1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГерманија

Променет односот кон заболените од долготраен и пост-ковид

15 октомври 2022

Бундестагот донесе Закон за заштита од инфекции. Настрана од прашањето за обврската за носење маски, ковидот со долгорочни последици полека, но сигурно се сфаќа сериозно.

Deutschland | Klinik für Long-Covid-Patienten
Фотографија: Sina Schuldt/dpa/picture alliance

Кој сака да стаса до Макс Пензел мора да има многу трпение. Околу 400 лица има на листата на чекање кај докторот на клиниката и поликлиниката за психијатрија и психотерапија во Бон. Сите тие страдаат од продолжена појава на симптомите од корона инфекција  и сакаат што е можно побрзо да добијат термин во новата  пост-ковид  амбуланта во Бон. Тоа е новата адреса за сите кои не сакаат веќе да одат од лекар до лекар. Во цела Германија такви амбуланти никнуваат како печурки после дожд откако на почеток немаше никакви, а и сега не се доволно на број. Идејата на Пензел била подетално да ги истражи психичките последици од клиничката слика.  

Тој вели: „Токму возрасната група од 30 до 50 години посебно често страда од таквите симптоми, односно многумина кои се среде животниот пат и секако имаат и многу обврски."

Тоа се задачи, кои во секојдневието веќе не можат да ги исполнуваат. Според Роберт Кох институтот, четири недели по корона инфекција 5,8% од болните сѐ уште отсуствуваат од работа. По три месеци секој десетти уште се жали на замор, немање сила, краток здив и проблеми со концентрацијата или меморијата.

Половина година по инфекцијата, еден до два проценти развиваат дијагноза синдром на хронично лошење. Пост-ковид се здравствени приоблеми кои траат и откако поминале 12 месеци од инфекцијата. Продолжен ковид за научниците е кога симптоми се присутни и повеќе од четири недели по заразата.

За преглед кај лекарот Макс Пензел има долга листа на чекањеФотографија: Oliver Pieper/DW

Меѓу оздравување и очај

Вистина е и дека многу пациенти на листата на Пензел се чувствуваат подобро откако конечно ќе дојдат на ред: „Тие велат ‘не знам ни дали да го искористам терминот, веќе ми е многу подобро, едноставно со проток на време”, раскажува докторот. По повеќе месеци или една година, значително поголем број пациенти и според студиите пријавуваат помалку симптоми. Но, некои се и натаму многу очајни, вели докторот.

Како на пример пациентот кој на почетокот на корона пандемијата пролетта 2020 година бил на рехабилитација поради инфекција, кој само еднаш неделно имал посета и бил целосно изолиран. Тој до ден денешен страда од последици. Докторот често слуша прашања поврзани со позитивен корона тест: „Кого сѐ сретнав? Виновен ли сум што некој друг се заразил? Направив ли нешто лошо?"

Клиниката во Бон третира и пост-вакцинациски синдром

Пензел прима и сѐ повеќе пациенти кои страдаат од т.н. пост-вакцинациски синдром: млади, често спортски типови кои по  вакцинирањето имаат долгорочни симптоми. Тоа е тема која во германската јавност не наидува на голем интерес. Пензел раскажува за млад маж кој секој викенд возел на велосипед по 200 километри и се подготвувал за триатлон. „На ергометарот морал веднаш да прекине, се уплашил, а неговата матична лекарка не го сфаќала сериозно, бидејќи на почеток важеше дека такви симптоми по вакцина не се можни, или само во екстремни исклучоци. Сега тој се чувствува подобро, но и натаму е светлосни години оддалечен од неговото претходно физичко ниво."

Секој четврти, кој доаѓа во  пост- ковид амбулантата,  веќе има психотерапија. Кај 40% анамнезата за психичко пореметување е индицирана. За безброј пациенти кои страдаат од продолжени симптоми од ковид не е само качувањето по скали тешка задача, туку и справувањето со таквите ограничувања. Искуството кое докторот го има од отворањето на ординацијата е дека „со психотерапија, физиотерапија и лекови како психофармаколошки супстанци и апчиња за болки добро се третираат и невролошките и психијатриските симптоми." Пензел бара: „Самата пандемија донесе зголемен број психички заболувања. Германија има потреба од поширока понуда."

Пиа Чаудри, една од пациентите со ковид со долгорочни последици Фотографија: Oliver Pieper/DW

Поголем фокус на пациентите 

Тоа е апел кој Пиа Чаудри би го потпишала без двоумење. Таа е една од ретките пациенти со ковид со долгорочни последици која приказната за својата болест ја објави во медиумите. Уште помал е бројот на оние кои им помагаат на погодените или кои се активни во групите за самопомош или иницијативи како што се „долготраен ковид Германија".

Чаудри се бори двојно - и против својата болест и за интересите на другите пациенти во рамки на иницијативата насловена како „Пост-ковид оздравени, но не и здрави", која самата ја основаше во Бон.

„Секако не е лесна работа кога паралелно се справуваш со едно такво заболување, а сите се трудиме и да се вратиме на работа”, вели таа и објаснува дека во организацијата „се обидуваат да стапат во контакт со политичари во Бундестагот, со претставници на пациентите, со осигурителни компании и клиники за да се вклучат како инстутуции во решавање на проблемите." 

Чаудри сака германскиот здравствен систем конечно да се насочи кон пациентите кои страдаат од ковид со долготрајни последици за да не се чувствуваат исто како неа кога „ја откачиле” лекарите од амбуланта за третман на пост-ковид.

„Со такво однесување подобро е да не им приоѓаш на пациентите, оти тоа предизвикува повеќе штета отколку што има корист. Ако јас како пациент со долгорочни ковид последици, поднесам барање да ми се признае инвалидитет или инвалидски надоместок, секогаш сѐ зависи од тоа на каков службеник ќе налетам."

Ковид со долгорочни последици признат како инвалидитет 

Се чини дека по ова прашање  полека се менуваат работите во Германија. Осигурителната компанија Дебека за првпат ја наведе короната како причина за признавање на инвалидитет, односно професионална попреченост во комбинација со инвалидска пензија. „Првите шест случаи на кои им исплаќаме пензија ги имавме во 2021 година," вели за агенцијата ДПА извршниот директор на Дебека, Томас Брам. 

Но, Пиа Чаудри сака да постигне нешто повеќе. Себеси се гледа како некој кој го разгазува патот и за битката на лица погодени од други болести. 

„Она што нѐ разликува од другите организации е тоа што имавме акутно заболување и релативно брзо добивме медиумско внимание, додека другите десетина години се борат безуспешно," вели таа. На пациентите со други болести не им е лесно. „Ни велат, добро ви оди, видливи сте и ви помагаат." 

Пациентите кои страдаат од долготрајни ковид последици сега завршуваат кај физиотерапевти, ерготерапевти и логопеди, а има и амбуланти за пост ковид третмани, па макар и биле само во градовите. И сѐ повеќе студии се занимаваат со последиците од инфекцијата. Две и пол години од почетокот на пандемијата, многу работи се променија во однос на заболените, но и понатаму „сѐ зависи од дијагнозата и оценката на матичниот лекар", вели Пиа. 

„Тоа е најважно. Да има лекари на кои можам да им поставувам прашања и кои ме сфаќаат сериозно, кои нема да ми се смеат или да ме одбијат, или да ме убедуваат дека не сум болна. Всушност, потребно е да те лечи лекар кој верува дека постои ковид со долгорочни последици," заклучува Пиа Чаудри.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми