1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Се заострува конфликтот меѓу Израел и Хезболах

СН/агенции
28 декември 2023

Армијата на Израел води сѐ пожестоки борби со Хамас во Газа. Се интензивира и размената на оган со шиитската милиција Хезболах во Либан. Загриженоста од проширување на војната на Блискиот Исток е сѐ поголема.

Израелски тенк на позиција на границата кон Либан
Израелски тенк на позиција на границата кон ЛибанФотографија: Ayal Margolin/Jini via XinHua/dpa/picture alliance

Израелската војска денеска ги засили нападите врз најголемиот град на југот во Појасот Газа и бегалскиот камп во централниот дел на палестинската територија.

Портпаролот на израелската армија Даниел Хагари изјави дека бомбардирањето на бегалскиот логор трае веќе три дена и дека уште една бригада е распоредена во Кан Јунис, кој се наоѓа во центарот на жестоките улични борби.

Тој навести и можно „ширење на конфликтот на север“ долж либанската граница, каде што не престанува размената на оган меѓу израелската армија и екстремистите на Хезболах од почетокот на војната во Појасот Газа.

Во обиколка на границата во средата, началникот на израелскиот Генералштаб Херзи Халеви рече дека војската на Израел  „одобри планови за различни непредвидени ситуации“ и дека треба да биде подготвена за напад.

Претходно, израелскиот министер за надворешни работи Ели Коен изјави дека лидерот на либанската милитантна група Хезболах, Хасан Насралах, може да биде следната цел на Израел.

Израелскиот министер за надворешни работи, Ели КоенФотографија: Petros Karadjias/AP Photo/picture alliance

Коен го изјави ова еден ден по нападот на Хезболах во кој беа ранети 11 лица во северен Израел.

Хезболах, поддржан од Иран, го напаѓа Израел со ракети од почетокот на војната со Хамас на 7 октомври, поради што повеќе десетици илјади Израелци се принудени да се евакуираат од пограничната област.

За време на обиколката на границата со странските амбасадори, Коен рече дека лидерот на Хезболах, Хасан Насралах, „мора да разбере дека тој е следниот“.

Тој додаде и дека Хезболах мора да го почитува примирјето од 2006 година, со кој групата се повикува да се повлече од пограничната област.

„Ќе работиме на тоа да решиме сѐ по дипломатски пат, ако не успее, сите опции се на маса“, рече Коен.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми