1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ: Иницијативата за референдум е лична одлука на Мицкоски

6 септември 2022

Од денеска ВМРО-ДПМНЕ ја почнува постапката за задолжителен референдум за укинување на важноста на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.

Nordmazedonien Skopje VMRO-DPMNE Partei Hristijan Mickoski
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, објавен во Службен весник бр 12/2018 од 18.01.2018?“

Ваквото прашање за референдумско изјаснување, кое по синоќешната седница на  Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ  го обелодени партискиот лидер Христијан Мицкоски,  е пренесено во дел од бугарските медиуми, но до утрово немаше политички коментари и реакции. За инцијативата, за која ќе се собираат 100 илјади квалификувани потписи - со цел таа прво да се достави до Собранието, а потоа да се обезбедат и 150 000 потписи за задолжителен референдум - на домашен терен први се огласија социјалдемократите.

„Државата нема да застане, Мицкоски не може да ја закочи и враќање назад или остапување од европскиот пат нема да има“, реагираше вчеравечер владејачкиот СДСМ. „Иницијативата за референдум е лична одлука на Христијан Мицкоски за спас на сопствената фотелја во ВМРО-ДПМНЕ. Откако пропаднаа сите негови лаги за бугаризација и асимилација, откако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побегнаа и не гласаа против во Собранието, сега Мицкоски сака одговорноста за неговите неуспеси да паднат врз неговите членови. Референдум против ЕУ, против македонски јазик во Унијата, нема поддршка од граѓаните и нема да успее.  Иницијатива против ЕУ  нема поддршка ниту од опозициските партии, а поделени ставови има и во самата ВМРО-ДПМНЕ каде што јакне проевропското крило, кое не мисли исто како Мицкоски и сака да го поддржи европскиот пат на земјата“, наведе СДСМ во соопштението.

Мицкоски, пак, изрази уверување дека има проевропски политичари кои ќе го повикаат народот да излезе на референдум и да гласа за вистинска европска Македонија, а не за Македонија под уцени и притисоци.

„Се надевам дека власта ќе покаже европско однесување и нема да ги спречува оние граѓани кои сакаат да гласаат. Се надевам дека има и албански граѓани кои не се согласуваат со она што ни го прави Бугарија, ќе станат и против асимилацијата која му се случува на македонскиот народ“, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи на прашањето како ќе се обезбедат доволно гласови за референдумот да биде успешен.

На брифинг со новинарите по вчерашните средби со претставници на бугарската влада и со претседателот Румен Радев во Софија, премиерот Димитар Ковачевски се осврна на  значењето на евроинтеграцијата.

„Секое одложување или блокирање на носењето на одлуките во Собранието кои се однесуваат на евроинтеграцијата значи закочување на државата кон  полноправно членство на ЕУ.  Сега од нас зависи, од сите политички партии од сите пратеници во Собранието и од сите ангажирани во процесот на преговори колку брзо ќе го завршиме процесот на преговори и пристапување кон ЕУ“, изјави Ковачевски, по работната посета на Софија, на која клучна тема беше справувањето со последиците од енергетската криза.

Премиерот Димитар Ковачевски: Од нас зависи брзината на процесот на пристапување кон ЕУФотографија: Government of North Macedonia

Четири години од консултативниот рефрендум

Во септември годинава изминуваат четири години од 30-ти септември 2018 година, денот кога граѓаните не на задолжителен, туку на консултативен референдум се изјаснија на прашањето „Дали сте за членство во НАТО и ЕУ со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција“. Членство во НАТО стана реалност во 2020 година, а реалниот почеток на преговори за членство во ЕУ е условен со впишувањето на Бугарите во македонскиот Устав. За тоа е потребно двотретинско мнозинство во Собранието кое владејачката коалиција го нема, а пратениците на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со нотарски изјави гарантираа дека нема да поддржат уставни измени.

Од овие причини, во дел од јавните реакции на социјалните мрежи се потенцира дека најдобар и најефикасен одговор на предложеното рефредумско прашање, всушност треба да се бара на предвремени парламентарни избори. Но, власта смета дека не е време за избори и во континуитет порачува дека тие ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година.

Разликата меѓу грчките и бугарските услови, односно зошто Преспанскиот договр не предизвика толкави реакции како Договорот со Бугарија, односно со условите во преговарачката рамка, неодамна илустративно ја опиша новинарот на ФАЦ, Михаел Мартенс: „Атина сакаше да им каже на Македонците што не се. Софија сака да им каже на Македонците што се. Или барем што биле“.

Мицкоски во секоја пригода потенцира дека партијата е за интеграција на земјата во ЕУ, но не под актуелните услови.

„Иницијативата за референдумско изјаснување, доаѓа по наметнатите потценувачки услови за отворена бугаризација и идентитетско редефинирање на Македонија, нешто што владата на СДСМ го прифати. Праксата досега покажа дека Владата и Ковачевски не ја говореа вистината кога велеа дека историските прашања не се тема на разговор. Не само што се тема на разговор, тие станаа и услов за Македонија да напредува кон ЕУ, што самото по себе преставува една нефер позиција која македонската влада ја прифати на штета на целата држава и одејќи надвор од својот мандат. При тоа суверенот во државата, народот не беше ниту прашан, ниту пак Ковачевски има мандат да ја става Македонија во подредена позиција“, рече вчера Мицкоски.

Постапката почнува

Од денеска ВМРО-ДПМНЕ и официјално ја почнува постапката за задолжителен референдум за укинување на важноста на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.

Предлогот за референдумско прашање вчера беше објавен во еден фреквентен ден – на денот кога пред тринаесет години се случи несреќа на Охридското Езеро и при потонувањето на бродот „Илинден“ животот го загубија 15 туристи од Бугарија, и на денот кога македонската Влада побара помош од Софија за непречено снабдување со електрична енергија во текот на четвртиот квартал од тековната и првиот квартал од идната година. Почнувајќи од утре, работна група за две недели треба да ги утврди техничките аспекти во врска со склучувањето на договор за снабдување со 200 мегават-часа струја од Бугарија за потребите на РСМ за периодот до 31 март идната година. Според премиерот на службената бугарска влада, Галаб Донев, постигнат е и договор за резервирање на одредени количини за складирање природен гас во складиштето за гас „Чирен“, за да може РСМ целосно да го искористи своето учество во терминалот за течен гас што се гради во Александрополис, Грција. Премиерот Ковачевски денеска ќе присуствува на седницата на Советот за безбедност што ја закажа шефот на државата, на која ќе се разговара за енергетската криза и мерките за нејзино надминување.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми