1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се стега обрачот околу шефот на тајната полиција

ДТЗ
30 октомври 2024

Обвинителството се заинтересира за случајот со Бојан Христовски. Ако се отвори предистрага, ќе бараат докази со меѓународна правна помош од Бугарија.

Обвинителство Скопје
Обвинителството се заинтересира за случајот со Бојан Христовски: Ако се отвори предистрага ќе бараат докази со меѓународна правна помош од БугаријаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Случајот со новиот шеф на тајната служба, Бојан Христовски и дилемите како се стекнал со сертификати, добива пошироки размери. Откако Антикорупциската комисија почна да врши детални проверки на спорната документација, околу расветлувањето на случајот се вклучува и Обвинителството, по допрен глас во јавноста. 

По информациите дека две директорки на јавни установи се осудени на условни казни затоа што приложиле ТОЕФЛ-сертификат издаден од компанијата „Јулија ЦО ЛТД“ од Пловдив, Бугарија, а тоа е од истото место и од истото правно лице од каде што е и серитфикатот на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), опозициската СДСМ бара брза реакција на истражните органи. 

Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, на прес-конференција информираше дека партијата ќе поднесе иницијатива до претседателот на Комисијата за надзор над работата на АНБ, Скендер Реџепи, за свикување на седница на која ќе биде поканет Бојан Христовски, со цел да даде одговори на прашања поврзани со сертификатот по англиски јазик кој го приложил при конкурирањето за директор на Агенцијата. 

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Владата ќе чека мислење од Државната комсиија за спречување на корупција за да одлучи дали ќе го задржи Бојан Христовски на чело на Агенцијата за национална безбедност.

СДСМ: Да не се штити прекршување на законите

Христовски во официјалната биографија навел дека во март 2022 година добил ТОЕФЛ-сертификат за англиски од компанијата „Јулија ЦО ЛТД“ од Пловдив, Бугарија. На 9 октомври годинава, две директорки на јавни установи се осудени на условни казни затвор, бидејќи кога конкурирале за функцијата како доказ за познавање на англиски јазик приложиле ТОЕФЛ-сертификат издаден од истата компанија во ноември и декември 2022 година. 

„За случаите со двете директорки институциите постапиле и не чекале ниту да се изјасни ДКСК, ниту јавно некој да ги повикува, МВР поднело кривични пријави и лицата се осудени. Сега зошто Панче Тошковски не постапува, по ист пример и за исто дело, употреба на исправа со невистината содржина? Зошто МВР нема поднесено кривична пријава за Христовски? Тошковски штити некој што прекршува закон? Или за него партиската припадност на Христовски е карт бланш дека не смее да биде гонет?“, прашуваат од СДСМ. Тие бараат МВР да има исти критериуми и да постапува по закон, неселективно, а не да штити прекршување на законите.

Меѓународна помош од Бугарија

Скопското јавно обвинителство (ОЈО), според извори на сдк.мк, ќе ги испита индициите за фалсификување на уверението за положен ТОЕФЛ испит за познавање англиски јазик на новиот директор на тајната служба, бидејќи по закон овој допрен глас со индиции и можни докази, мора да се провери. Ако Антикорупциската комисија во разумен рок не постапи, односно не ја заврши проверката, ОЈО Скопје нема да ја чека и ќе отвори предмет. Ако сомневањата се основани, тогаш ќе се отвори предистрага и Јавното обвинителство ќе бара докази со меѓународна правна помош од колегите од Бугарија.

Антикорупциската комисија неодамна отвори предмет за именувањето на Бојан Христовски за директор на АНБ, по анонимна претставка дека не ги исполнува условите за да биде поставен на оваа одговорна позиција. 

Именувањето на Бојан Христовски за директор на институцијата задолжена за безбедноста и контраразузнавањето предизвика бројни реакции во јавноста.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми