1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Се подготвува ли сцената за „Преспа 2“?

7 септември 2023

Со европско знаменце се усвоени измени на Кривичниот законик, од кои дел отвораат сомнеж дека се активира „балканскиот начин“ за обезбедување поддршка за уставните измени

Македонија Собрание
Со европско знаменце се усвоени измени на Кривичниот законик во СобраниетоФотографија: Government of North Macedonia

„Нема да лежите, нема да лежиме“ или отворен пат кон неказнивост, е само еден од трансмандатните бенефити што ќе ги донесат намалените казни за различни облици на кривичното дело од член 353 „Злоупотреба на службена положба и овластување“ и од член 394 „Злосторничко здружување“, кои Собранието ги усвои вчера.

Измените ќе донесат застарување на судски постапки за овие дела, а од кривичен прогон ќе се спасат или ќе добијат многу помали казни сите што имаат неправосилни пресуди и жалби до повисоките судови.

„Овие предлози ниту се предложени, ниту дискутирани на работната група за изработка на нов Кривичен законик“, велат од Блупринт групата на граѓански организации, која со свој претставник учествува во работната група.

Оттаму уште пред усвојувањето на измените предупредија дека не се согласуваат заедно со измени кои неспорно се потребни (како на пример воведувањето нови кривични дела против животната средина) - да поминат и решенија кои уште повеќе ќе ја намалат довербата на граѓаните во правосудството.

„Сакаме да истакнеме дека и во 2018 година во постапка за усогласување на Кривичниот законик со Истанбулската конвенција беше извршено намалување на казните за определени кривични дела, со што се овозможи во дел од предметите иницирани од СЈО да се изречат помали казни, вклучително и условни осуди, како на пример во предметот ‘Труст'. Дел од граѓанските организации и во тој период јавно реагираа и бараа предлогот да биде повлечен од собраниска процедура, меѓутоа тоа не се случи, а веднаш по донесувањето на конкретните измени истите имаа веќе ефективно влијание во гореспоменатиот предмет“, потсетуваат од Блупринт групата.

Ефективното влијание во посочениот судски предмет, ефективно донесе и пратенички глас повеќе за тогашните уставни измени.

Закони по мерка

Во јавноста постои сомневање дека и овој пат посочените измени се носат со иста цел.

„Оваа практика на носење закони по мерка веќе ја имаме препознаено и нотирано во времето кога требаше да се обезбедат гласови за Преспанскиот договор“, наведе во реакцијата „Транспаренси интернешнл - Македонија“, која бараше предлогот за измени да биде повлечен.

„Законите што се скроени по мерка претставуваат релативно нов облик на корупција на високо ниво, каде што законите и прописите тивко се донесуваат или се изменуваат во полза на приватните интереси на некое лице или претпријатие. Во овој случај веќе постои практика определени политички цели да се постигнуваат со ‘тивка амнестија’за што уште еднаш сите заложби за правна држава се уриваат пред заложбата за политички компромис“, наведе ТИ-М.

Од организацијата укажуваат дека огромна би била штетата која може да настане како последица на такви законски решенија, каде што практично доаѓа до неказнивост. Ако се има предвид оти членот 3 од Кривичниот законик предвидува дека ако по извршувањето на кривичното дело е изменет законот еднаш или повеќепати, треба да се примени законот што е поблаг за сторителот - тоа значи дека одредени постапки ќе подлежат на застареност.

Каде ќе заигра „мечката“?

Со усвоените измени лицата кои ги сториле посочените дела во последните 10 до 15 години ќе имаат непосредна корист и ќе избегнат кривична одговорност, а опасност од настапување на апсолутна застареност ќе има и за повеќе предмети од висок профил што ги иницираше Специјалното јавно обвинителство.

„Токму во таа грмушка лежи зајакот“, коментираат упатени во мотивите за актуелните законски измени.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ владиниот предлог за законски измени го нарече обид за амнестија на криминалите на сегашната властФотографија: DW/Petr Stojanovski

Иако опозициската ВМРО-ДПМНЕ владиниот предлог за законски измени го нарече обид за амнестија на криминалите на сегашната власт, според нашите соговорници, во моментов, во прашање е пред сѐ, амнестија на кривично гонети функционери од опозицијата. Од нив се очекувало да обезбедатпромени во односот кон уставните измени кај дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, нешто што потоа би резултирало и со промени во врвот на партијата, со оглед дека нејзиниот лидер најави оти ќе се повлече ако еден нивен пратеник гласа за уставните измени.

Иако ова укажува дека „мечката ќе заигра“ пред Белата палата, засега нема индиции дека има промени во ставот на кој било од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Дали ќе остане така?

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, пред два дена изрази увереност дека многу брзо ќе се обезбеди поддршка за уставните измени.

„Има фрустрации, има незадоволства, но мислам дека како што оди дебатата и се објаснуваат процесите, мислам дека многу бргу ќе стигнеме до точката каде што ќе има поширока поддршка“, изјави Османи во Тетово.

„Ургентни прашања“

Дури и целосно да се отфрлат сомневањата за подготовка на ново „преспанско сценарио“, клучните прашања остануваат без одговор. Од власта тврдат дека измените се прават заради хармонизација со европското законодавство, а од Блупринт групата наведуваат дека во предлог текстот на законот воопшто не е наведено зошто се намалуваат казните и кои се стандардите поради кои се предлага намалувањето.

„Од достапните коресподентни табели во кои е даден преглед на релевантните документи на ЕУ со кои прописот се усогласува, не се спомнати и оценети двете спорни одредби. Дополнително, во предлог текстот на законот како образложение е наведено дека постојат ургентни прашања, кои се појавиле во меѓувреме. За нив се смета дека е целисходно да бидат регулирани за пократок период, бидејќи во секој случај веќе подолг временски период се изработува нов КЗ, што е окарактеризиран како обемен и сложен процес. Кои се овие ургентни прашања не е познато“, посочуваат од Блупринт групата.

Последното харамонизирање на домашното со европското законодавство, ги врати сеќавањата на употребната вредност на „балканското“ поведение од периодот на претходните уставни измени, кога тогашниот еврокомесар за проширување, Јоханес Хан, го посочи рецептот по кој може да се обезбеди мнозинство.

„Станува збор за решение што е во интерес на земјата, а не на партиите и политичарите. И во таков случај, како можат да се обезбедат гласовите? Јас верувам со комбинација меѓу балканското и рационалното“, порача тогаш еврокомесарот.

Промашена динамика

Во однос на динамиката за спроведување на актуелните уставни измени, уште минатата година се издиференцираа две различни позиции. Министерот за надворешни работи порачуваше дека процесот не треба да се одложува и објасни зошто тој не треба да се остави за после избори.

„Моментумот е сега и веднаш. По скринингот треба да се отвори првото поглавје, а помеѓу тоа, требаат уставни измени. Сите што ја знаат проблематиката на ЕУ, знаат дека сега мора да се реагира. Не смееме да создадеме временски јаз меѓу ноември 2023 година (завршување на скринигот, н.з.) и отворањето на првиот кластер. Ако уставните измени се остават после изборите, тогаш изборите ќе бидат само референдум за уставните измени. А не треба да биде така, изборите треба да бидат за избор на влада“, порача Османи лани во октомври.

Но, временскиот јаз остана, бидејќи до летово не се работеше на тоа прашање.

Претседателот Пендаровски лани сметаше дека не треба да се брза со тој процес.

„Имаме 14 месеци скрининг (...) Кога ќе дојде време за крај на тој процес, тогаш ќе прашаме во парламентот - имаме ли сега двотретинско мнозинство? Не би сакал ни случајно, ниту како граѓанин ниту како претседател, да видам процеси слични на усвојувањето на Преспанскиот договор“, порача претседателот лани во октомври.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми