1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Се избира деветтиот државен јавен обвинител

18 март 2026

Обвинителските мандати досега најчесто почнуваа и завршуваа по ист терк: се менува власта, се менува и државниот јавен обвинител.

Северна Македонија, Скопје 2026 | Ненад Савески
Изборот на државен јавен обвинител е сосема извесен, со оглед дека е потребно мнозинство од најмалку 61 глас: Ненад СавескиФотографија: Macedonian Information Agency - MIA

Македонија денеска (18.03) треба да го добие деветтиот државен јавен обвинител од независноста на земјата. Предлогот за негово именување е прва точка на дневниот ред на денешната пленарна седница во Собранието, а изборот е сосема извесен, со оглед дека е потребно мнозинство од најмалку 61 глас.

Ненад Савески (1976), досегашен судија во Основниот кривичен суд Скопје, на 10-ти март беше определен од Владата како кандидат за државен јавен обвинител. Тој беше еден од четворицата кандидати за кои Советот на јавни обвинители во февруари годинава даде позитивно мислење. 

Според мислењето на Советот, Савески се истакнува со стручност и квалитет во работењето, поседува углед и етичност кои се достојни за функцијата, за градење добри меѓучовечки односи и за креирање односи за успешно и ефикасно извршување на целокупната работа.

Тој зад себе има богата професионална кариера, која му овозможила да стекне искуство и за функционирањето на судскиот, но и на јавнообвинителскиот систем.

„Како јавен обвинител во основното јавно обвинителство Скопје и како судија во Основниот кривичен суд Скопје-Одделение за организиран криминал и корупција, овој кандидат се истакнува со стручност и квалитет и имал правилен однос кон донесување на јавно обвинителските одлуки кои ги носел како обвинител, а исто така и со постапувањето по судските одлуки“, наведе Советот.

Сега на потег се пратениците.

Предлогот за именување државен јавен обвинител е прва точка на дневниот ред на денешната пленарна седница во СобраниетоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Непрележани детски болести

Според Уставот, функцијата јавен обвинител е неспоива со вршење на друга јавна функција и професија, или со членување во политичка партија. Но, проблемот настанува кога поради непрележани детски болести на политиката, обвинителите стануваат предмет на политичка афилијација.  

Речиси сите избори на државен јавен обвинител досега стартуваа со високи очекувања, а завршуваа со критики за послушништво кон власта. И обвинителските мандати најчесто завршуваа по ист терк: се менува власта, се менува и државниот јавен обвинител.

Од независноста до денес продефилираа осум државни обвинители.

Марко Бундалевски (1936- 2003) застанува на чело на ЈО во 1988/89 година, но остана да го води Обвинителство до 1996 година, со што е првиот републички јавен обвинител во независна Македонија.

По завршувањето на мандатот на Бундалевски, за државен јавен обвинител е избран Стеван Павлевски (1949), кој таа функција ја извршуваше од 1996-1999 година. Беше избран во период кога тогашниот СДСМ имаше апсолутна власт во државата.

По смената на власта, во 1999 за нов државен јавен обвинител беше избран Ставре Џиков (1952) и функцијата ја извршуваше до 2002 година. Во неговиот мандат, кој го опфаќа периодот на воениот конфликт во 2001 година, покрена истраги и обвиненија за воени злосторства против ОНА и ја започна соработката со трибуналот во Хаг. По смената на власта беше разрешен со критики за нестручно и несовесно работење, и во интерес на претходната власт.

Шврговски изјавуваше дека соработката на Обвинителството со извршната власт е легитимнаФотографија: Petr Stojanovski

„Последен будала“

Александар Прчевски (1950-2013) беше избран во 2003 година. Остана запаметен по изјавата „веројатно јас сум последната будала што прифатила да биде државен јавен обвинител“. По смената на власта стигна предлог за негово разрешување, а Собранието го разреши без да го повика на седница. Беше критикуван за пропусти во работата и за штитење на интересите на власта предводена од СДСМ.

Неговиот наследник, Љупчо Шврговски (1960), е запаметен како државен обвинител кој го издржа целиот мандат (2007-2013 година), а одлучи да не се кандидира за уште еден. Јавно изјавуваше дека соработката на Обвинителството со извршната власт е легитимна.

„Во јавноста постои непознавање на уставната позиција на Обвинителството. Јавното обвинителство е самостоен и единствен орган, но не е независен. Владата го дава предлогот за избор на државен јавен обвинител, а го именува и го разрешува Собранието. Ние сме истурен дел на извршната власт. Од тој аспект, соработката на Обвинителството со извршната власт е легитимна. Уставната позиција ни го дава тој, условно речено, 'ексклузивитет'. Во судството, пак, тоа е невозможно, бидејќи судството е независна, трета власт. Обвинителството не е. Во тоа е разликата“, изјави Шврговски.

„Бомби“, „Пуч", „Рекет"...

Марко Зврлевски (1960 -2021) во јануари 2013 година стана шестиот државен јавен обвинител и таа функција ја извршуваше до август 2017 година. Го критикуваа за поддршка на власта и за непостапување по актуелни случаи, ниту за објавените „бомби“ на Заев, за разлика од брзото постапување за предметот „Пуч“ против тогашниот лидер на СДСМ.

„Досега со моето професионално постапување во рамките на моите надлежности, јас не сум сторил ништо со што би се нарушила или изгубила довербата во Јавното обвинителство“, изјавуваше Зврлевски. По смената на власта беше разрешен, со образложение за нестручно и несовесно работење.

Љубомир Јовески (1954) на чело на Обвинителството беше од декември 2017 година до декември 2023 година. Покрај Шврговски, тој е вториот што до крај го заврши мандатот, кој беше прилично турбулентен, одбележан со случајот „Рекет", пропаѓањето на СЈО, суспендирањето на шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска.

Љубомир Јовески и Вилма Русковска на прес-конференција во август 2019 годинаФотографија: DW/P. Stojanovski

Неговиот наследник Љупчо Коцевски стапи на функција во февруари 2024 година, а во декември 2025 година поднесе оставка од функцијата и тоа непосредно пред да почне собраниската седница на која требаше да се расправа за негово разрешување. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ претходно ја критикуваше неговата работа и по доаѓањето на власт иницираше постапка за негово разрешување, но ја запре поради трагедијата во Кочани. Неговиот манадат го одбележа истрагата и обвинението за предметот „Пулс“.

Љупчо Коцевски поднесе оставка од функцијата непосредно пред да почне собраниската седница на која требаше да се расправа за негово разрешувањеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Зајакнување на гаранциите за самостојност

Изборот на нов државен јавен обвинител се совпадна со периодот кога се води јавна расправа за предлог‑законот за јавно обвинителство, кој предвидува модернизација на постојната законска рамка, унапредување и оценување на обвинителите и зајакнување на гаранциите за нивната самостојност.

Меѓу клучните новини се поефикасен систем за оценување, прецизирани критериуми за професионалност, подобрено управување со предметите и детализирана дисциплинска постапка со јасни рокови и механизми за спречување злоупотреби.

Законот треба да ги зголеми стандардите за транспарентност при изборот на јавниот обвинител, преку јавни седници на Советот на јавни обвинители, јавно презентирање на програмите на кандидатите и објавување на нивните биографии.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми