1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се редат дипломатските пазли во Скопје

4 септември 2024

Боцевски е специјален претставник на Владата при унгарското претседателство со Советот на ЕУ. Во Скопје стапија на должност новиот евроамбасадор Михалис Рокас, и бугарскиот амбасадор Жељазко Радуков.

Раздвиженост на дипломатски претставници на релацијата ЕУ-Скопје
Раздвиженост на дипломатски претставници на релацијата ЕУ-СкопјеФотографија: DW/F. Schmitz

Ивица Боцевски е именуван за специјален претставник на Владата на Република Северна Македонија при унгарското претседателство со Советот на Европската Унија, соопшти владината прес служба по вчерашната седница на Владата. Шестмесечното претседавање на Унгарија со Советот на ЕУ почна на први јули, а ќе заврши на 31-ви декември годинава.

Именувањето на Боцевски коинцидира со периодот на интензивирање на економската соработка на Северна Македонија со Унгарија, која премиерно беше најавена од маргините на јулскиот самит на НАТО во Вашингтон. Оттаму премиерот Христијан Мицкоски најави дека РСМ воспоставува „специјална економска соработка" со Унгарија, во која спаѓа договорен заем од 500 милиони евра од Унгарија. Пред два дена, Владата и унгарскиот телекомуникациски оператор „4iG“, кој е една од водечките ИКТ компании и во Западен Балкан, во Скопје потпишаа Меморандум за разбирање, кој претставува основа за долгорочна соработка, ги истакнува можностите за влез унгарскиот опетатор на телекомуникацискиот пазар во РСМ, но и ги идентификува стратешките области за идниот развој на телекомуникациските услуги и инфраструктурата во земјата.

Ивица Боцевски (лево) на средба со поранешниот евроамбасадор во Скопје Ерван Фуере (архивска фотографија)Фотографија: MIA

Законот кој се однесува на заемот од Унгарија поминал на седница на Владата, и според премиерот и наскоро се очекува да се најде пред пратениците кои ќе го имаат последниот збор.

„Откако ќе помине законот во Собранието, министерката за финансии ќе отпатува во Унгарија каде ќе го потпише договорот", најави Мицкоски. Како што беше објавено, половина од тој заем (250 милиони евра) ќе биде наменет за поддршка на домашните компании, а другата половина за проекти на општините.

Дипломатски извори не очекуваат интеграциски пробив на РСМ за време на унгарското претседателство со Советот на ЕУ. На само поради тоа што Бугарија нема редовна влада со која македонската би разговарала за надминување на блокадата на интегративниот процес, туку пред сѐ, што официјална Софија повторува дека „независно дали има службена или со редовна влада, дијалогот не вклучува предоговарање на веќе преземените обврски од Скопје, прифатени со европски консенсус". Во превод, ако РСМ има забелешки, треба да разговара со Брисел.

Муртезани во Брисел

Токму таму од денеска во дводневна работна посета ќе престојува министерот за европски прашања Орхан Муртезани, каде ќе има средби со претставници на повеќе институции на ЕУ. Предвидено е Муртезани да се сретне со еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји, со генералниот секретар на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Стефано Санино и со генералниот директор на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Унијата (ГД НЕАР), Герт Јан Копман. 

Mинистерот за европски прашања Орхан Муртезани, каде ќе има средби со претставници на повеќе институции на ЕУ, меѓу другото и на Еврокомисијата во БриселФотографија: DW/M. Maksimovic

Министерот за европски прашања ќе има средби и со директорката за Западен Балкан во ГД НЕАР, Валентина Суперти, со раководителката на Одделот за Албанија и Северна Македонија при ГД НЕАР, Сигрит Бретел и со постојаниот претставник на Унгарија во ЕУ, амбасадорот Балинт Одор, чија земја е актуелен претседавач со Унијата. Муртезани ќе се сретне и со претседавачот на Комитетот за правни работи (ЈУРИ) на Европскиот парламент, европратеникот Илхан Ќучук, кој во претходниот парламентарен состав беше известувач на Комитетот за надворешни работи за земјава. Според најавата на Министерството за европски прашања, Муртезани со претставниците на ЕУ ќе се разговара за низа теми важни за процесот на пристапување на Северна Македонија во Унијата, со посебен акцент на регионалната стабилност, економската соработка и натамошното усогласување на домашните реформи со европските стандарди. На разговорите ќе стане збор и за можноста за зголемена техничка поддршка за тековните реформи во судството, владеењето на правото и антикорупциските мерки. 

Пристигна новиот евроамбасадор

Муртезани кој во средината на август имаше проштална средба со шефот на Делегацијата на ЕУ во РСМ, Дејвид Гир, му се заблагодари на евроамбaсадорот за неговиот професионален и личен ангажман за време на неговиот мандат и за одличната соработка со Делегацијата на ЕУ во земјава, оценувајќи дека тие биле од исклучително значење за унапредување на соработката во различни области.

Фотографија: Arbnora Memeti

Тој го уверил амбасадорот Гир дека македонска Влада останува посветена на стратешката определба за полноправно членство во Унијата преку спроведување на потребните реформи и пренесување на европските вредности и стандарди во нашето општество.

По заминувањето на Гир, Делегацијата на ЕУ во Скопје вчера на Фејсбук му посака добредојде во РСМ на новиот евроамбасадор, грчкиот дипломат Михалис Рокас. Тој беше официјално номиниран за таа функција во април годинава од Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел. Пред тоа, Рокас бил шеф на Делегацијата на ЕУ во Малезија, а зад себе има 30-годишно искуство во областа на надворешните работи.

Пристигна и новиот бугарски амбасадор

Пред два дена на должност стапи и новиот амбасадор на Република Бугарија во РСМ, Жељазко Радуков, откако во јуни заврши мандатот на досегашниот амбасадор Ангел Ангелов. Радуков бил предложен од претходната министерката за надворешни работи Марија Габриел. На функцијата во Скопје доаѓа од Дирекцијата „Југоисточна Европа“ на бугарското МНР, со претходно искуство во нашата и во други земји од Западен Балкан.

Новиот бугарски амбасадор во Скопје бил предложен од претходната шефица на бугарската дипломатија Марија ГабриелФотографија: BGNES

Во периодот од 2010 до 2013 година Радуков бил трет секретар во Амбасадата на Бугарија во Скопје, а од 2019 до 2021 година бил во бугарската амбасада во Белград. Од 2021 година бил одговорен во бугарското МНР за Република Северна Македонија во билатерален и европски контекст. Во образложението за неговиот предлог, било наведено дека имал клучна улога во креирањето и спроведувањето на Европскиот компромис од 2022 година, како и во билатералните преговори за Протоколот од Вториот состанок на меѓувладината комисија според член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Северна Македонија, потпишан во јуни 2022 година. Тој бил и организациски секретар на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, а активно работел на заштита на правата и културно-историското наследство на бугарската заедница во Северна Македонија.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми