1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Сѐ поголема зависност на Русија од Кина

Миодраг Шориќ
9 март 2023

Вербалниот напад на кинескиот претседател Ши Џинпинг против САД веројатно ја израдува Москва. Зашто, Русија во меѓувреме стана зависна од „стратешкото партнерство“ со Кина, анализира Миодраг Шориќ.

Владимир Путин и Ши Џинпинг во Пекинг, февруари 2022 година
Владимир Путин и Ши Џинпинг во Пекинг, февруари 2022 годинаФотографија: Alexei Druzhinin/AP/picture alliance

Ова е сосема нов тон: кинескиот претседател Ши Џинпинг на маргините на Националниот народен конгрес ги обвини САД дека сакаат да ја угнетуваат неговата земја. Зборуваше за „изолирање“ на Кина, а комунистичкото партиско раководство и својот народ ги предупреди дека Кина е соочена со „предизвици без преседан“. Кина мора „да има храброст за борба“, порача тој. Неговиот министер за надворешни работи Чин Ганг ја предупреди Америка од конфликт со „катастрофални последици“.

Вакви закани би можеле подеднакво да се чујат и од рускиот претседател Владимир Путин. И шефот на Кремљ ја оправдува инвазијата во Украина со борба против НАТО, САД и „колективниот Запад“.  За таквото искривување на фактите Кина јавно покажува разбирање, но не ги прифаќа во целост.

Путин и Ши, со своите 70 и 69 години се речиси врсници. Во изминатите десет години, според медиумите, се сретнале околу 40 пати. Нивниот стил на владеење е диктаторски. Со години се неприкосновени на власт. Постојано како мантра го повторуваат „пријателството“ меѓу двете атомски сили и „стратешкото партнерство“. Путин и Ши не кријат дека го отфрлаат актуелниот светски поредок заснован на правила и дека сакаат да ја скршат наводната хегемонија на Западот.

Москва се врти кон Кина

А сепак, има големи разлики меѓу двете земји. Кина, според БДП, по САД е втората најголема економија во светот и една од најуспешните земји извозници. Руската економија е десетпати помала. Москва со децении живее главно од извоз на суровини. Досега не е спроведена модернизација на земјата. Сметките на Путин за неговиот напад врз Украина очигледно се погрешни - и политички и воено и економски. Обединетоста на Западот и способноста за најкусо можно време во голема мера да се ослободи од зависноста од рускиот гас, нафта и јаглен, го натераа Кремљ да ја преориентира својата економија кон азиските земји, пред сѐ кон Кина. Путин едноставно нема други опции за маневар на тоа поле.

Кина, според БДП, по САД е втората најголема економија во светот, руската економија е десетпати помалаФотографија: daniel0Z/Zoonar/picture alliance

Растечка зависност

Сосема е поинаква позицијата на Кина, која има корист од тоа што е Москва зависна од неа, на пример со тоа што добива руска нафта и гас по многу поповолни услови. Колку подолго трае оваа зависност на Русија од Кина, толку подобро за Пекинг. Кина уште во 2014 година ги поткопа западните санкции против Русија, кои во тоа време САД и Европа ги наметнаа поради руската анексија на Крим, додека Пекинг истовремено успешно го промовираше континуитетот на економските односи со Западот.

Ши не е зависен од Русија. Кинескиот лидер  им се заканува на Американците, но за Пекинг и натаму постои опција да изнајде компромис со Вашингтон.

„Нула-Ковид“ стратегијата на Пекинг го заслабна економскиот раст на Кина во 2022 година, покажуваат официјалите статистики од земјата, но по укинувањето на оваа мерка кинеската економија се стабилизираше. Малку е веројатно дека Ши ќе биде заинтересиран за трговска војна со САД, а како последица на тоа и со Европејците. Пекинг, исто како и Москва претходно, се обиде да „забие клин“ во трансатлантските односи, засега - неуспешно. Конечно, војната во Украина им покажа на Европејците колку зависат од американското лидерство.

Карикатура на Сергеј Елкин: Кинескиот претседател Ши му вели на рускиот претседател Путин: „Што да правиме со тебе?“Фотографија: DW

Тајван може да промени сѐ

Русија и Кина - тоа не е партнерство меѓу еднакви. Ши е доволно паметен да не ги деградира Русите јавно. Тој не дава изјави во кои би се насетила руската економска слабост и зависност. Економистите сметаат дека животниот стандард во Русија во претстојните години ќе опаѓа, меѓу другото и затоа што од почетокот на војната стотици илјади ИТ-експерти ја напуштија земјата. Путин може и да се помири со економската пропаст на земјата, Ши пак и натаму ја следи целта економски да ги стигне и еден ден да ги престигне САД. Нова студија на фондацијата Наука и политика потсетува на посетата во САД од страна на Ши во 2012 година. Тогаш тој зборуваше за „нов тип на релации меѓу големите сили во 21 век“ и дека Америка и Кина треба да бидат рамноправни. Русија не ја спомена во тој контекст.

Во меѓувреме Русија е станата „најважен стратешки партнер на Кина“, вели раководството од Пекинг. Двете земји, како што се додава, ги обединува ист поглед на американскиот антипод. Во однос на позицијата на Кина за војната во Украина во студијата се посочува на мислењето на кинескиот политиколог Јан Шетонг. Според него, Кина може офанзивно да се приклони кон Русија само ако САД со воени средства поддржат прогласување на независност на Тајван.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми