Сè што треба да знаете за хуманитарната флотила за Газа
2 октомври 2025
Израел пресретна неколку бродовишто ѝ припаѓаат на Глобалната флота Сумуд, најамбициозната и најголемата поморска мисија досега што се обиде да стигне до Газа.
Флотата од речиси 50 брода со хуманитарна помош исплови од различни пристаништа кон крајот на август. Речиси илјада учесници, меѓу кои и шведската еколошка активистка Грета Тунберг, поранешната градоначалничка на Барселона, Ада Колау и ирскиот актер Лијам Канингем, се наоѓаа на бродовите.
Тунберг беше на еден од десетината бродови што ги пресретна Израел, а како што објавија студентите од белградскиот Факултет за драмски уметности во блокада, на еден од бродовите е и нивниот колега Огнен Марковиќ.
Израелските власти соопштија дека сите активисти на бродовите се безбедни и дека се префрлуваат во Израел. Глобалната флота Сумуд соопшти дека уште многу бродови се на пат кон Газа.
Поморската блокада на Појасот Газа
Сите досегашни обиди од 2010 година ги спречи израелската војска. Израел тврди дека поморската блокада, воспоставена во 2007 година по преземањето на власта во Газа од страна на Хамас, е неопходна за да се спречи да увезува оружје оваа исламистичка милитантна група, која САД, ЕУ и многу други земји ја сметаат за терористичка организација.
Според многу организации за човекови права и невладини организации, блокадата, сепак, претставува колективно казнување, што е спротивно на меѓународното право.
И онака тешката хуманитарна ситуација во Газа дополнително се влоши во речиси двете години војна, која започна со терористичките напади на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година. Претставници на ОН и други изјавија дека Израел во рамките на својата воена кампања извршува воени злосторства, вклучувајќи етничко чистење и намерно изгладнување. Некои предупредуваат на геноцид и глад. Според извештаите, убиени се повеќе од 63.000 Палестинци, меѓу нив најмалку 20.000 деца.
„Активистите се обидуваат да испратат важна порака дека постои итна хуманитарна криза и дека ситуацијата бара спротивставување на израелската политичка одлука да се дозволи оваа опсада и овој глад“, изјави за ДВ Амџад Ираки, набљудувач на израелско-палестинските односи од глобалната непрофитна организација Меѓународна кризна група. „Тоа е независно од тоа дали оваа флота ќе успее да стигне до Газа или не“, додаде тој.
За што служат флотите?
Се проценува дека Глобалната флота Сумуд пренесува околу 300 тони основни потребни средства, како храна, питка вода и лекови. „Стоката од таа флота не ги задоволува потребите на Палестинците во Газа, но привлекува меѓународно внимание кон она што се случува таму“, изјави за ДВ, Нејтан Браун, професор по политички науки и меѓународни односи на Универзитетот Џорџ Вашингтон.
„Уште еден ефект, иако можеби малку помалку значаен, е тоа што на палестинското население му се испраќа порака дека не се заборавени“, рече тој. Браун додаде дека кај Палестинците владее огромно незадоволство, бидејќи сметаат дека меѓународниот поредок заснован на правила по Втората светска војна важи за другите, но не и за нив.
Во меѓувреме, европската критика кон израелската војна во Газа станува сè погласна. Функционери во Шпанија, Франција, Словенија и други земји ја нарекоа израелската хуманитарна блокада „неподнослива“. „Се смета дека Израел во војната во Газа намерно предизвикува глад, што би било јасно воено злосторство“, изјави Браун за ДВ. „Растечкиот јаз меѓу поддржувачите на израелската политика и нејзините критичари е нешто на кое оваа актуелна флота сака да сврти поголемо внимание“, заклучи тој.
Израел ги отфрла критиките. „Израелската влада тврди дека дозволува да влезе доволно храна, дека она што поминува го краде Хамас, дека флотите се само медиумски трик на луѓе што го мразат Израел и дека ова е единствениот конфликт во кој се очекува една страна да ја храни другата“, рече Браун.
Тој додаде дека тоа гледиште го повторувале и американски дипломати. Американскиот претседател Доналд Трамп и понатаму е цврст поддржувач на политиката на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кон Газа.
Што се случи со другите флотила?
Во 2008 година, една година по преземањето на власта во Појасот Газа од Хамас, неколку флоти успеаја да пристигнат во Газа, бидејќи Израел сè уште не ја спроведуваше целосно својата поморска блокада. Сепак, од средината на 2009 година Израел почна да ги пресретнува сите бродови и го ускрати натамошниот пристап до Газа по море. Од 2010 година ниту една флота не успеа да стигне до Газа.
Израелските сили на 31 мај 2010 година ги застанаа шесте цивилни брода на „Флотата на слободата за Газа“,што стана познато како нападот на Мави Мармара. Израелските сили отворија оган врз турскиот патнички брод, убивајќи десет турски про-палестински активисти. Израелската морнарица подоцна тврдеше дека делувала во самоодбрана, но акцијата предизвика широки меѓународни критики. Дипломатските односи меѓу Израел и Турција се влошија сè додека Израел во 2013 година не издаде официјално извинување, а во 2016 година се согласи да плати 20 милиони долари (17,4 милиони евра) обесштетување на семејствата на жртвите.
Иницијативата од 2011 година под назив „Флота на слободата II“ никогаш не исплови од Грција поради комбинација на политички притисоци, технички саботажи и правни пречки. Како последица на израелскиот притисок, Грција им забрани на флотилите заминување кон Газа, наведувајќи безбедносни и дипломатски причини.
„Флотата на слободата III“ под шведско знаме, која превезуваше активисти, пратеници, новинари и јавни личности од повеќе од 20 земји, беше пресретната од израелските сили на 29 јуни 2015 година на околу сто милји од Газа. Израелските сили се качија на некои од бродовите, додека други се вратија назад. Според извештаите, израелската морнарица користела електрошокери за време на операцијата.
Во октомври 2016 година и „Женскиот брод за Газа“, кој превезуваше активистки, исто така беше пресретнат од израелските сили пред да стигне до Газа.
Во 2018 година израелските поморски сили пресретнаа и запленија два брода од флотата Just Future for Palestine. Според сведочењата на некои патници, израелските сили нападнале дел од активистите, кои потоа биле депортирани од Израел.
Две флотили што испловија порано оваа година, како и актуелната „Глобална флота Сумуд“, се опишани како мисии на „Флотата на слободата“. Грета Тунберг веќе учествуваше во мисијата „Мадлин“, која исплови во јуни. Таа беше уапсена откако израелските сили го пресретнаа бродот, а подоцна беше депортирана заедно со другите.
Во јули активистите од мисијата „Хандала“ беа уапсени откако нивниот брод беше пресретнат и запленет во меѓународни води кај Газа.