1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоГерманија

Се бара Украинец осомничен за саботажа на „Северен тек“

АРД
14 август 2024

Во случајот со оштетените гасоводи „Северен тек“, германскиот сојузен обвинител издаде прв налог за апсење по објавеното истражувањето на неколку германски медиуми. Лицето кое се бара е Украинец.

Напредок во истрагата за оштетувањето на гасоводот „Северен тек“
Напредок во истрагата за оштетувањето на гасоводот „Северен тек“ Фотографија: NDR

Речиси две години по нападите со експлозив на гасоводите „Северен тек“ во Балтичкото Море, сојузниот јавен обвинител Јенс Ромел го издаде првиот налог за апсење против осомничено лице. Според информациите на јавниот сервис АРД, весникот „Зиддојче цајтунг“ (ЗЦ) и „Цајт", станува збор за Украинецот Володимир З., за кој се вели дека последен пат престојувал во Полска.

Според истражувањето,  осомничени се и уште двајца украински државјани, меѓу кои и една жена. Тие исто така биле вклучени во нападите, најверојатно како нуркачи кои го прикачиле експлозивот на цевководите.

Според новото истражување, информациите за останатите осомничени, меѓу другото, се базираат и на дојави од странска разузнавачка служба. Како што веќе беше објавено, според претходните истраги, атентаторите пловеле по Балтичкото Море во септември 2022 година со германска едрилица, јахтата „Андромеда“.

Налог за апсење е добиен во јуни

Инспекторите од Сојузната антикриминалистичка полиција (БКА) и Сојузната полиција се чини дека постигнаа пробив во еден од најспектакуларните случаи во последните децении. Додека Шведска и Данска веќе престанаа да го истражуваат случајот на почетокот на годината, Сојузниот јавен обвинител продолжи со постапката поради сомневање за „намерно предизвикување експлозија“ и „противуставна саботажа“. Портпаролката на јавниот обвинител ги остави прашањата за налогот за апсење неодговорени.

Според истражувањето, истражителите во изминатите неколку месеци очигледно успеале да соберат доволно докази за да добијат налог за апсење на Украинецот З. од истражен судија во Сојузниот суд на почетокот на јуни. Се вели дека во јуни, германските обвинители им се обратиле на полските власти со европски налог за апсење со надеж дека осомничениот може да биде уапсен.

Непознато место на престој

Според истражувањето на јавниот сервис АРД, весникот „Зиддојче цајтунг“ (ЗЦ) и „Цајт", германските истражители претпоставиле дека Володимир З. последен пат живеел во град западно од Варшава, но Украинецот неодамна заминал во илегала. Не е јасно дали тој ќе се појави во Украина.Во кусиот телефонски разговор во вторникот, З. бил изненаден од обвинението, негирал дека е вмешан во  нападите на „Северен тек."

Од полската страна досега нема одговор на германското барање за правна помош. Не е познато зошто полските власти не го уапсиле Володимир З. Според заедничките правила на Европскиот налог за апсење, кој Германија и Полска го сметаат за обврзувачки, апсењето би се очекувало во рок од 60 дена без дополнително испитување од страна на Полска. Рокот сега е истечен.

Украинците биле препознати

Важна улога за издадениот налог за апсење против З. одиграло бело комбе, кое било снимено на радар на Риген во Мекленбург-Западна Померанија на 8 септември 2022 година. „Андромеда“ застанала кај Риген, меѓу другите места, а истражителите успеале во голема мера да ја реконструираат маршрутата на едриличарскиот брод.

Постои сомнеж дека автомобилот се користел за транспорт на нуркачкиот материјал. Се вели дека возачот добил задача да вози неколку Украинци. На фотографиите тој го идентификувал З., кој сега се бара, како еден од патниците. Покрај тоа, на фотографијата од снимениот автомобил покрај возачот може да се забележи уште еден маж кој многу личи на З. Доказот дошол и преку проверка на германско-полската граница.

Руски природен гас за Европа

На 26 септември 2022 година, три од четирите краци на  двата цевководи „Северен тек" беа оштетени  на длабочина од околу 80 метри на дното на Балтичкото Море. Со години, голем дел од рускиот природен гас се доставуваше директно во Германија преку двете цевки на „Северен тек 1". Многу источноевропски и западни земји постојано го критикуваа проектот и предупредуваа на геополитичките последици од заобиколувањето на Источна Европа.

По руската агресорска војна врз Украина и последователните конфликти со Западот, Москва веќе ги прекина испораките пред да биде уништен „Северен тек 1". Цевководите на „Северен тек 2", пак, сè уште не беа пуштени во функција поради политичките спорови.

Нема директни врски со украинската држава

Останува нејасно до кој степен државните власти во Украина можеби биле вклучени во подготовката и спроведувањето на саботажата. Во секој случај, истражувањето не откри никакви директни врски на осомничениот сега баран со налог за апсење и на  другите двајца осомничени со украинската војска или тајните служби.

Цевководите на гасоводите „Северен тек“ беа оштетени со експлозивФотографија: Trond Larsen/Expressen/TT/picture alliance

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во минатото ја отфрли вмешаноста на неговата влада во нападите. Како претседател, тој дава соодветни наредби – но во овој случај не било  така, изјави тој. Шефот на украинската разузнавачка служба исто така демантираше: „Повеќе од сигурен сум дека никој од официјалните лица во Украина не можел да има врска со тоа“, изјави Кирило Буданов за АРД пролетоска.

Сомнежи за информации од Полска

Минатата година, покрај Украина, во фокусот на истражителите се најде и Полска. Тезата: одлучна поддршка за злосторството имало од Полска. Додека германските истражители претпоставуваат дека едрилицата „Андромеда“ била користена за саботажата, тогашниот државен секретар Станислав Зарен во интервју за АРД минатата година изјави: „Не најдовме никакви траги за вмешаност на оваа јахта во настаните“.

Снимките се избришани

Според полските информации, екипажот бил проверен за време на застанувањето во Колобрзег, Полска - без резултати. Патувањето имало „чисто туристички карактер“, рече тогашниот државен секретар. Екипажот очигледно „барал забава“. На бродот не бил забележан никој „кој имал дури и елементарна воена обука или обука поврзана со саботажа“. Во германските истражни кругови се сомневаа во информациите од Полска.

Германските инспектори постојано бараа од своите полски колеги да објават снимки од камерите за надзор од пристаништето Колобрзег. Неодамна, од полската страна изјавиле дека нема достапни видеа и дека снимките биле избришани уште порано, како што налага законот.

Проукраински став на мрежите

Според истражувањето, покрај Володимир З., триото вклучува и брачен пар кој води школа за нуркање во Украина, каде што З. очигледно работел како инструктор по нуркање во минатото и можеби сè уште работи. Фирмата на украинската двојка редовно нуди нуркачки тури во странство.

Островот Риген - постои сомнеж дека јахта учествувала во саботажата на „Северен тек“Фотографија: Sean Gallup/Getty Images

Додека З. е помалку активен на социјалните мрежи на интернет, објавите на брачниот пар Џевхен У. и Свитлана У. укажуваат на јасно проукраински и патриотски став: Украинката е активна во различни групи на Телеграм кои се за помош за воените бегалци од Украина - на пример во Германија. Таа споделила информации на интернет за напорите за помош на украинската армија и, на пример, собирала пари за уреди за ноќно гледање кои очигледно биле наменети за војската. Нејзиниот сопруг, исто така, дава јасни проукраински изјави на интернет.

У. во телефонски разговор на прашањето објасни дека не знаат ништо за нападот на „Северен тек." Во септември 2022 година, кога се случија нападите на гасоводите, таа била на одмор во Бугарија, а моментално е во Киев. Таа изјавила и дека не го познава осомничениот З. Нејзиниот сопруг, кој е и директор на школата за нуркање, прво не се јавувал на телефон, туку сакал писмено да одговори на прашањата.

Ран сомнеж

За германските истражители, сликата за тоа како можеше да се случи уништувањето на цевководите „Северен тек" пред речиси две години станува сѐ покомплетна: само неколку месеци по експлозиите, тие следеа индиции дека „Андромеда“ била користена при извршувањето на кривичното дело. На бродот, покрај секакви траги од ДНК и отпечатоци од прсти, истражителите пронајдоа и траги од специјален силен експлозив кој првенствено го користи војската.

Очевидци изјавиле дека неколку мажи и една жена испловиле од Росток на „Андромеда“ на почетокот на септември 2022 година. Бродот потоа се вели дека застанал во Виек на Риген, на малиот дански остров Кристијансо, во Сандам во Шведска и во Колобрзег во Полска пред конечно да се врати во Росток. Еден морнар тврди дека слушнал во едно од пристаништата дека екипажот зборува на украински.

Разузнавачка дојава

Сојузната разузнавачка служба (БНД) ги доби клучните информации за осомничените нуркачи од Украина по истражување на јавниот сервис АРД, весникот „Зиддојче цајтунг“ (ЗЦ) и „Цајт" оваа пролет. Сепак, разузнавачките информации дојдоа со ограничување дека не може директно да се вградат во кривичната постапка. Ова има за цел да го прикрие потеклото на информациите и да го заштити изворот - вообичаена практика во работата на разузнавачките служби. 

Затоа, Сојузната полиција и БКА напорно работат со месеци за овие информации од службата за странски партнери за украинското нуркачко трио да ги добијат што е можно повеќе преку сопствената истражна работа. Доказите се очигледно толку јасни што судија на Сојузниот суд сега издаде налог за апсење во најмалку еден случај.

Автори: Мануел Бевардер, Флориан Фаде, Михаел Гетшенберг, Георг Хајл, Холгер Шмит (АРД)

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми