Седум загинати во несреќа со шверцерско возило во Баварија
13 октомври 2023Најмалку седум лица загинаа во тешка сообраќајна несреќа во текот на ноќта, во која учествуваше осомничено шверцерско возило на автопатот 94, во германската покраина Баварија. Комбето, кое било преполно, односно имало повеќе од 20 патници, доживеало несреќа додека бегало од полициска контрола. Според полициски наводи, неколку други патници биле повредени, од кои дел сериозно. Меѓу жртвите има и деца.
Според полицијата, возилото, кое од исток возело кон Минхен, требало да биде проверено од страна на сојузната полиција. Возачот потоа нагло забрзал и комбето околу 03:15 часот кај излезот Ампфинг/Валдкрајбург во горна Баварија излетало од патот и се превртело. Отворена е истрага за убиство.
На местото на несреќата дошле голем број спасувачи и пожарникари. Повредените се пренесени во блиските болници. Автопатот беше целосно затворен во правец на Минхен. Патот беше привремено затворен и во правец на Пасау.
Излезот Ампфинг/Валдкрајбург е на околу 50 километри од границата со Австрија. Според информациите од сојузната полиција и баварската гранична полиција, бројот на регистрирани неовластени влегувања во Германија се зголемува со месеци. Пред само неколку дена, осомничен шверцер со четири лица во автомобилот побегна од сојузната полиција во близина на Бургхаузен и предизвика сообраќајна несреќа во која имаше двајца тешко повредени.