Се слави Божик: Да ги победиме слабостите
7 јануари 2026
Пораки за љубов, добрина, солидарност, хармонија, спокој, мир, помагање, поткрепа и утеха на сите на кои тие им се потребни - упатуваат граѓаните кои денес го слават големиот христијански празник Божик.
Бадникови поворки и полни црковни храмови низ Македонија
Црковните храмови се исполнети со верници, како што вчера улиците беа исполнети со Бадникови поворки во повеќе градови во државата, во кои учествуваа неколку илјади деца. Во пакет со славеничката атмосфера стигнаа и дебати за секуларноста, доволно за социјалните мрежи празнично да се „загреат“.
Како граѓаните, без разлика дали се верници, ги доживуваат празниците?
Скопјанката Вера П. (69), вели дека барем за миг почувствувала дека не е сама.
„Сама живеам 19 години. Моите деца и внуци не се во Македонија. Кога си сам, четирите ѕидови тежат. Излегов да ја видам Бадниковата поворка, да видам луѓе, да ги видам дечињата. Ним им ја дадов бадниковата пита. Дома немам со кого да ја делам. Пред неколку години внукот од Швајцарија ми рече: ‘Бабо, нема врска што не сме заедно, може да кршиме дигитална пита со паричка.' Тешко ми беше кога го слушнав тоа. Децата, луѓето што вчера ги сретнав, направија барем за миг да почувствувам дека не сум сама", раскажа таа, невешто криејќи ги солзите.
Отуѓеност и рамнодушност
Но, и луѓе кои не се сами, се жалат дека владее отуѓеност во општеството и дека празникот е можност да се испрати порака за поголема сплотеност, разбирање, и милосрдие, кои ќе бидат видливи и по завршувањето на божиќните празници.
„Како сите да се затворени во некој микро свет, засолнети во виртуелни коридори, по цел ден со телефонот во рака. Како да завладеа епидемија од рамнодушност, во која никого не го тангира дали и што му се случува на другиот. Се изгубивме на многу начини како луѓе, како роднини, како пријатели, па и како родители. Секако, има и многу кои држат ‘лекции’ за верата по социјални мрежи, ама со нивни постапки и речникот не покажуваат повpзаност со верските принципи“, вели Петар (32).
Колку Македонците навистина ја практикуваат верата?
Во Македонија има околу 30 отсто уверени православни верници, кои редовно одат на литургија и ги извршуваат сите религиски ритуали - пост, исповед, евхаристија. Атеисти се нешто под 10 отсто, а најголемото мнозинство од 60 отсто го претставуваат традиционални верници. Тие религијата ја поврзуваат исклучиво за обичаите и културните традиции, во црква најчесто одат на големите празници (Божик и Велигден) и не се присутни на литургиите. Во фокусот на празнувањето почесто влегува тоа што се подготвува и ќе се сервира на празничната трпеза, отколку значењето на празникот.
Празнувањето како спектакл, а не како суштина
Поранешниот претседател на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Цане T. Мојаноски, за ДВ вели дека кај нас доминираат манифестните облици на одбележувањето на празниците.
„Како да не се доволно суштински разбрани смислата и значењето на празниците. Како да е материјализирано мислењето на францускиот филозоф Лихтенберг кој рекол дека е 'чудно колку многу луѓе се подготвени да умрат за својата религија, а не се подготвени да живеат според принципите на таа религија'. Што е видливо на преден план? Празнувањето, поточно одбележувањето на верскиот празник, на пример Бадник, Божик, најчесто се манифестира како обид за дефинирање на конфесионалниот идентитет, со поводно посетување на храмовите, со прифаќање практики за кои верските старешини укажуваат дека тоа не е верски обичај (на пример, палење коледарски огнови), манифестирањето 'практики' за 'богата' трпеза, во која преку обилноста и изобилството на храна се манифестира побожноста и верувањето. Споделувањето на верските чувства преку социјалните мрежи, како и други погледи кои, во некои случаи се и антипод на верското учење. Тоа можеби е резултат и на незнаењето“, вели Мојаноски.
Комерцијализацијата на Божик и верските празници
Според него, ваквиот начин на празнување може и да е последица на комерцијализацијата и профитот, според кои, празнувањето се сфаќа како спектакл, како манифестација на парите, богатството и моќта.
„Така, како што Балзак во 'Роднината Бета' ќе запише: 'Незнаењето им е мајка на сите злосторства. Злосторството ѐ, пред сѐ, недостиг на размислување' и ќе продолжи - 'парите, некогаш не беа сѐ; се признаваа вредности над нив. Постоеше благородништво, талент, услуги направени на државата; но, денеска, законот од парите направи основа за сѐ, ги зеде дури и за основа на политичката способност!'“, посочува Мојаноски.
Да извлечеме поука
Празникот е повод за преиспитување – во какво време живееме, како дејствуваме, дали и што почитуваме.
„Живееме во свет во којшто има неправди и беззаконие, каде што не само што не се почитуваат Христовите заповеди, туку и владеат норми најдиректно спротивни на нив. Но, да не дозволиме тоа да ни стане прифатливо и вообичаено. Да не се сообразуваме со овој свет, туку нашиот живот во светот да го сообразиме со Христовите заповеди“, рече во Божиќното послание Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.
„Она што го извлекуваме како поука и што си го задаваме себеси како задача е тоа да ги поправиме нашите пропусти, да ги победиме нашите слабости. Потребно е да сфатиме дека секоја наша постапка носи последици. И мали пропусти можат да доведат до големи несреќи, како што и малите добрини и правилните постапки доведуваат до бројни големи и добри дела. Тоа е така, зашто Господ помага во секое добротворење и кога ги гледа нашите добрина и труд - ги пополнува нашите недостатоци, а доброто дело го доведува до крај“, се вели во посланието.
Честитка од Претседателката
Голем број граѓани присуствуваат на денешната литургија во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“, меѓу кои и премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати Божиќна честитка до граѓаните кои го прославуваат денот на Христовото раѓање, како и до архиепископот г.г. Стефан и до претседателот на Црковното претставништво на Евангелско-методистичката црква, Емил Заев. Таа повика Божиќните празници да нè потсетат на човековата насушна потреба од чинењето добри дела.
„Рождеството Христово, и по повеќе од два милениума, нè вдахновува со неизмерна љубов и бесконечна добрина, хармоничност и мир, потсетувајќи нè на давањето безусловена помош, поткрепа и утеха на сите оние на кои тие им се потребни. И годинава, божиќните празници ќе ја зацврстат нашата вера и надеж и ќе нè потсетат на човековата насушна потреба од чинењето добри дела. Да му се радуваме на животот и да придонесуваме за доброто на заедницата. Да ги отвориме ширум нашите срца за сите ближни, та, така сплотени во соборноста, да ја креираме и градиме благосостојбата на македонското општество“, повика Сиљановска во честитката.