па на лицемерен начин се обидува да ја замајува јавноста дека се грижел за стандардот на граѓаните (...) На таков начин не се води ниту куќен совет, а не пак политичка партија, затоа да не се чуди Филипче зошто ни членовите на неговата партија не му веруваат и зошто рејтингот му е само 5% и истиот дополнително се намалува. На Македонија ѝ треба консолидирана опозиција, а аздисаноста и арогантноста граѓаните знаат да ја казнат, како што тоа го направија на двојните избори во мај“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми