1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поевтина струја за штедливите домаќинства и за малите фирми

ДТЗ
28 декември 2022

Кај домаќинствата, цената на електрична енергија за првиот блок, се намалува за 4,11%, а за вториот блок за 2,95%. Зголемување на цените ќе има за третиот и четвртиот блок на потрошувачи.

Марко Бислимоски
Бислимоски: Се намалува цената на струјата за штедливите граѓани и за малите фирмиФотографија: DW/K. Delimitov

Штедливите домаќинства и малите фирми коишто се на регулиран пазар ќе имаат помали сметки за струја од 1 јануари.  Регулаторната комисија за енергетика најави намалување на сметките за домаќинствата од првиот и од вториот блок, додека во третиот и четвртиот блок, каде што се поголемите потрошувачи на струја, ќе има зголемување на сметките за електрична енергија. Намалувањето на цените е со цел да не се почувствуваат ефектите од зголеменото ДДВ од 5 на 10 проценти. 

„Кај домаќинствата, цената на електрична енергија за првиот блок, се намалува за 4,11%. За вториот блок се намалува за 2,95%. Цената за третиот блок ќе расте за 0,85% и за четвртиот блок се зголемува за 7,65%“, вели првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски. Кога на оваа цена ќе се додаде зголеменото ДДВ, тогаш сметките остануваат исти или незначително ќе се коригираат кај дел од граѓаните.

Проценките се дека 99,2 проценти од домаќинствата ќе имаат намалени цени на електрична енергија и кај нив зголемувањето на ДДВ-то ќе биде минимално. Па така, ако вкупната цена што ја плаќаат потрошувачите во првиот блок била 7,72 денари за киловатчас, сега ќе биде 7,41 денар, односно за 4,11 проценти пониска од претходната цена. 

„Доколку продолжат да штедат, многу мал процент ќе имаат зголемени трошоци за електрична енергија. Со овие наши одлуки, цената за пренос на електрична енергија се намалува за 8,66 проценти, а за 19,54 проценти се намалува цената за дистрибуција. Тоа е дополнителна помош и за компаниите коишто се на слободниот пазар на електрична енергија, затоа што нивните трошоци за мрежарина и вклучување се намалуваат за речиси 20 проценти“, вели Бислимоски. 

Проценките се дека 99,2 проценти од домаќинствата ќе имаат намалени цени на електрична енергија и кај нив зголемувањето на ДДВ-то ќе биде минималноФотографија: picture-alliance/dpa

Голема помош за малите фирми

Како што веќе објави ДВ, Регулаторната комисија за енергетика ја намали цената за малите фирми коишто се на регулираниот пазар за 20,15%. Оваа цена ќе се применува за 70.000 компании во државата кои се соочуваа со зголемени трошоци за електрична енергија. Тоа се мали дуќани, фризерници, берберници, мали кафулиња, компании на кои им треба оваа помош.

„Во време на голема криза се обидовме да му помогнеме на малото стопанство“, вели Бислимоски. 

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) која денеска (28.12) одржа подготвителна седница, делумно ги прифати барањата на енергетските компании. АД МЕПСО бараше зголемување на цената за пренос на електрична енергија за 29,75 проценти, „ЕВН Електродистрибуција“ бараше намалување на услугата за дистрибуција на електрична енергија за 2,8 проценти, а универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ бараше зголемување за пет отсто на цената за снабдување со електрична енергија.

Првиот човек на РЕК, Марко Бислимоски деновиве изјави дека за домаќинствата останува иста блоковската структура и границите, додека воведувањето на блокови за малите потрошувачи се одложува до 30 јуни идната година. „Нашите анализи покажаа дека во овој момент не може да се воведат блокови за малите потрошувачи, бидејќи кај нив има огромна шареноликост на потрошувачката. Правиме дополнителни анализи и тоа најверојатно ќе стартува од 1 јули“, рече Бислимоски.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми