Нова бомба: милионски тендери за фирма со тројца вработени
17 декември 2025
Антикорупцискиот тим на СДСМ (АКТ) објави нова бомба за сомнителни милионски тендери. Според нив, фирма со само тројца вработени за два месеци добила тендери од Владата на Христијан Мицкоски во вредност од 74 милиони денари, односно 1,2 милиони евра.
„Милионски суми, мал број на вработени, фаворити за тендериод власта на ДПМНЕ. Овие факти отвораат сериозни сомнежи за нетранспарентни постапки, фаворизирање и коруптивни тендерски шеми, како во досегашните објавени бомби“, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Кој стои зад фирмата?
Според Кузеска, станува збор за фирмата „Сигмоид Гроуп ДООЕЛ Скопје“, формирана пред само две години, која добила тендери од Генералниот секретаријат на Владата и од СОЗР.
„Истите две владини институции беа вмешани и во претходните бомби. И како и во првата бомба, повторно станува збор за ИТ опрема. Случајно, нели?“, рече Кузеска на прес-конференција.
Договори вредни над 1,2 милиони евра
Првиот договор, со Министерството за финансии, е склучен на 13.10.2025 година и е вреден околу 60.000 евра. По два дена, на 15.10.2025, следи нов договор со Генералниот секретаријат на Владата, вреден речиси милион евра (980 илјади евра). Шест недели подоцна, на 01.12.2025, има нов државен тендер за софтвер за следење на работни процеси во СОЗР, вреден околу 76 илјади евра, посочуваат од СДСМ.
Кузеска им се заблагодари на граѓаните кои доставиле информации и документи преку дигиталната платформа за борба против корупција и криминал – МИЦКО (https://micko.mk/). За само еден ден пристигнале 47 различни пријави од повеќе општини, меѓу кои Охрид, Штип и Скопје.
Реакција од Владата: „Наводите се груба клевета“
Во однос на денешната прес-конференција на опозицијата, Владата реагира дека „наводите на СДСМ се целосно неосновани, неточни и претставуваат груба клевета и свесна конструкција“. Обидите на опозицијата се јасни – да конструира наративи без фактичка основа, се вели во реакцијата.
Според Владата, сите релевантни податоци се јавно достапни и лесно проверливи преку официјалните електронски системи на надлежните институции. „Станува збор за централизирана јавна набавка за 20 министерства со одлука на Владата. Набавката има за цел да ја зајакне сајбер-безбедноста на институциите преку навремена идентификација на слабости и проактивна заштита од закани.“
Во текот на постапката имало две понуди, а избраната фирма имала најповолна цена. „Постапката беше спроведена без забелешки, ниту пак покрената жалба“, додаваат од Владата.
За другата набавка, станува збор за софтвер за проект кој го ветивме пред граѓаните, со цел зголемена транспарентност и дигитализација на институционалните процеси. Владата нагласува дека институциите работат транспарентно, законски и отчетно, а секој што тврди спротивно ќе мора да ги поткрепи своите зборови со факти.