1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Шефот на Пентагон бил хоспитализиран поради рак

ЖА
10 јануари 2024

По повеќедневни шпекулации зошто американскиот министер за одбрана е во болница, Остин јавно ја објави дијагнозата на рак. Долгиот период на неизвесност е критикуван, дури ни претседателот Бајден не бил информиран.

Американскиот министер за одбрана Лојд Остин
Американскиот министер за одбрана Лојд ОстинФотографија: Violeta Santos Moura/REUTERS

По неколкудневни нагаѓања за неговото здравје, американскиот министер за одбрана Лојд Остин јавно објави дека има  рак на простата.  Болеста е откриена  во рана фаза,  а прогнозата за закрепнување е „одлична“, соопшти одговорната клиника во близина на главниот град Вашингтон. Поради компликации по операцијата на крајот на декември, 70-годишникот морал да се лекува во болница од почетокот на годината. Хоспитализацијата предизвика возбуда, бидејќи Министерството првично не ја објави веста.

Пентагон ја брани информациската политика

Пентагон синоќа ја бранеше процедурата. „И покрај распространетоста на ракот на простата, дискусиите за превенција, третман и поддршка често се многу лични и приватни“, рече портпаролот на Пентагон, Пат Рајдер, на прашањето за доцнењето во јавното обелоденување. Останува нејасно како болеста влијаела на работата на Остин. На пример на негови патувања и други јавни настапи. Се очекуваше заменик-секретарот за одбрана Кетлин Хикс да преземе дел од неговите секојдневни обврски додека тој закрепнува.

Претседателот Џо Бајден исто така не бил информиран

Остин е критикуван поради нетранспарентната политика на информирање. Претседателот Џо Бајден дури во вторникот дознал дека неговиот член на Кабинетот е болен - околу еден месец по дијагнозата. „Никој во Белата куќа до утринава не знаеше дека министерот Остин има рак на простата“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност. Ненадејната хоспитализација на Остин на 22 декември била неопходна заради операција поради ракот, според неговите лекари. Ден по операцијата, 70-годишникот заминал дома. Но, на 1 јануари се пожалил на мачнини и силни болки во стомакот, колковите и нозете поради инфекција на уринарниот тракт. Затоа е вратен во болница. Претседателот првично не бил воопшто информиран за овие случувања, иако Остин и Бајден зборувале телефонски во саботата. Истиот ден, министерот даде јавна изјава во која призна дека можел подобро да ја информира јавноста за неговата хоспитализација и дека во иднина ќе го подобри пристапот. Сепак, тој во телефонскиот разговор не му кажал на Бајден дека има рак.

Белата куќа реагира веднаш

Белата куќа во вторникот ги заостри насоките за отсуствата на министрите. Шефот на кабинетот на Бајден, Џеф Зинтс, им порачал на членовите на Кабинетот дека мора да ги достават ажурираните постоечки прописи во случај на отсуство на раководството на министерствата до петок. Тој бара да биде информиран доколку министрите не можат да ги извршуваат своите службени должности. Портпаролот на Пентагон како причина за доцнењето помеѓу приемот во болница на Остин и известувањето до Белата куќа го навел заболувањето од грип на член на персоналот.

Неколку републикански пратеници побараа разрешување на министерот за одбрана. Републиканецот Мајк Роџерс, претседател на Комитетот за вооружени служби на Претставничкиот дом, отвори истрага за настаните. Белата куќа објави дека претседателот Бајден стои зад Остин. Според лекарите, ракот бил откриен за време на рутински преглед на почетокот на декември. Бидејќи е рано откриен, Остин има одлични шанси за закрепнување.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми