1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се стеснува кругот за избор на премиер Албанец

ДТЗ
29 ноември 2023

Најистурените кадри на ДУИ еден по еден во јавноста се изјаснуваат дека немаат амбиции за премиерската фотелја. Кој ќе седне на жешкото столче?

Nord-Mazedonien | Politische Führung der DUI | Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Роковите притискаат - се стеснува кругот на кандидати кои би можеле да застанат на чело на техничката Влада,која ќе ја предводи земјата 100 дена пред избори. Со оглед на коалицискиот договор меѓу СДСМ и ДУИ, земјата треба да го добие првиот премиер Албанец кој ќе седне на жешкото столче на крајот на јануари 2024 година.Најистурените кадри на ДУИ еден по еден во јавноста ја отфрлаат можноста да бидат кандидати за премиер Албанец. Најпрво вицепремиерот Артан Груби, а потоа и министерот за финансии, Фатмир Бесими ги отфрлија ваквите комбинаторики. Народниот правобранител, Насер Зибери, потврди дека му била понудена рака за соработка од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, но ја одбил понудата. Меѓу имињата на најсериозни кандидати се споменува и академикот Абдулменаф Беџети, а како мамка беше навестена и можноста Северна Македонија да добие премиерка. 

Преоптоварена агенда 

Министерот за финансии и член на високото раководство на Демократската унија за интеграција, Фатмир Бесими вели дека не размислувал за премиер на техничката влада. Тој потенцира дека во ДУИ има доста кадровски решенија кои може да го направат тоа.

„Во овој период кога сум министер за финансии во време на криза, сум бил свесен за многу предизвици и многу ми е преоптoварена агендата. Ниту сум размислувал, ниту сметам дека во оваа фаза треба да ја извршувам таа задача. Во ДУИ има доста солидни кадри кои може да ја вршат таа функција“, рече Бесими во емисијата „24 Отворено“.

Фатмир Бесими поудобно се чувствува во министерската фотелјаФотографија: Finanzministerium Nordmazedonien

Тој оценува дека темата за премиер Албанец не е само предизборно ветување на ДУИ, туку суштинска инвестиција за градење на државата. „Да се создаде клима на еднакви можности и да се расчисти со сите предрасуди, табуа и стереотипи од минатото. Не е само лицитација на имиња. Но, битна е темата, секој граѓанин треба да знае дека кој и да биде премиер, дури и Албанец, тоа ќе биде за сите граѓани“, рече Бесими. 

„Би било добро жена да е технички премиер“ 

И вицепремиерот за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, на средината на ноември порача дека не се гледа себеси како иден премиер, за потоа да фрли мамец дека би било добро да е дама, госпоѓа. „Ќе видиме, може ќе се изненади јавноста пријатно“, рече Груби, прашан дали за технички премиер може да се очекува жена.

На прашањето кој ќе биде следниот премиер, Груби рече дека согласно коалцискиот договор следниот премиер треба да биде предложен од страна на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Смета дека сите пратеници ќе го поддржат следниот кандидат или ќе ја поддржат следната кандидатка во техничката влада во последните 100 дена од овој мандат.

„Ќе видиме, може ќе се изненади јавноста пријатно“, вели Груби во односта на можноста земјата да добие премиеркаФотографија: DW/P. Stojanovski

Жешко столче 

И Народниот правобранител, Насер Зибери, ја отфрла можноста повторно да биде кандидиран за премиерска функција. На оваа тема разговарал со првиот човек на ДУИ, Али Ахмети.

„Пред 10 дена имав средба со претседателот Ахмети на којашто требаше да разговараме за прашањето за кандидатот за премиер. Тој ги изложи сите можни опции, констелацијата на извештаи на политичката сцена додека ги искажував моите ставови за прашањето за мојот евентуален ангажман. Реков дека не е добро да се напушти оваа институција Народен правобранител во последните три месеци и потоа да не се знае како ќе се одвива нејзината идна активност, со што господинот Ахмети целосно се согласи“, вели Зибери за ТВ21.

Тој во 2020 година беше предложен за кандидат на ДУИ за премиер на Македонија под слоганот Псе јо? (Зошто да не?). 

Народниот правобранител, Насер Зибери, ја отфрла можноста повторно да биде кандидиран за премиерска функцијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Премиерот Димитар Ковачевски во вторникот( 28.11) потврди дека на лидерската средба во Собранието ќе се разговара за датумот за одржување на претседателските и парламентарните избори што треба да се одржат следната година. На праањето дали технички премиер би можел да биде Фатмир Битиќи, Ковачевски рече дека има исклучително високо мислење за него, но оти сепак, се работи за коалициски договор кој треба да се испочитува.

Според коалицискиот договор на  СДСМ и ДУИ од 2020 година, премиерот треба да биде од редовите на албанската етничка заедница. 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ деновиве повторно побара „бришење“ на техничката владаза да спречи функцијата да ја преземе технички премиер од ДУИ, но и од СДСМ и од ДУИ му порачаа дека за тоа е потребен партиски консензус и ја оставија отворена вратата за таквата можност да се реализира од наредните изборни цикуси. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми