Пратениците се на одмор, голем дел од министрите исто така. Во август земјава наликува на затворен гранап, во чиј излог стои сворерачно напишана порака „се враќам наскоро“.
Впечатокот е дека никој не брза да се врати. И дека никој не се откажува од одмор, небаре околностите се поволни и вообичаени, а не затишје пред налет на разни бури, која од која поразорна.
И во Бугарија е сезона на летни одмори, ама премиерот на привремената влада, Николај Милков, најави декаќе се подготвува писмен документ кој ќе ги дефинира задачите на различни институции за сѐ што треба да се направи во односите со Северна Македонија. Целта е да се постигне систематски пристап, јасно да се утврдат задачите и одговорностите, за да може да се очекуваат и резултати.
Според Милков, приоритет на Бугарија „е вo никакoв случаj да не отстaпува од постигнатиoт пробив“, бидејќи прашањето не е решено само со прифаќањето на францускиот предлог од двете страни, туку треба да се работи на „откривање можности“ за решение.
Ваквиот пристап, во време кога Бугарија веќе темелно ги заштити сите нејзини интереси во преговарачката рамка, (за разлика од РСМ) е уште една потврда дека институциите таму се сериозно посветени на нивната работа, без оглед што во овој период и тие се натоварени со прашањата на актуелните кризи, но и со дополнителни обврски за организирање на следните избори.
За разлика од нив, кај нас владее „мирно море“. Не е тешко да се погоди дека стратегијата на Софија повторно ќе нѐ затекне изненадени и со прстот в уста. Овде не постои ни идеја за таков вид пристап, а камо ли за конкретни чекори во подготовка на нашите институции за начинот на кој ќе се водат и операционализираат билатералните обврски во практика, а без да се отвори нов простор за асиметрија на наша штета.
Но, ова не е единствениот пример каде што може повторно да се изгориме, заради нетемелност. Владата најавува концепт за даночна реформа, која би се спроведувала етапно, а ќе ѝ претходи обемна јавна дебата. Но, дури и самата најава на даночна реформа може однапред да произведе одедени неповолни дејства, ако не е добро обмислена, и ако во неа не бидат реално препознаени заложбите „за правично оданочување“. Третирањето на ова многу чувствително прашање во еден, уште почувствителен момент, и низ сомневања дека товарот пак ќе падне на сиромашните, а не на богатите, може да произведе нов бран на заминувања од земјата.
Особено што најавата се совпаѓа со една друга најава - дека од септември граѓаните на Србија, Северна Македонија и Aлбанија преку „Oтворен Балкан“ ќе можат да пристапат на единствен пазар, односно да се вработот во која било од трите земји, без никакви бариери и посебни работни дозволи. Ваквиот слободен пристап до пазарот на труд, кој беше овозможен со соодветни договори на трите земји, се очекуваше да започне во јуни, но по мало доцнење сепак ќе профункционира.
Во соседна Србија веќе неофицијално се прогнозира дека таму ќе се слее огромен број на работници од соседството - градежници, заварувачи, угостители, туристички работници, медицински сестри, лекари и други кадри, но и сезонски работници, кои би биле привлечени таму од повисоки плати, а не сакаат да мигрираат подалеку од соседството.
Како адут се спомнува и работата во тамошните меѓународни компании, кои имаат потреба од стручни кадри, а од нив има недостиг во Србија. Во тој контекст, секој впечаток за нова даночна неправедност, може да мотивира за заминување. Не поради тоа што некој не сака да го плати својот „фер дел“, туку затоа што праксата покажа дека остануваа реално нечепнати оние со профити, исто како и нивните бројни, често неевидентирани имоти, и дека товарот пак ќе падне врз оние со најплиток џеб.
Неопходноста од даночна реформа е неспорна, но таа треба да биде и праведна и добро аргументирана. Во спротивно, во еден сегмент може да резултира со компензирање на работна сила за соседството, и да предизвика овде уште поголем недостиг на кадар, особено во сфери во кои и досега беше дефицитарен.
За да не биде ова лето уште пожешко, а есента пеколна, не е нужна само даночна реформа, туку и комлементарен сет од мерки, кои би превенирале таков одлив, не само поради невработеност или нови даноци, туку и поради севкупната атмосфера на поделби, поради недовербата дека овде нешто системски се работи и се мисли на утре.
Почетниот пример со Бугарија е само еден сигнификатен сегмент. Сите други сфери, во кои во моментов не се работи доволно, соодветно и врз база на длабински анализи, може да станат погонско гориво за регрес, а не за прогрес. И да потврдат дека проблемот не е само во „францускиот предлог“, туку во континуираниот недостиг на обмислен „македонски предлог“ за нашите домашни работи.