1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ на конгрес: Соочување со поразот и со поделбите

24 јануари 2026

Прогнозите се дека Филипче засега ќе успее да го задржи кормилото на партијата, но и дека продолжува неизвесноста дали СДСМ ќе може да ги консолидира своите редови.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче со крената рака и стисната тупаница ги отпоздравува приврзениците на бина за време на изборен митинг. Зад него аплаудираат десетици сопартијци.
Лошиот резултат на последните локални избори еден од поводите за внатрепартиски тензии во САД и критики за лидерот Венко ФилипчеФотографија: Petr Stojanovski/DW

СДСМ денеска ќе одржи конгрес за изборниот резултат од локалните избори. Конгресот, како што јавуваат партиски извори ќе биде отчетен и ќе се состои од отворен и затворен дел. Во отворениот дел актуелниот претседател Венко Филипче ќе има поздравен и воведен говор, а потоа следи затворен дел во кој генералниот секретар и шеф на изборниот штаб Александар Саша Димитријевиќ ќе го презентира извештајот за изборите. Планирано е да се гласа и доверба на Централниот и на Надзорниот одбор, како и да се направат статутарни измени за воспоставување нови дигитални платформи за комуникација со членството и со гласачите.

Партискиот претседател Филипче кој деновиве се наоѓа под канонада од критики од поранешни влијателни членови како Петре Шилегов и Јован Деспотовски, за ДВ вели дека не очекува тензиите да се прелеат на конгресот.

„Очекувам дебата, да се јават делегатите за дискусија. Сметам дека конгресот е вистинскиот форум за дискусија и за критики. Не очекувам тензии но очекувам вистински реални критики“, изјави тој. Филипче најави дека по конгресот ќе има силни активности во општинските организации и поголема активност на партијата бидејќи, како што рече, „од власта нема ниту една вистинска политика што ќе го подобри животот на граѓаните“. 

Поранешниот влијателен член на СДСМ, Јован Деспотовски е еден од главните критичари на Филипче во последно време.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Тензиите не попуштаат

Претконгресната атмосфера во СДСМ ја одбележа внатрепартиски судир предизвикан од лошото позиционирање на партијата на последните изборни циклуси и барањата од некои партиски кругови Филипче да го напушти кормилото на партијата.

Фронтмените на противничката група Шилегов и Деспотовски не се меѓу 740 поканети делегати на конгресот. Тие во деновите пред конгресот навестија бунт против раководството на СДСМ, а како што рече Шилегов во скорешниот јавен настап, на незадоволните ќе им се приклучат членови на пратеничката група.

„Кога ќе излезат од партијата дел од пратениците, можеби половина од пратеничката група, кога дел од општинското раководство ќе ви ги затвори вратите, тогаш ќе сфатите дека мора да си заминете од функција“, му порача Шилегов на Филипче.

Поранешниот скопски градоначалник од редовите на СДСМ, Петре Шилегов изјави дека на незадоволните во партијата ќе им се приклучат и актуелни пратеници на СДСМФотографија: Petr Stojanovski/DW

Во досегашната три и пол децениска партиска историја СДСМ имаше такви внатрепартиски бури и во 2004 кога по оставката на Хари Костов од премиер, Владо Бучковски ја доби и лидерската и мандатарската позиција. Вториот судир беше пред вонредниот конгрес во 2006 кога падна Бучковски, и на негово место беше избрана Радмила Шекеринска за претседателка на СДСМ.

Водечки личности од 15-члената пратеничка група на СДСМ во пресрет на денешниот конгрес, во разговор со ДВ ги оценија како „глупост“ најавите дека групата или делови од групата ќе се отцепат од СДСМ. „Пратеничката група е компактна, дури и да не се согласуваме за многу прашања нашето место е во СДСМ. Како тоа ќе се отцепиме? Каде ќе одиме ако не во СДСМ? Тие луѓе што излегуваат во јавност не знаат што зборуваат. Може да имам милион замерки но ги кажувам таму каде што треба“, рече за ДВ еден од пратениците кој не сака да зборува со име и презиме. Тој порача дека  во пратеничката група на СДСМ се наоѓаат, како што рече, „најголемите и најлојалните социјалдемократи“.  

Да не се игнорира незадоволство

Пратеничката и партиска потпретседателка Јована Тренчевска во изјава за ДВ рече дека изјавите за разединетост на пратеничката група се плод на кујните на ВМРО-ДПМНЕ. „Нема раскол меѓу пратениците, сите ќе бидеме присутни на конгресот. Како може да велат дека нема координација кога во пратеничката група се и претседателот и потпретседателот на СДСМ“, вели таа. Очекувам, додаде Тренчевска, денешниот конгрес да помине во добра атмосфера и со критики на конгресот а не на социјалните мрежи. 

Посматрачите, меѓутоа, сметаат дека тензиите нема да исчезнат и дека социјалдемократите се далеку од помирување. 

Сефер Селими од Democracy Lab за ДВ прогнозира дека Филипче, барем во овој момент, ќе успее да го задржи кормилото на партијата и оцени дека овој отчетен конгрес ќе ги разгори внатрепартиските дебати во СДСМ, но дека тие нема да доведат до пресврт.

Очеквањата се Филипче и по конгресот да остане на чело на СДСМ и покрај барањата од некои партиски кругови тој да го напушти кормилото на партијата.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Очекувам дека поделбите дополнително ќе се продлабочуваат, но тешко дека ќе има некакво изненадување или пресврт во однос на раководството на партијата“, изјави за ДВ Селими. Раководството, нагласи Селими, мора да покаже поголема отвореност кон критиките и да овозможи вистинска, конструктивна дебата со сите членови кои очигледно не се согласуваат со политиките што ги води Филипче. „Игнорирањето на незадоволството само ќе ги продлабочи поделбите“, оцени тој.

На конгресот се поканети и екс лидерите Зоран Заев и Владо Бучковски, додека за поранешниот претседател Бранко Црвенковски нема покана бидејќи тој го замрзна членството во СДСМ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми