1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се смируваат тензиите во Слупчане

ДТЗ
6 јули 2023

ЕВН е на мака да се справи со должниците во селото, каде ретко кој плаќа сметки за струја. Жители на Слупчане синоќа предизвикаа дефект при обид насилно да ја ввклучат исклучената струја.

Електрична енергија
Екипите на ЕВН подолго време на можат да влезат во селото СлупчанеФотографија: picture-alliance/dpa/S. Tcarnaev

По неколкуте инциденти, се смирува ситуацијата во липковското село Слупчане, каде екипите на ЕВН веќе подолг период се соочуваат со проблеми да интервенираат во мрежата, но и со наплата на сметките за струја. Од ЕВН најавија дека во најскоро време ќе се санира дефектот кој бил предизвикан синоќа, откако ги исклучиле големите должници. Жители на Слупчане потоа ги искршиле катанците и насилно влегле во енергетски објект, обидувајќи се сами да го вратат напојувањето. Дефектот кој го предизвикале остави без струја неколку села во општина Липково. 

Од ЕВН велат дека добиле гаранции од страна на министерот за економија, Крешник Бектеши, кој заедно со градоначалникот на Липково, Еркан Арифи, се договорил со жителите да не ги спречуваат екипите на електродистрибуција да работат и да започнат со проектот за реконструкција на мрежа и поставување  нови мерни системи кои ќе овозможат точно мерење на електрична енергија.

„Сите граѓани мора да плаќаат за потрошената електрична енергија, а Министерството за економија ќе помогне во секоја ситуација каде што има потреба, согласно надлежностите кои ги имаме“, порача министерот Бектеши.

Струја мора да се плаќа

Од Министерството за економија се децидни дека како што беше и случајот со Арачиново и со други населени места, секој граѓанин треба да плати за потрошената струја. „Така функционира и пазарна економија и регулирана економија, бидејќи цената на струјата на електричната енергија е регулирана во нашата земја. Целосно сме посветени загубите да бидат минимални. Од минатата година до сега, со поддршка и на Министерство за економија и другите институции загубите се значително намалени“, вели Бектеши.

Тензии

Тензиите околу неплаќањето струја во селото Слупчанетраат веќе подолг период. Ситуацијата ескалираше во средата (05.07) во вечерните часови, кога екипи на ЕВН ги исклучиле големите должници. Жители на Слупчане потоа ги искршиле катанците и насилно влегле во енергетски објект, обидувајќи се сами да го вратат напојувањето. Дефектот кој го предизвикале остави без струја неколку села во општина Липково. Ваквите манипулации од нестручни лица, според ЕВН, се крајно небезбедни и може да имаат многу трагичен крај со смртни последици. 

Село Оризаре, Ваксинце и Лојане останаа без струја како последица на случувањата во Слупчане. 

Синоќа со запалени гуми и блокади поставени на главниот пат кој води кон кумановското село, жителите на Слупчане се обидоа да ги спречат екипите на ЕВН да влезат и да извршат интервенции. Дефектот на кој требало да се интервенира настанал поради преоптоварена мрежа поради неовластено користење на енергија.  

Немоќни против кражбите на струја 

Екипите на ЕВН постојано се соочуваат со проблеми при интервенции во селото. Жителите на Слупчане и пред еден месец го блокираа пристапот до селото. Компанијата тогаш се пожали дека нивните вработени добиле и закани по животот и побараа полициска асистенција. Градоначалникот на Липково, Еркан Арифи, кадар на ДУИ, тогаш тврдеше дека проблем се сметки за струја стари над 15 години, кои жителите ги немаат платено.

Вкупните годишни загуби поради кражбите во село Слупчане изнесуваат над 1 милион евра, односно околу 6 GWh. Процентуално, 80% од годишната потрошена енергија се краде, а само третина од 20% фактурираната енергија се наплаќа.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми