1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Цар Фердинанд“ ги стави институциите на тест

ДТЗ
11 октомври 2022

Македонското законодавство е многу либерално во однос на формирање здруженија, поради што ќе се прават измени по теркот на Германија, најави премиерот Димитар Ковачевски.

клуб цар Борис Охрид протести
Институциите се на тест - ќе се најде ли начин да се спречи регистрацијата на бугарски здруженија со спорни имиња Фотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

По двете бугарски здруженија и двата клуба коишто се отворија во Северна Македонија, на повидок е трет обид да се искористат правните дупки во земјата - овојпат за регистрација на здружението „Цар Фердинанд“ во Богданци. Ова барање, кое што е поднесено неодамна, ќе треба да помине неколку филтри - и пред Централниот регистар, но и пред новоформираното ад хок советодавно тело коешто го формираше Министерството за правда. Додека да се усвојат законските измени кој сѐ може и со какво име да регистрира здружение во земјата, битката против спорните бугарски клубови ќе се води и пред судовите. 

Централен регистар на тест 

Централниот регистар веќе го анализира предметот за регистрирање на здружението „Цар Фердинанд“ во Богданци, откако до нив пристигнала пријава за регистрација.

Разгледувањето на документацијата за регистрација на овој клуб ќе се најде на дневен ред и пред ад хок советодавното тело кое го формираше Министерството за правда. Министерот Никола Тупанчески неодамна го најави формирањето на ова тело, како преодно решение до донесување на нов закон за регистрација на здруженија за кои детали треба да бидат објавени до крајот на месецот. Со новото законско решение треба јасно да бидат уредени условите врз основа на кои ќе може да се регистрира здружение и дали тоа има назив на контроверзна историска личност. 

Во меѓувреме и опозициската ВМРО-ДПМНЕ до Собранието поднесе иницијатива за менување на овој закон, со кој очекуваат да се спречи „идно формирање на квази културни клубови“, но и да се реагира за актуелните спорни здруженија. 

Германското законодавство како пример 

Премиерот Димитар Ковачевски, во однос на најавеното отворање на здружението „Цар Фердинанд“ оцени дека ваквите имиња на никој начин не придонесуваат кон подобрување на односите помеѓу соседните држави, но уште повеќе ги повредуваат чувствата на македонските граѓани, а особено на еврејската заедница. 

Македонското законодавство е многу либерално, па ќе се користат искуства од Германија, вели премиерот Димитар КовачевскиФотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Тој во интервју за Телевизија 24 изјави дека македонското законодавство е многу либерално во однос на формирање здруженија и од таа причина му сугерирал на министерот за правда како основа да се земе германското законодавство. 

„Германија е држава што е една од носечките држави во Европската Унија во економијата, владеењето на право и по организирање на внатрешен систем и мислам дека тоа е законодавство што треба да го земеме. Сакам да ги заштитам чувствата на граѓаните и исто така повикав при изработка на тој закон да учествуваат не само сите политички партии, туку и Еврејската заедница да биде вклучена во собраниската комисија, во којашто ќе се разгледува законот“, вели Ковачевски.

Идејата за овие здруженија, според него, е да се предизвика провокација кај граѓаните, како и финансиски интерес и нетрпение меѓу двете држави. Порача дека треба да се стави крај на ваквите појави и дека сите граѓани не треба да бидат заложници на одредени лица што сакаат да ги нарушат односите, пред сè внатре во општеството, а потоа надвор од државата.

Оценка на уставноста 

Покрај обидот да се спречи појавата на нови здруженија, има обиди да се оспорат и веќе формираните здруженија во Битола и во Охрид и клубовите коишто ги отворија. Адвокатот Тони Менкиноски до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценка на уставноста на програмата за работа и статутот на здружението од Охрид.

Адвокатот Тони Менкиноски до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценка на уставноста на програмата за работа и статутот на здружението од ОхридФотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

Во неа се наведува дека програмата и статутот на здружението „Цар Борис Трети“ несомнено се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Македонија и разгорување на национална и верска нетрпеливост. Во неа се посочува дека цар Борис Трети бил соработник на Адолф Хитлер што ја придружил Бугарија на Тројниот пакт на нацистичка Германија, фашистичка Италија и Јапонија, за што како награда ги добил териториите на Вардарска и Егејска Македонија и Тракија.

Праксата на Европскиот суд за човекови права покажала многубројни случаи во кои негирањето на фашизмот и Холокаустот поттикнуваат омраза и нетолеранција, поради што со иницијативата се бара поништување на програмата и статутот на здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид. Отворањето на овој клуб минатата недела предизвика револт и протести во градот, а затворање на клубот побара и еврејската заедница.

Претседателот Стево Пендаровски, повикувајќи се на мислење на правни експерти, посочува дека врз основа на постојниот Закон за здруженија и фондации има член што може да ја преиспита работата на постојните здруженија, ако тие не работат во насока на она што го декларирале. Според него, еден од тие услови е ако разгоруваат национална или верска омраза и нетрпеливост. Тој оценува дека во случајот со формирањето на здруженија со контроверзни имиња се работи за интенција од страна на Бугарите кои живеат во Северна Македонија.

„Некои од здруженијата се формирани пред три години. Последното е формирано пред една година. И не е возможно кога ние почнуваме скрининг процес и отвораме процес на преговори, генерално после 17 години, тоа да биде баш случајно. Јас пред три месеци, ако паметите, предложив да се донесат амандмани на постојниот закон и гледам дека Владата кон крајот на месецов најавува дека ќе има такво нешто. Меѓутоа, тоа ќе го реши проблемот за понатаму, значи од усвојување на законот па понатаму“, изјави Пендаровски.  

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми