1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се шири истрагата за Онкологија - приведени четири лица

ДТЗ
30 јануари 2024

Поранешен директор на Клиника за онкологија и радиотерапија и тројца вработени, од кои една медицинска сестра, се приведени во вторникот (30.01) во врска со скандалот со цитостатици на Клиниката за Онкологија.

Обвинителство
Се шири истрагата за Онкологија - приведени три лицаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Се шири истрагата околу сомнежите за злупотреба на терапијата со цитостатици на Клиниката за онкологија во Скопје. Поранешен директор на Клиника за онкологија и радиотерапија и тројца вработени, од кои една медицинска сестра се приведени во вторникот (30.01) во врска со скандалот, кој предизвикалавина реакции и протести во земјата. По полициската акција и претресите во болницата, надлежните од Клиниката информираа дека се` функционира нормално и сите закажани прегледи и терапии течат тековно без проблеми. 

Според Јавното обвинителство, претресите се извршени по наредба на јавен обвинител. Детали околу идентитетот на приведените не се соопштуваат.  

Апел да не се создава паника 

Директорката на Клиниката, Виолета Клисарова и организацискиот директор, Халид Матоши денеска изјавија дека Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија работи и функционира нормално.

„Сите закажани пациенти, тековни прегледи предвидени терапии на пациентите, како и прием на нови пациенти функционира нормално. Работат сите амбуланти. Работиме со полн капацитет на Клиниката и затоа замолувам да не се создава паника. Никој од пациентите нема да биде вратен. Сите ќе ја примат предвидената и планираната терапија“, рече таа. 

Сомнежи 

Случајот беше отворен минатата година откако неколку медиуми објавија приказни за наводни манипулации со лековите за тешко болни пациенти на Клиниката за онкологија. Сознанијата беа дека медицински персонал на Клиниката манипулирал со лековите што треба да им се даваат на пациентите, а се споменуваше и дека скапите лекови завршувале на црниот пазар. 

Случајот беше отворен минатата година откако неколку медиуми објавија приказни за наводни манипулации со лековите за тешко болни пациенти на Клиниката за Онкологија. Фотографија: Petr Stojanovski

Тоа предизвика лавина незадоволство кај семејствата на лица болни од рак, но и на оние коишто починале изминатите години од оваа болест. Тие со денови протестираа пред надлежните институции барајќи одговорност од оние кои заработувале на маките на најтешко болните граѓани.

На почетокот од септември минатата година беа извршени претреси на Клиниката за онкологија и во два приватни стана. Притоа беа одземени компјутери и документација, кои потоа беа дадени на анализа и вештачење. Обвинителството во меѓувреме ја ширеше истрагата, бараше помош од Косово и од Албанија, а во постапката за разветлување на скандалот  се вклучија и тројца пациенти. 

Во врска со скандалот, беше формирана и собраниска Анкетна комисија,пред која сведочеа поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, поранешните министри за здравство Венко Филипче, Беким Сали и Никола Тодоров, актуелниот министер Фатмир Меџити, поранешни и актуелни директори на Фондот за здравствено осигурување, како и други лица и функционери. 

Пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата поради несогласувања, излегоа со различни заклучоци. Претседателката на Анкетната Комисија, Рашела Мизрахи, политичка одговорност лоцираше кај ексминистерот за здравство Венко Филипче, ексдиректорите на Онкологија, Никола Васев и Нехат Нухи, поранешната директорка на ДСЗИ, Ирина Сотирова-Бухова, како и ексдиректорите на Фондот за здравство, Стево Крстевски и Фатон Ахмети.

СДСМ, пак, побараа оставка од Мизрахи и апелираа Основното јавно обвинителство итно да ги расчисти сомнежите за злоупотреба на терапија на Клиниката за онкологија како и потенцијалното негативно влијание врз здравјето и животот на пациентите. Комисијата заклучи дека постоеле долгогодишни системски слабости во функционирањето на Клиниката, констатирани и во извештаите на ДЗР за 2021, 2012 и 2008 година. Се констатира дека до 2017 година не била набавувана современа иновативна терапија за лекување на пациентите на Клиниката. Измените со кои се дозволува увоз на лекови без сертификат за квалитет од земји надвор од ЕУ преставувал потенцијална опасност од увоз на лекови со сомнително потекло.  

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми