1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Шефот на Пентагон телефонски разговарал со рускиот колега

ЖА
26 јуни 2024

За прв пат од март 2023 година, министрите за одбрана на Русија и на САД разговарале телефонски. Една од темите била војната во Украина. Во меѓувреме, Москва и Киев повторно разменија заробеници

Американскиот министер за одбрана Лојд Остин
Американскиот министер за одбрана Лојд Остин Фотографија: Kevin Wolf/AP Photo/picture alliance

Американскиот министер за одбрана Лојд Остин телефонски разговарал со неговиот руски колега Андреј Белоусов, што е еден од ретките контакти. Остин смета дека е важно да се одржи комуникацијата со оглед на руската агресорска војна во Украина, изјави портпаролот на Пентагон, Пет Рајдер. Тој не соопшти повеќе детали за телефонскиот повик. Иницијативата за разговорот дошла од Остин.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека двете страни размениле мислења за војната. Во врска со испораките на американско оружје за Украина,  Белусов укажал на зголемениот ризик од ескалација во земјата. Се разговарало и за други прашања, но ни руската страна не соопшти никакви детали.

Тоа беше првиот разговор меѓу министрите за одбрана на двете земји од 15 март 2023 година. Во тоа време, во Русија сè уште на функцијата министер за одбрана беше Сергеј Шојгу.

Последниот разговор уследи по заканата од Москва по украинскиот ракетен напад врз градот Севастопол на Крим, анектиран од Русија. „Се подразбира дека директното учество на САД во воени дејства, како резултат на кои се убиени руски цивили, не може да остане без последици“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков. Тој  ги обвини Американците  дека ги обезбедиле проектилите за нападот.

Во меѓувреме,  Украина и Русија ослободија по 90 војници во повторна размена на воени заробеници. „Нашите луѓе се дома“, напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски на Х додавајќи дека се работи на ослободување на уште затвореници. Зеленски - како и руската страна - им се заблагодари на Обединетите Арапски Емирати за посредувањето. Русија исто така го потврди ослободувањето на 90 свои војници.

Разговорите за размена на воени заробеници се меѓу последните преостанати контакти меѓу конфликтните страни. Според рускиот претседател Владимир Путин, бројот на руски војници во украинско заробеништво бил 1.348 на почетокот на овој месец. Бројот на украински воени заробеници на руска страна, сепак, е повеќе од 6.000, рече тој.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми