1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Се бара отчет за должината на истражните постапки

15 ноември 2023

Министерството за правда нотира дека во Извештајот на ЈО нема податоци за времетраење на истражните постапки, за дисциплински постапки и за визуелно-тонско снимање на испитувањето обвинети и сведоци.

Миле Јанакиески
Европскиот суд за човекови права во Стразбур оцени дека на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески неоправдано му бил продолжуван домашниот притвор во два судски случаиФотографија: DW/P. Stojanovski

Дебатата за состојбите во правосудство, која пламна по Извештајот на ЕК, дополнително се вжешти по пресудата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур - дека на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески неоправдано му бил продолжуван домашниот притвор во два судски случаи. За овој случај од Будимпешта се огласи и Никола Груевски на Фејсбук, со став дека тоа е само почеток на разоткривањето на злостворствата што биле правени во изминатите години.

„Одлуката на судот во Стразбур поврзана со Миле Јанакиески околу политичкиот прогон, незаконското работење и самоволие на одредени судии и обвинители, политички мотивираните случаи и репресијата на СДСМ и Заев врз правосудниот систем со цел да ги елиминира политичките противници, е само почеток на разоткривањето на злостворствата што беа правени во изминатите години. Има уште многу за разоткривање, а прогонот сѐ уште трае и злосторствата течат. Актерите сѐ уште веруваат дека никој не знае што прават или барем дека нема докази за тоа“, напиша Груевски.

Побаран притвор само за 3,2% од сторителите

Леснотијата со која се бара и одредува мерка притвор во сите изминати години беше предмет на бројни критики и анализи. Каква била состојбата минатата година? Извештајот за работата на Јавните обвинителства на РСМ, открива дека мерката притвор во 2022 година од основните јавни обвинителства во подрачјата на четирите виши јавни обвинителства и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција била применета против 607 лица.

„Ако се земе предвид дека во текот на 2022 година обвинителствата постапуваа против вкупно новопријавени 18.928 лица, се заклучува дека ваква мерка е побарана само за 3,2% од сторителите. Притоа, обвинителството ја предлага мерката притвор целосно согласно закон, кога таа е единствен начин за да се обезбеди натамошното непречено одвивање на кривичната постапка“, се наведува во Извештајот.

Mерката притвор во 2022 година од основните јавни обвинителства во подрачјата на четирите виши јавни обвинителства и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција била применета против 607 лицаФотографија: Wavebreak Media LTD/IMAGO

На овој Извештај, откако вчера (14.11) бил доставен до Владата, реагираше Министерството за правда изнесувајќи неколку забелешки. Една од нив е дека во Извештајот не се наведени статистички податоци за времетраењето на истражните постапки.

„Податоците за времетраењето на истражните постапки се од круцијално значење, со оглед на фактот дека во праксата овие рокови јавните обвинители ги сметаат како инструктивни рокови кои не се почитуваат, а истрагите се одолговлекуваат. За долгото времетраење и за неажурноста на истрагите е констатирано и во Извештајот на Стејт Департментот на САД за човекови права за 2021 година, каде што се наведува дека во постапките пред Јавното обвинителство истрагите траеле долго и засегнатите страни не биле информирани за статусот на предметите“, се вели во забелешките на ресорот правда.

Оттаму укажуваат и дека Извештајот не содржи податоци за покренати дисциплински постапки, ниту за изречени дисциплински мерки.

„Со тоа, иако од повеќе меѓународни институции е нотирано дека јавните обвинители не ги почитуваат роковите за истражни постапки, во практиката не се констатирани дисциплински повреди за истото“, нотираат од ресорот правда.

Ажурност на постапките

Според Извештајот на ЈО, Основните јавни обвинителства во 2022 година донеле наредби за спроведување истражна постапка против 1.398 лица што е за 91 лицe повеќе во однос на претходната година.

„Во 2022 година, обвинителствата постапувале и во истраги поведени против 768 лица од претходната година, така што вкупно во работа имале истраги против 2.166 лица. Во однос на ажурноста на истражните постапки, во 2022 година завршени биле истрагите против 1.433 лица или 66,1% од вкупниот број истраги во работа. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во текот на 2022 година донело наредба за спроведување на истражна постапка против 209 лица, а спроведувало истрага и против 207 лица за кои таа не била завршена во претходниот период“, се наведува во Извештајот.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во текот на 2022 година донело наредба за спроведување на истражна постапка против 209 лицаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Во текот на 2022 година, основните јавни обвинителства во државата постапувале против 41.266 сторители на кривични дела, од кои новопримени биле пријавите против 27.845 сторители.

„Со оглед на континуираниот пад и на бројот на јавни обвинители во изминатите години, вкупниот прилив на предмети во јавните обвинителства воопшто не е за занемарување, односно во просек на годишно ниво секој јавен обвинител добил во работа по околу 170 нови предмети. Ако се има предвид обемот на работа и интензитетот на истражни дејствија што се преземаат во секој предмет поединечно, мора да се истакне фактот дека и покрај ограничената кадровска екипираност, јавните обвинителства не само што го совладуваат приливот на нови предмети на годишно ниво, туку и го намалуваат бројот на нерешени предмети на крајот на годината“, наведе ЈО во Извештајот.

Од ресорот правда вчера реагираа и дека во Извештајот на ЈО не постојат податоци за користењето на опремата за визуелно-тонско снимање на истражните дејствија т.е. снимање на испитувањето на обвинетите и сведоците, иако Законот за кривичната постапка ја уредува оваа можност, со цел поголема заштита на човековите права и обезбедување поголем степен на правна сигурност. Исто така, потсетија и на Извештајот на ЕК, каде што пишува дека истражните центри при основните јавни обвинителства треба да се зајакнат за да ги постигнат своите цели за зголемување на ефикасноста на истрагите и подобрување на координацијата меѓу обвинителите, полицијата и другите релевантни тела.

Според Извештајот на ЈО, во ОЈО ГОКК и во основните јавни обвинителства во Скопје, Куманово и Тетово се воспоставени и функционираат истражни центри со што полесно се обезбедуваат доказите и се скратува времетраењето на истрагата. Истите се опремуваат преку донации и со сопствени средства, а со нив се зајакнува самостојноста на обвинителствата при преземањето истражни дејства.

Авантура без резултат

Во моментов најмалку се разговара за погубното влијание на политиката врз судството, и за креирањето законски решенија со политички цели, освен кога од нив се очекува конкретна добивка. Поранешниот премиер и лидер на владејачката ВМРО-Народна партија, Љубчо Георгиевски, изјави дека и би имал некое разбирање за измените во Кривичниот законик, доколку резултатот од тоа навистина помогнел да се донесат уставните измени.

„Кога почна целата оваа дискусија околу правосудниот систем, моето лично мислење беше дека на некое ниво некаде е направен некој пакет меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и другите коалициски партнери - ДУИ и другите фактири. Го спомнувам ДУИ затоа што во сите оние муабети коишто излегуваат испаѓа дека ДУИ е еден од главните преговарачи во целиот тој процес“, изјави Георгиевски во интервју на ТВ Алсат-М, околу обидите за враќање на Груевски.

За тој случај имал повеќе полуиниформации отколку информации, но вели дека имало муабети за такви разговори, кои според тоа што го гледа - очигледно останале без резултат.

„Ако сето тоа вродеше со плод - за да се тргне во уставните промени, да се откочи европската интеграција на Македонија, да одиме сите напред - јас можев и да имам некое разбирање. На крајот се доби една голема амнестија со измените на Кривичниот законик, а од друга страна го немаме резултатот што го очекувавме - да има уставни измени“,изјави Георгиевски.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми